ВО ПОТРАГА ПО ИНФОРМАЦИЈАТА

By септември 20, 2019 EXPERT ANALYSIS

Пред многу години кога првпат почнав да користам интернет, веројатно кон крајот на деведесеттите години, едноставно бев фрапиран од практично бескрајните информации до кои имав пристап. Не можев да престанам да читам. Читав се на што ќе наидев. И тоа како да не беше доволно, често го печатев сето тоа што го гледав на монитор – нели за секој случај да го имам.  Одеднаш, не морав нужно да одам во библиотека за да побарам нешто, не морав да позајмам и  купувам нешто. Едноставно се ми беше на дофат. Бев незаситен, мислев дека сега дојде време да ги осознам сите вистини. Понекогаш дури и имав чувство на вина дека “премногу барам од Google“.

Иако бев воспитан да не верувам на се што ќе прочитам, морам да признаам дека понекогаш предизвикот беше огромен. После толку часови поминати на интернет едноставно не можев да разликувам кои се релевантни извори на информации, што е вистина, а што фикција. Често останував многу збунет, загрижен и разочаран. Тогаш мојата конфузност ја оправдував со моето скромно искуство и незнаење. Денеска после толку многу време, искуство, наредени дипломи и акумулирани знаења сепак морам да признам дека ништо важно не се променило од овој аспект, а тоа што сум го доживеал сега си има и име, се викало технострес.

Промптното споделување на информации преку интернет несомнено е корисно за сите нас како индивидуи, но и како цивилизација. Едноставноста во објавувањето на информации преку интернет дава можност истиот да се злоупотреби. Било кој може да измислува приказни кои многу често изгледаат идентични со тие од современото новинарство. Многу често тие се дизајнирани навидум да ни бидат од корист и секако да го одвлечат нашето внимание. Таквите содржини лесно ја поттикнуваат љубопитноста на читателот. Реалноста ја ограничува количината на вистинити приказни, но нашата имагинација може да биде неограничена.

Имаме впечаток дека лажните вести, алтернативните „факти“ и дезинформациите стануваат сè почести појави во јавниот дискурс. Не знам дали тоа е така затоа што сега сме посвесни за нивното постоење и употреба, или само сме алармирани и вознемирени од нивната моќ. Лажните вести  како појава стануваат многу присутни, популарни и истовремено многу опасни. Иако многу актуелни во последно време, лажните вести не се нова појава, постојат докази дека лажните вести влијаеле на берзите уште од 1803 година. Цели индустрии во минатото се имаат издигнато врз основа на лажни вести. Но сепак, во денешни социо-економски услови и во комбинација со употребата на напредната технологијата нивното влијание е огромно.

Општ е впечатокот дека станавме општество во кое успехот се мери по бројот на лајкови, кликања и споделувања. Ова преставува одлична основа за појава на овие вести. Формулата е едноставна: сензационален, скандалозен наслов, плус лажна информација еднакво на профит. Употребата на лажните вести станува популарна и од комерцијален и од политички аспект. Многу лесно се креира и споделува лажната вест, а многу е тешко истата да се идентификува како таква. Едноставно креаторите на лажните вести, за разлика од професионалците, не мораат ниту да истражуваат, ниту да дадат аргументи, па така со леснотија продуцираат лажни вести. Од една страна тоа овозможува енормна продукција која ја затрупува вистинската информација, а од друга страна може бескрајно да се повторуваат дури и тогаш кога ќе бидат аргументирано оспорени.

Развојот на демократијата и подобрувањето на квалитетот на живеење преку примена и ширење на знаењето е суштински загрозено од овој нов вид оружје – лажните вести. Се разбира дека слободата на изразување и на медиумите се неопходни за демократија, но за демократијата да биде одржлива и функционална не е доволно само граѓаните да бидат активни и вклучени во процесите туку истите мора да бидат и добро информирани. Само соодветно информирана индивидуа може да донесува квалитетни одлуки базирани на знаење. Неинформираната или погрешно информираната јавност не може донесува разумни и одлуки, да учествува во општествениот живот и да врши контрола на власта.

Лажните вести не само што ќе нè измамат, туку ја поткопуваат нашата доверба во легитимните и релевантни извори на вести. Се појавуваат безброј портали без редакција, текстови без автор. Овие “медиуми“ ни даваат погрешна перцепција за “медиумски плурализам“,и не функционираат врз принципите на новинарството. Тие направија огромен чекор напред за да бидат што поприсутни меѓу читателите, со наплив на информации, но во повеќето случаи остануваат далеку од основните принципи на современото новинарство.

Слободата на изразување се состои од слободата на мислење и слобода на искажување на мислењето и има извесни ограничувања (на пример говорот на омраза, навреда). Човековите права и слободи имаат јасна граница – правата и слободите на другиот. Слободата на говор ја вклучува и културата на говор односно да ги штити основните човекови вредности. Во таа насока и Членот 10 од Европската конвенција за човековите права во кој е содржана слободата на изразување вели: Остварувањето на овие слободи, коешто вклучува обврски и одговорности, може да биде под одредени формалности, услови, ограничувања и санкции предвидени со закон, кои во едно демократско општество претставуваат мерки неопходни за државната безбедност, територијалниот интегритет и јавната безбедност, заштитата на редот и спречувањето на нереди и злосторства, заштитата на здравјето или моралот, угледот или правата на другите, за спречување на ширењето на доверливи информации или за зачувување на авторитетот и непристрасноста на судството. Значи, човековите права не се ниту апсолутни ниту неконтролирани, напротив, ситуацијата е обратна. Но, тука настанува најголемиот проблем, колку и во која мера се неопходни и соодветни ограничувањата и контролата во едно демократско општество, дали се насочени кон заштита на правата на другите или имаат друга цел.

Продолжува..

 

M-р Љуан Имери

Leave a Reply