ВЕЛИЧЕЊЕТО НА НАСИЛСТВО НЕ Е НОВИНАРСКИ СТАНДАРД

By декември 13, 2019 март 25th, 2020 F2N2 ANALYSIS

На 08.11.2019 порталот Република  пренесе содржина под наслов „Џентлменска тепачка: Го претепа, ама не дозволи да го убијат“. Во пораката  над самиот наслов стои: „Не потценувајте ги слабите иако сте двојно покрупни“. Текстот се однесува на настан од Казакстан и е поткрепено со видео кое содржи насилство.

На 07.11.2019 порталот Лидер пренесе содржина во кој информира: „Градоначалничка на мал град во Боливија беше нападната од опозициските демонстранти кои ја влечкаа низ улиците боса, ја полија со црвена боја и насилно и ја исекоа косата.“. И во овој случај, содржината е поткрепена со насилна содржина.

Претставувањето на насилството како сензација или занимливост, без разлика на учесниците е спротивно на член 10 од Кодексот на новинари, според кој:

„Новинарот нема свесно да создава ниту преработува информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и дискриминација по која било основа (национална, верска, расна, полова, социјална, јазична, сексуална ориентација, политичка…).“

Медиумите имаат силно влијание при процесот на информирање. Овој процес не е ослободен од одговорноста кога се пренесуваат информации, особено пред младата публика. Новинарите како медиумски работници мора да изнајдат соодветен начин за пренесување на информации во случаи на незгоди, трагедии или ситуации во кои постојат сцени на насилство. Ваквите содржини не само што треба да бидат ослободени од сензационалистичкиот пристап во пренесувањето на информацијата, туку треба да се внимава и во поглед на приказот на материјалите кои содржат експлицитни сцени кои вклучуваат насилство, како и самите пораки кои ги следат тие содржини.

При проверката на содржините кои ги анализиравме, тимот на Ф2Н2 никаде не најде предупредување дека пренесениот видео материјал содржи насилна содржина, ниту пак најдовме опција за заштита на малолетните лица.  Во пренесувањето на овие содржини, не пронајдовме ни кој е интересот на јавноста во земјава за двата случаи. Ваквите содржини, понатака се преземаат на социјалните мрежи и во коментарите забележуваме навивачка реторика, воодушевување и величeње на насилство.

Медиумите  мора да бидат многу внимателни. Професионално неодговорно е медиумите да одобрат, прифатат, пренесат или величаат наратив кој содржи или поттикнува насилство, со цел поттикнување интерес за посетеност, читаност, слушаност или гледаност.

Leave a Reply

Share via
Copy link