ИСТОРИСКАТА ПОСЕТА НА ПАПАТА ГО ОЖИВЕА НОСТРАДАМУС ОНЛАЈН

Пaпата Франциск на 07.05.2019 година, пристигна во историска посета на Република Северна Македонија. Овој настан доби централно внимание, како во земјава, така и надвор од неа. Паралелно со неговата посета, покрај официјалните информации кои се пренесуваа со огромен интензитет, не стивнуваа ни бројните теории на заговор  врзани со неговото име.

Најновата од тие теории, само што почна да се шири во соседна Србија, а продолжи во нашава земја.

Папата ќе биде убиен во Скопје, предвидува Нострадамус, вели webtribune.rs. Текстот се појави на 05.05.2019, а го пренесоа и други портали од Србија , но и од нашава земја.

„Откриено е застрашувачко предвидување на Нострадамус: Папата ќе биде убиен за неколку дена во Душановиот царски град, тогаш ќе започне трета светска војна„- ова е заговорот со пророштвото, кое го преземаат и медиумите од земјава. Ширењето на оваа тероија кај медиумите во Северна Македонија започнува на 06.05.2019, првично со текстот којсе појави на скопјеинфо.мк.

„Римски правосвештенику, пази се да не се приближиш во град каде го заплискуваат две реки, бидејќи тука ќе проплукаш крв, во месецот кога цветаат рози„- се вели во оживеаниот препев на починатиот пророк, чие предвидување се дешифрира на порталите: магазин.мк, сигнал.мк и скопје1.мк.

Првично, се верувало дека Нострадамус предвидел трагичниот настан да се случи во Белград, Сепак заговарачите, оваа теорија ја освежуваат со нови податоци, според кои тие упатуваат дека Нострадамус всушност мислел на град Скопје, бидејќи тука течат две реки Вардар и Треска, а во 1346 година, бил крунисан српскиот цар Душан.

Интересно е да се спомене дека во Скопје има повеќе од две реки,  Вардар, Треска, Лепенец, Маркова река и Серава, што значи дека оваа теорија во која Нострадамус се оживува дигитално, сепак е погрешна.

Порталот webtribune.rs која ја започна пајажината на заговор со овој текст, покрај ова пророштво, расплетува и други теории.  Веројатно со цел да се постигне поголем ефект на заговор,  порталот вметнува и други црни сценарија.

Едно од тие е и сценариото според кое земјава заедно со Косово, се локациите на кои се стационирани некогашните борци на ИСИС. Според пишувањето на порталот, кој го пренесе и ало.рс, ова може да донесе нов бран на насилство, кое го поврзуваат со предупредувањето на ИСИС за нови напади во Европа.  Нострадамус како зачин се користи уште еднаш, за да го интензивира ова сценарио, па расплетот се заокружува со Трета светска војна, која ќе почне токму во 2019 и токму со Папата Франциск.

Папата ја заврши посетата на Република Северна Македонија на 07.05.2019. Ниедна од посочените теории на заговор, не се покажа како точна.  Тој облечен во мисница со боите на македонското знаме на плоштадот Македонија порача: „Рамнодушноста и клеветите да се заменат со чувстителност и надеж, да се надминат стереотипите и повеќе да се грижиме еден за друг. Гладни сме за добрина и солидарност. Навикнати сме да го јадеме тврдиот леб на дезинформацијата“.

Leave a Reply

Share via
Copy link
Powered by Social Snap