Депонирање на истрошените аргументи околу “радиоактивниот Криволак“

By февруари 18, 2019 април 25th, 2019 D-NARRATIVE

Митот за можното депонирање на радиоактивен отпад во реонот околу воениот полигон и тренинг центар „Криволак“ се јавува мошне често во дебатата за евро-атланските интеграции на Северна Македонија. Сепак, овој мит се чини дека никогаш не бил предизвикан со конкретните факти, односно правото.

Главните аргументи претставени на некои портали го конструираат следниов наратив: Република Северна Македонија станува страна на Северноатлантскиот Договор (земја членка на НАТО); војници на НАТО од целиот свет пристигнуваат и се спроведуваат воени вежби; увезен радиоактивен отпад и/или радиоактивна отпадна муниција се депонира на Криволак.

За оваа теорија да ги надмине границите на неоснована шпекулација, разумен човек би си поставил две основни прашања: 1) Која е промената на статусот на Северна Македонија со преминувањето од земја-партнер во земја-членка на НАТО? и 2) Има ли некое релевантно меѓународно или национално право кое го регулира одлагањето на радиоактивен отпад?

Македонија се приклучи на Партнерството за мир во 1995 година. Оттогаш, земјата има учествувано во низа НАТО мисии. Во однос на тренинзите, според регулативите на НАТО „Вежбите на Алијансата се поддржани од земјите на НАТО и, соодветно, партнерските земји, кои преземаат национални обврски во форма на трупи, опрема и други типови на поддршка“. Значи, Северна Македонија како земја-партнер на НАТО, веќе била вклучена во овие процеси исто така. Со полноправното членство земјата ќе стане страна со еднакви права и обврски како која било друга членка. Тоа практично значи дека Северна Македонија ќе има свои претставници во двете НАТО стратешки команди, кои ја развиваат Воената програма за тренинзи и вежби. Тоа исто така значи дека македонската територија ќе подлежи на истите стандарди и процедури како која било земја-членка. Денес НАТО брои 29 земји членки, со Северна Македонија, во процес на ратификација од страна на националните парламенти, да стане 30-та членка. После 70 години, сите земји се посилни и помоќни заедно.

Радиоактивниот отпад, од друга страна, е вид на отпад со највисок степен на регулација, како на национално така и на меѓународно ниво. Во меѓународното право, управувањето со радиоактивен отпад од цивилна употреба, но исто така и од воени и безбедносни програми кога се декларира како отпад, е регулиран со Заедничка Конвенција за сигурност при управување со искористено нуклеарно гориво и сигурност при управување со радиоактивен отпад. Во Република Северна Македонија, која е исто така земја-членка на Конвенцијата, радиоактивниот отпад е понатаму потесно уреден со посебен Закон за заштита од јонизирачко зрачење и радијациона сигурност. Законот изречно го забранува секој увоз на радиоактивен отпад. Дотолку повеќе, тој воспоставува строг режим на неговото собирање, складирање, кондиционирање, транспорт и одлагање.

Како се развиваше наративот?

Во текот на август 2018 год., наративот за Криволак, радиоактивната муниција и/или депо стигнаа до интернет порталите Скопје инфо и Курир со истиот наслов: „Враќањето на НАТО на Криволак ќе донесе радиоактивна и канцерогена прашина во Скопје?“. Темата беше масовно дискутирана на социјалните мрежи, претходниот ден. Двата текста се инспирирани од пост на Facebook профил. Предмет на дебата е дали извор од Facebook е на потребното ниво на релевантност и точност.

Наративот беше раширен при одржувањето на заедничка вежба на воениот полигон Криволак, помеѓу Американската Армија и Армијата на Република Северна Македонија. Тврдењата од социјалните медиуми и порталите беше демантирана од страна на Министерството за одбрана „Министерството за одбрана најодговорно тврди дека ниту сегашните, а ниту идните обуки и тренинзи на нашите партнери од НАТО на полигонот Криволак не се од било каква опасност по здравјето на граѓаните, ниту ќе се користат бомби со осиромашен ураниум. Ваквите лаги имаат за цел да ја поттикнат недовербата на граѓаните во НАТО и се во функција на негативна кампања за претстојниот референдум. Граѓаните да бидат спокојни, членството на Македонија во НАТО носи единствено поголема безбедност и сигурност за нашата земја“. Истиот АНТИ-НАТО наратив продолжува во октомври и ноември повторно користејќи го „радиоактивен“ како клучен збор. Наративот беше рециклиран во февруари 2019, само неколку дена по церемонијата на потпишување на протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во НАТО.

Презентираните наративи, постојано ги потсетуваа читателите на асоцијации: анти-НАТО и анти- Договорот од Преспа. Асоцијациите можат да произлезат субјективно или објективно. Она што е неспорно сепак, е дека повторениот наратив влијае на нашите асоцијации. Пропагандата ги таргетира овие јадици, и многу внимателно ги сервира вистинските мамки во правото време. Така што, лесно воочливо е како секогаш кога влезот на Северна Македонија во НАТО ќе се чинеше поизвесен, јавниот дискурс се потпалуваше со истиот АНТИ-НАТОнаратив, издвојувајќи ја како главен аргумент најживописната асоцијација: радиоактивна депонија – Криволак. Експертите, аналитичарите, медиумите и нивните фрази може да се разликуваа, но во суштината наративот останува ист.

Leave a Reply

Share via
Copy link