АЛБАНИЈА СО РЕЗОЛУЦИЈА ПРОТИВ ЛАЖНИТЕ ВЕСТИ ОД РУСИЈА

By ноември 8, 2019 ноември 15th, 2019 EXPERT ANALYSIS

Албанското парламентарно мнозинство предложи нацрт-резолуција за борба против лажните вести кои што влијаат на изборните и демократските процеси во државата во целина. Во овој документ којшто Претседателот на парламентарното мнозинство Таулант Бала го достави во Собранието на 29-ти октомври годинава, експлицитно се наведува дека Русија е извор на лажните информации и пропаганди во Албанија, и дека влијае и во изборните процеси.

“Треба да се крене свеста за кампањите за дезинформации од Русија, бидејќи оваа држава е главен извор на дезинформации во регионот, Европа и пошироко„ – стои во еден дел од нацрт – резолуцијата.

Албанските пратеници во овој документ навеле неколку предлози со кои што борбата против надворешните влијанија би се кренала на институционално ниво. Еден од предлозите е да се направи подетална контрола на финансирањето на невладините организации и политичките партии.

“Институциите кои што се надлежни, да подготват соодветни постапки за транспарентност и ревизија на финансирањето на политичките партии и организации, вклучувајќи ги тука и надворешните финансирања. И да преземат чекори за законски измени во оваа насока„ – се вели во документот потпишан од парламентарното мнозинство.

Другите предлози се да се работи и на едукација на младите во училиштата за препознавање на лажните вести и нивно отфрлање. Но и на медиумската едукација на целокупното население.

Се предлага посебен закон за третирање на хибридните закани, вклучувајќи ги хакерските напади на интернет и дезинформирањето. Се бара да се затвораат порталите и профилите на социјалните мрежи кои што имаат за цел нарушување на демократските процеси и поттикнување омраза и нетрпеливост.

Се предлага и посовремен систем за борба со лажните вести, или „Task Force“, или пак зајакнување на информатичките можности на постоечките институции за борба против лажните вести.

Рускиот амбасадор во Тирана: Обвинувањата кон Русија се лажни 

Рускиот амбасадор во Албанија Александар Карпушин пак сите овие тврдења на парламентарното мнозинство ги смета како лажни и бара докази за тврдењата дека Русија се меша во случувањата во Албанија. На 30ти октомври, Карпушин излезе со реакција:

„Секогаш кога сте не обвинувале за мешање во внатрешните работи на Тирана ние сме очекувале со нетрпение да видиме докази. Но, нашите албански пријатели никогаш не изнесоа докази. Жално е што албанските власти измислуваат митолошки истории за да ги оправдаат моменталните „препукувања“ во внатрешната политика, од која што ние стоиме многу далеку„ – напишал рускиот амбасадор во Тирана.

 

Ферикан Илјази

Leave a Reply

Share via
Copy link