ДРЖАВНИТЕ ИНСТИТУЦИИ ОД РЕГИОНОТ СО СЛИЧНИ АКТИВНОСТИ ПРОТИВ ЛАЖНИТЕ ВЕСТИ

By март 22, 2020 март 26th, 2020 Corona, F2N2 ANALYSIS

“Секој кој што ќе шири лажни вести за коронавирусот ќе биде законски санкциониран“. Ова се вели во соопштението на Министерството за Внатрешни Работи во кое се предупредуваат ширачите на лажни вести дека нема да бидат толерирани, особено сега во период кога секоја вест може да предизвика паника и вознемиреност кај граѓаните. Познато е дека за ширачите на лажни вести, ваквите вонредни ситуации, како што е сегашната поради корона вирусот, се идеални за  ширење невистинити информации кои ќе ја поткопаат довербата на граѓаните во институциите на системот.

“Нема да има компромис во санкционирањето на оние кои свесно шират лажни вести. Апелираме до медиумите и корисниците на социјалните мрежи да се повикуваат единствено на официјално објавените податоци од надлежните институции“, се вели меѓу другото во соопштението на МВР.

Освен, МВР, кон апелот да не се шират лажните вести се приклучија и највисоките државни институции, како што се Претседателот на државата и техничкиот премиер. Претседателот Стево Пендаровски, рече дека има обиди за планско ширење на лажни вести за да се предизвика паника.

“Имаше неколку обиди за организирано и планско ширење лажни вести, со цел да се предизвика паника кај населението. Не од незнаење или непрофесионалност, туку дополнително да се влоши ситуацијата во земјава и да се изгуби вербата на граѓаните во институциите“, рече претседателот Стево Пендаровски.

Премиерот Оливер Спасовски изјави дека лажните вести создаваат неоснована паника и имаат далекусежни последици и врз општествената состојба но и врз колективното здравје на граѓаните

„Го охрабривме апелот на Министерството за внатрешни работи до граѓаните – корисници на социјалните мрежи да не споделуваат и да не шират непроверени односно „лажни“ вести околу вирусот Ковид-19“ изјави министерот Спасовски.


Каква е ситуацијата во регионот со лажните вести

Овој момент се користи за да се предизивика страв и паника кај населението преку ширењето на лажни вести не само во нашата земја. И земјите од регионот се соочуваат со истите предизвици. Во Црна Гора е уапсен еден маж кој што ширел лажна вест на социјалните мрежи. Тој споделил дека има информација дека наводно  13 лица се заразени со коронавирус во Црна Гора. После објавата лицето е уапсено при што му е одредена мерка притвор во траење од 30 дена.

Во Албанија, пратеничката група на Социјалистичката Партија, најави тужба против поранешниот премиер на Албанија, Сали Бериша. Причина за тоа е наводното шириње на лажни вести од неговата страна во врска со коронавирусот, се со цел да предизвика паника.

“Ќе поднесеме тужба против поранешниот пратеник Сали Бериша, за ширење на лажни информаци и вести, со монтирани слики и коментари преку неговата страница на фејсбук, со јасна намера да предизвика паника кај населението во ова несигурно време-, се вели во соопштението на пратеничката група на Социјалистичката Партија.

И во Србија не стивнуваат лажните вести за корона вирусот. Една од нив беше веста дека пред Белградската Воено-медицинска академија (ВМА) илјадници луѓе чекаат да проверат дали се заразени од корона вирусот.

Веста беше демантирана од Академијата дека редицата за тестирање била за корона вирусот.

„На влезот во зградата на сите им се мери температура, поради што е забавен влезот. Мерењето температура е една од мерките кои се спроведуваат во рамки на борбата против новиот коронавирус“, изјавија од Академијата.

И во Косово, пред да се регистрираат првите случаи на заразени лица со корона вирус, имаше неколку лажни вести во врска со случаи поврзани со истиот. Во неколку медиуми, беше обајавена вест, дека во Гнилане е регистриран првиот случај на заразено лице со корона вирус.

Таа вест беше демантирана и од самиот градоначалник на општината Гнилане, Лутфи Азири, кој изјави дека се работи за лажна вест. Тој побара од државните органи да се истражи случајот и да се види кој намерно шири паника помеѓу населението.

Исто така, и министерот за Внатрешни Работи, Агим Велиу, предупреди дека ќе следува казна за сите кои во време на криза ќе шират дезинформаци и ќе предизвикаат паника кај населението.

Ги повикувам граѓаните на Косово, да ги проверат сите вести кои ги читаат и да не потклекнуваат пред лажните вести и пропагандата. Додека за деизнформаторите и пропагандистите, ги предупредувам дека безбедносните институции ја мониторират ситуацијата и сите ќе одговараат пред законот за своите постапки“, изјави министерот за внатрешни работи, Агим Велиу.

 

 

 

 

 

Leave a Reply

Share via
Copy link
Powered by Social Snap