Како 5G може да не успее и како да го избегнеме тоа

By август 12, 2019 EXPERT ANALYSIS

На почетокот сме на поставувањето на системите за безжични комуникации 5G, кои ветуваат фундаментална промена на разни индустрии, услуги и вертикални сектори. Постои изрека дека само парните генерации се успешни (2G, 4G), така што 5G е осуден на неуспех и треба да се чека следната генерација. Но и покрај овој полу-суеверен аргумент, може да има и други цврсти аргументи дека 5G нема да ги испорача револуционерните ветувања. Мотивиран од овие прашања, бев поканет од проферсор Лилјана Гавриловска, генералниот претседател на БалканКом 2019 во Скопје, да организирам панел сесија со цел да ги идентификуваме заканите за успехот на безжичните системи 5G и да потенцирам некои од можните лекови за истите. Панелисти беа:

– Иан Ф. Акилдиз (Џорџија Тек, САД) (слајдови)

– Луиз Дасилва (Тринити колеџ Даблин, Ирска) (слајдови)

– Меруан Деба (Хуавеи, Париз) (слајдови)

– Дритон Емини (Магента Телеком, Австрија) (слајдови)

– Алберто Леон Гарсија (Универзитет во Торонто, Канада) (слајдови)

– Иван Сескар (WINLAB, Универзитет Рутгерс, САД) (слајдови)

Дискусијата беше организирана околу неколку водечки прашања, опишани подолу.

  1. Имаме LTE, некои од претходните G-генерации, WiFi, NB-IoT и некои LWPA технологии, како LoRa и SigFox. Што е она за што навистина треба 5G, а не може да биде поддржано од овие технологии или комбинација од истите?

Главните случаи на примена што може да се монетизираат во моментов се во областа на подобрен мобилен широкопојасен интернет (eMBB), со цел да се подобри безжичниот капацитет. Случаите за примена на IoT се неизвесни и телекомуникациските оператори сè уште се двоумат за потенцијалната монетизација. 5G може да најде примена во покривање на големите рурални области. Врз основа на продадените лиценци за 5G опсези ќе бидат распоредени главно во под-6 GHz опсези, како што се 700 MHz и C-band, а mmWave ќе дојде подоцна.

  1. Можат ли телекомуникациските оператори да продаваат ниска латентност?

Примената на вистинска ниска латентност, но не и поголема доверливост, добива замав во Кина кај игрите. Сепак, не е сигурно дека оваа примена ќе се рашири низ целиот свет. Повеќето панелисти имаат потешкотии да видат други примени со ниска латентност во овој момент. Сепак, имаше општ консензус дека ниската латентност и ултра-доверливоста не треба секогаш да бидат споени заедно, како во URLLC, туку да се третираат како две различни карактеристики што можат да се спојат во случаите на примена кога тоа има смисла, како што е индустриската автоматизација. Акцентот не треба да се става на исклучително ниска латентност (<1ms), туку на гарантирана ниска латентност.

  1. Дали за 5G ќе биде предизвик сегашната регулатива на фреквентниот спектар и моделите за негова примена? На пример, некои големи индустрии ќе бараат приватни 5G мрежи со локално лиценцирање на спектарот.

Динамичниот пристап до спектарот е тема во последните две децении, но може повторно да добие на важност со поставувањето на 5G и пост-5G системи, што пак бара нова перспектива во однос на споделувањето на спектарот и т.н. агилна употреба на спектарот. Треба да се подготвиме за нови истражувања во оваа област.

  1. Постојат голем број на причини за загриженост, особено на социјалните медиуми, за влијанието на 5G врз здравјето. Дури и ако има индиции дека тоа се заснова на намерно ширење на лажни вести, не треба да заборавиме дека лажните вести беа успешни во одлучувањето на изборите. Дали постои реална здравствена грижа и што треба да се стори на краток или долг рок?

Ова се сметаше за многу релевантно прашање што треба да го реши нашата заедница, иако сегашните стравови се неосновани. Заедницата која ги истражува безжичните комуникации треба да соработува со медицинската заедница за да се следи зрачењето со поставувањето на 5G мрежи и да даде научна основа против ширењето на дезинформации и неизвесност во јавноста.

Пример за тоа како функционираат дезинформациите е прикажано на сликите подолу. Веста под наслов „Брисел го суспендира планот за 5G“, каде наводно е цитирана министерката Сели Фремо, добила 1400 споделувања на Фејсбук. Вистинските твитови на министерката каде што таа го поддржува поставувањето 5G, но има одредена резервираност во однос на масивно MIMO, што е мошне специфична технологија што може да се користи во 5G, се ретвитани нула пати.

Во принцип, еден од најголемите придонесувачи за можниот неуспех на 5G може да бидат преоптимистичките очекувања и амбиции во дефинирањето на тоа што е 5G. Исто така, недостасуваат случаи на примена во областа на Интернет на нештата (IoT), неизвесност/незрелост на технологијата за ултра-доверливи комуникации со ниска латентност (URLLC). Како позитивен аспект, технолошкиот напредок во комуникациските технологии ќе продолжи во насока на поврзување на повеќе уреди, нудење на ниска латентност, гарантирање на поголема доверливост и севкупниот капацитет во однос на брзината на податочен пренос. Како што елоквентно кажа Тони Ефремидес, кој беше во публиката: 5G нема да успее ако продолжиме да го нарекуваме 5G.

 

Напишно од: Петар Поповски

Leave a Reply