КАКО ИЗГЛЕДА ЧОКОЛАДНАТА БОНБОНИЕРА ВО ОБЛИК НА ГОЛЕМА АЛБАНИЈА?!

By ноември 26, 2019 F2N2 ANALYSIS

Дали новинарите се сериозни или сакаат само да ја насмеат јавноста?!

Порталот Слободен печат објавува текст со горенаведениот наслов, во кој пишува дека во трговската мрежа во Србија во понудата се појавила бонбониерата Камила на чија декларација стои дека е увоз од Косово. Дезинформацијата, оној дел за кој што F2N2 се интересираше, е дека работите се уште полоши бидејќи чоколадните бонбони во кутијата се распоредени во облик на “Голема Албанија”, што претставува провокација за граѓаните на Србија, за што сведочи видно разочаран граѓанин кој наводно ја купил бонбониерата без да ја прочита декларацијата. На ова остро реагираа надлежните власти, аналитичарите и претставниците на Здружението на потрошувачи кои велат дека овој производ мора да биде отсранет од полиците во најбрз можен рок, стои во текстот што го објави Слободен Печат.

Порталот Слободен печат објавува дезинформација најверојатно превземена од српски портал, но за жал не наведува автор на текстот ниту извор на информацијата. Веднаш по него следуваат објави на истата дезинформација со различни наслови. Дезинформацијата кај нас се проширува превземена од српскиот портал kurir.rs  и истата е објавена од следниве портали: Република, Инфомакс, Нетпрес, Вечер, Пресингтв ,Весник, Курир, Лидер.

Содржината на текстовите не се состои од никаков доказ ниту за декларацијата ниту за тоа дека бонбоните се распоредени во облик на “Голема Албанија”, што е една навидум смешна и несериозна  измислица, со цел да се предизвика непотребна провокација и етничка нетрпеливост во Република Србија, а истиот ефект вака пренесена дезинформацијата го има и врз македонската јавност, бидејќи истиот дезинформативен наратив за Голема Албанија е присутен и кај нас.

Порталот Слободен печат веќе наредниот ден го објавува  демантот  од министерот за трговија на Република Србија,  Љајиќ во изјава дадена за Спутник (подоцна избришана) во кој тој кажува дека не им е познато дека постои таква бонбониера, ниту пак инспекцијата ја евидентирала.

Дека навистина не постои бонбониера со облик на “Голема Албанија”, пишува и српскиот портал novosti.rs  на 19.11.2019 година, кој еден ден пред ова,  ја објавува истата дезинформација, а како извор е наведен  заштитник на потрошувачите кој во случајот е анонимен. Од каде потекнува и кој ја креирал оваа дезинформација не можеме со сигурност да посочиме, но дека е целосно измислена невистина,  дознаваме од текстот на Novosti.rs Otkrivamo PRAVU ISTINU o “bombonjerama u obliku velike Albanije” koje su uznemirile Srbiju”. Според нивниот текст, зад бонбониерата Камила стои турска компанија која има свој погон во околината на Призрен. Како што кажува Претседателот на Националната организација за заштита на потрошувачите на Србија, Горан Поповиќ, оваа приказна е стара година и пол, и од кога слушнале за неа, никој ја нема видено таа бонбониера. Воедно го повикуваат тој потрошувач кој ја видел и купил да им ја приложи заедно со фискална сметка како доказ за да можат институционално да постапат. Исто така појаснува дека добавувачот (во случајот турската компанија) е надлежен за декларацијата,  па не би смеело да пишува увоз од Косово и дека тоа е најмалиот проблем, додека за мапата на “Голема Албанија” вели дека нема никаква смисла.

 

Заклучок:
Без да навлегуваме во анализа на тоа кој стои позади ваквите дезинформации во соседна Србија, очигледно е дека дезинформациите имаат за цел постојано да внесуваат и да поттикнуваат етничка нетрпеливост помеѓу различните заедници кои живеат на Балканот. Ваквите наративи кои што ги таргетираат различните етнички заедници не се ништо ново за Балканот, и не е нов факт тоа дека од една земја се пренесуваат во соседната. Токму поради ова владите од регионот имаат и поголема одговорност од тоа само да ги демантираат ваквите “вести”.

Leave a Reply

Share via
Copy link