БЕЗОБРАЗНО ЛАЖНА ВЕСТ СО РАЗОРЕН ОПСЕГ НА СПОДЕЛУВАЊЕ НА СОЦИЈАЛНИТЕ МЕДИУМИ

На 07.05.2019  се појави лажна вест  дека Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија си заминува од својата позиција.

Според порталот магазин.мк, министерот ќе ја напушти земјава и ќе замине на ново работно место. Порталот чија лажна вест е дека Димитров заминува на ново работно место како советник и аналитичар во „Брукингс Институтот“ во Вашингтон се повикува на дипломатски извори. Лажната вест ја презедоа и други портали, но дел од нив, подоцна ја избришаа.

Оригинална статија
Архивирана статија

Оваа лажна вест беше објавена и на следниве портали: Republika.mk, Markukule.mk (подоцна избришана), Lider.mk, News24.vip (подоцна избришана), Skopje24.mk (подоцна избришана), Denesen.mk (подоцна избришана).


Истиот ден на порталот Инфомакс се појави статија која е со различен наслов, но е во ист контекст.

Покрај порталите кои ја објавија оваа лажна вест во нејзиното ширење се вклучија и социјалните мрежи. Статииите кои беа објавени на порталите беа споделени во повеќе групи на Фејсбук, во продолжение Ви приложуваме докази во вид на слика.

Статијата од порталот Инфомакс на социјалните мрежи е споделена 320 пати, има 881 коментар и 1.606 емотикони. Со ова вкупните интеракции на Фејсбук се 2.807.

Статијата од порталот Магазин на социјалните мрежи е споделена 277 пати, има 768 коментари и 1.207 емотикони. Со ова вкупните интеракции на Фејсбук се 2.252.

Статијата од порталот Република на социјалните мрежи е споделена 105 пати, има 312 коментари, 426 емотикони, со што вкупните интеракции на Фејсбук се 843

Статијата од порталот Mаркукуле на социјалните мрежи е споделена 104 пати, има 151 коментари, 170 емотикони, со што вкупните интеракции на Фејсбук се 425

Во продолжение можете да видите слики од дел од групите на кои беше споделена оваа лажна вест.

Она што е симптоматично е тоа што споделувањето на Фејсбук групите на сликите погоре, очигледно е добро оркестрирано затоа што сите споделувања се со временска разлика од само неколку минути,  во зависност од тоа од кој портал се споделува статијата.

Еве Ви и еден школски пример прикажан низ слики за тоа како функционира ширењето на дезинформациите на социјалните мрежи. Станува збор за споделувањето на статијата од Фејсбук групата Пелагонија, која за рекордни 4 минути е споделeна 34 пати.

Покрај превземањето на оваа лажна вест, загрижуваат и коментарите. Во коментарите во постовите на фејсбук групите може да се прочита како министерот и неговото потесно семејство е навредувано и омаловажувано, прикажан е како американски шпион, дури се посакува и негова смрт.

Поради експлицитноста и вулгарниот речник користен во скоро секој коментар, во прилог Ви прикажуваме слики со коментарите на само мал дел од групите на кои е споделена лажната вест.

Разобличување на лажната вест

Во овој случај, станува збор за класична лажна вест, бидејќи Министерството за надворешни работи ја демантираше оваа шпекулација.

Кабинетот на Никола Димитров, веста и шпекулациите дека министерот за надворешни работи повеќе нема да биде шеф на македонската дипломатија и дека се договорил да работи во САД, ги оценија како „безобразно лажни“.

Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија извести дека поднело жалба за објавените невистини во новинарски текстови до Советот за етика во медиумите.

Како од Министерството за надворешни работи, демант пристигна и од „Брукингс Институтот“ кој беше објавен на порталите: Република, Нетпрес и други.

Сепак, останува констатацијата дека со ширењето на лажната вест на социјалните мрежи, опсегот на влијанието и штетата од истата се непроценливи.

Медиумите мора да известуваат професионално, согласно начелата на новинарството. Јавноста не смее да биде цел на шпекулативни наративи и неточно информирање.

Како еден од носителите на Преспанскиот договор, формата на овој напад врз Министерот Димитров добиваат димензија на напад врз евро-атлантските интеграции на Република Северна Македонија. Дополнително, текстот се повикува на поранешната помошничка американски државен секретар, Викторија Нуланд, која сега е дел од престижниот Брукингс Институт. По дефиниција, ваквиот начин на презентирање на факти и состојби во корист на манипулирање и лажење на јавноста, претставува дезинформација и лажна вест.

F2N2 останува доследна на своите заложби за правилно и вистинито информирање на јавноста посебно во областа на евро-атлантските интеграции на Република Северна Македонија.

*Податоците презентирани во оваа анализа се собрани со користење на Crowtangle како и други opensource алатки.

Leave a Reply

Share via
Copy link
Powered by Social Snap