ЗОШТО ЈА ГУБИМЕ БИТКАТА ПРОТИВ ЛАЖНИТЕ ВЕСТИ?

By ноември 1, 2019 Uncategorized

Борбата против лажните вести требаше да биде едноставна задача. Франција сака нови закони кои ќе им дозволат на судовите да одлучуваат за точноста на онлајн известувањето во пресрет на националните избори. Соединетите Држави предложија законодавство со кое ќе се зголеми транспарентноста на тоа кој купува (политички) реклами на социјалните медиуми. Европската комисија, пак, кон крајот на месецот ќе го претстави својот кодекс на практики против дезинформациите чија цел е сузбивање на дигиталните невистини пред европските парламентарни избори следната година.

Но, како што гласачите од Баварија до Грузија итаат кон гласачките места, напорите на политичарите за сузбивање на лажните вести се соочуваат со непријатна реалност: трговците со лажни вести се чекор понапред, благодарение на техниките кои им овозможуваат да ја сокријат својата локација, да се камуфлираат како локални активисти и да купуваат политички реклами во валути на локалните земји за да ги избегнат правилата против странско влијание.

Новите трикови кои, исто така, вклучуваат и поместување кон дезинформирање преку фотографии, користење на апликации за
интернет пораки како WhatsApp, се дизајнирани да ја поразат нашата застарена дефиниција за тоа што претставува лажна вест – купена од
странство, лесно препознатлива и безобѕирно невистинита.

Причината за таквиот неуспех во најголем дел се должи на начинот на кој политичарите му пристапуваат на проблемот. Законодавците во Европа, САД и секаде во светот се фокусирани на битките од последната војна – онаа која започна по претседателските избори во САД во 2016 година, кога групи поддржани од Русија купуваа реклами на социјалните медиуми (најчесто во рубљи) со цел да внесат сомнеж помеѓу западните гласачи и да промовираа твитови и Фејсбук групи на лош англиски за да ја поларизираат политичката дебата.

„На ниво на политики, разговорите кои се водат се темелат на случувањата од 2016 година. Предизвикот се состои во тоа што политичарите речиси и да не знаат ништо за тоа како всушност функционираат овие платформи. “ вели Клер Вардл, извршна директорка на „First Draft“, непрофитна организација која се бори против дезинформации низ целиот свет лоцирана во Школата за управување „Џон Ф. Кенеди“ на Универзитетот Харвард.

Но, тоа не значи дека глобалниот одговор на дезинформациите е комплетно губење време. Заврши времето кога Марк Цукерберг се муртеше на идејата дека лагите кои се ширеа вирално преку неговата социјална мрежа влијаеја врз гласачите на американските избори во 2016 година. По многу преиспитување и страв кај инвеститорите, технолошките компании како Фејсбук, конечно, сфатија дека тие се дел од проблемот, ставајќи кочница на дигиталните измамници кои се обидуваа да купуваат реклами за да шират дезинформации, како и отстранувајќи стотици илјади профили на социјалните медиуми спонзорирани од државата кои промовираа поларизирачки политички пораки.

На просечниот гласач му е сè уште тешко да препознае дезинформација. Но, сега кога терминот „лажни вести“ е веќе дел од секојдневниот речник, постои барем поголема свест дека луѓето не читаат сешто и тоа што го гледаат на интернет треба да се земе здраво за готово. Сепак, сузбивањето на лажните вести е процес кој трае.

Четири од пет профили на Твитер кои ширеа лажни вести за време на американските избори во 2016 година, на пример, денес се сè уште активни, според последната студија на академиците од Универзитетот „Џорџ Вашингтон“. Поголем дел од дигиталниот универзум на Фејсбук, и натаму најголема платформа за лажни вести – останува недостапен за истражувачите, и покрај ветувањата на компанијата дека ќе овозможи убид во податоци на надворешни страни кои ловат дезинформации.

Насреде глобалниот повик за технолошките компании да прават повеќе, овие приватни компании преземаат поголеми одговорности да го контролираат говорот на интернет, нешто што вообичаено е работа на јавните регулатори. Фактот што платформите сега треба да делуваат како квази-регулатори на вистината ги доведува во судир со политичарите кои редовно ги користат овие платформи за да споделат своја пристрасна содржина што води до обвиненија дека „Big Tech“ го ограничуваат легитимниот политички говор.

„Попрво би сакал да видам како демократски избраните функционери носат одлуки наместо префрлање на таа одговорност на приватните
компании. Дали навистина сакаме да ги охрабруваме приватните компании да ограничуваат говор кој е можеби легален?“, вели Размус Клеис Нилсен, директор на Ројтерс Институтот за новинарски студии на Универзитетот Оксфорд.

Марија Габриел, еврокомесар за дигитална економија, ќе го претстави новиот кодекс против дезинформациите на 16 октомври. Тој е збирка на необврзувачки насоки кои ги поттикнуваат фирмите како Google, Facebook и Twitter да ја зголемат транспарентноста за политичко рекламирање на интернет и да го намалат број на лажни профили на социјалните медиуми. Кодексот беше подготвен во тесни консултации со самите технолошки
компании. Сепак, групата за следење на работата што е составена од медиумски компании, меѓу другите – го искритикува одговорот на ЕУ
на лажните вести, тврдејќи, меѓу другото, дека тој не содржи „алатки за сообразност и спроведување, а со тоа ниту можност за следење на
процесот на имплементација“.

И покрај критиката, други земји од Бразил до Индија размислуваат за слични кодекси на однесување за Big Tech слични на европскиот. Но, тие не држат чекор со тактиките на новата генерација измамници и субјекти спонзорирани од државата. Додека порано групи ширеа лажни вести на социјалните мрежи од компјутери кои лесно се идентификуваа дека се лоцирани во Русија, денес тоа го прават поединци кои рутински ги маскираат своите активности, преправајќи се дека се лоцирани во САД или во делови од Европа. Тие исто така купуваат политички реклами во локални валути, не во рубљи, според истражувачите кои лоцираат дезинформации на интернет.

Тоа прави речиси невозможно да се утврди кој е вистински, а кој не во оваа интернет игра на лажни вести, дури и кога технолошките компании ангажираат цели тимови на инженери и софистицирана вештачка интелигенција за да се пронајдат негативците.

„Тактиката е поместена. Луѓето сега многу повеќе се трудат да си ги прикријат трагите“, вели Бен Нимо од Дигиталната лабораторија за технолошко истражување на Атлантскиот совет која лоцира интернет кампањи за дезинформирање.

Борбата исто така се помести од зборови на слики, тренд што многу малку законски предлози го имаат земено предвид. Дел од промената е практичен. За оние кои сакаат да шират дезинформации за време на изборна кампања во држава чиј јазик не им е мајчин, пренаменето вирално меме може многу полесно да избегне детекција во споредба со лошо преведена објава на Facebook. Предноста? – Таквите дезинформации остануваат исклучително тешки за цензурирање или регулирање бидејќи истата фотографија може да се употреби и за сатира и за лажни вести.

Подемот на апликациите за интернет пораки како WhatsApp кои се речиси невозможни за регулирање поради високите нивоа на енкрипција во недоволно развиените земји како Индија се случува паралелно со новата генерација дезинформации, кои можат да се споделат помеѓу групи со илјадници корисници.
Таква е состојбата со лажните вести на крајот од 2018 година, различен свет од пред само две години. За да се спротивстават на заканата, политичарите мора да ги ревидираат своите тактики или да останат зад времето.

 

Превземено од novatv.mk

09.06.2019

Share via
Copy link