ОСЛОБОДИ СЕ ОД “ЛЕПЛИВИ” ДЕЗИНФОРМАЦИИ

By септември 28, 2019 EXPERT ANALYSIS

Сеопштата распространетост и сеприсутност на дезинформациите во современите општества, како што е лажното верување дека постои врска помеѓу детските вакцинации и аутизмот, е прашање од општа важност. На пример, митовите околу вакцинациите, што ги натера некои родители да ги воздржат своите деца од имунизацијата, доведоа до значително зголемување на заболувањето кое може да се спречи со вакцинацијата, како и до непотребни јавни расходи за истражувања и јавни кампањи со цел да се подобри ситуацијата. Новиот извештај објавен во Psychological Science in the Public Interest“ (Психолошката наука за јавниот интерес), списание на Здружението за психологија, го истражува овој феномен.

Луѓето имаат тенденција прво да ги испитаат механизмите со кои ваквите дезинформации се шират во општеството, ненамерно и намерно. Дезинформациите можат да потекнуваат од гласините, но исто така и од измислици, влади и политичари и нечии интереси. Покрај тоа, промените во медиумите, вклучително и појавата на интернетот, темелно влијаат врз начините на кои се споделуваат информациите и се шират дезинформациите.

Научникот по психологија Стефан Левандовски од Универзитетот во Западна Австралија и неговите колеги ги потенцираат когнитивните фактори кои одредени делови од дезинформациите ги прават да бидат толку „лепливи“ и да идентификуваат некои техники кои можат да бидат ефективни во дискредитирањето или да се спротивстават на погрешните верувања; „Ние се фокусираме на дезинформациите на ниво на индивидуата и ги разгледуваме когнитивните фактори кои честопати ги прават дезинформациите отпорни на корекција. Размислуваме за тоа како луѓето ја проценуваат вистината од изјавите и што е тоа што ги тера луѓето да веруваат во едни работи, но не и во други. Ние ја проучуваме меморијата на луѓето за дезинформации и одговараме на прашањата зошто повлекувањата на дезинформациите се толку неефикасни во ажурирањето на меморијата и зошто напорите за повлекување на дезинформациите можат дури и да ја повратат, и иронично, да ја зголемат недовербата. И покрај тоа што идеологијата и личните погледи на свет можат да бидат главни пречки за непристрасноста, сепак постојат голем број ефективни техники за намалување на влијанието на дезинформациите и ние посветуваме посебно внимание на овие фактори кои помагаат да се зголеми непристрасноста. На индивидуално ниво, дезинформациите за здравствените проблеми – на пример, неоправданите стравови во врска со вакцинациите или неоправданата доверба во алтернативната медицина – можат да предизвикаат големи штети. На социјално ниво, постојаната дезинформација за политичките прашања може да создаде значителна штета. На глобално ниво, дезинформациите за климатските промени во моменов ги одложуваат мерките за ублажување“.

Главната причина што ја прави дезинформацијата леплива, според истражувачите, е тоа што отфрлањето на информациите всушност бара когнитивни напори. Ставањето на кантар на веродостојноста и изворот на пораката е когнитивно потешко отколку едноставно да прифатиме дека пораката е вистинита – бара дополнителни мотивациони и когнитивни ресурси. Ако темата не е многу важна за вас или имате други работи на ум, станува поверојатно дека дезинформацијата ќе допре до вас.

И, кога луѓето одвојуваат време за темелно да ги проценат дојдовните информации, има само неколку карактеристики на кои постои веројатност дека ќе обрнеме внимание: Дали информациите се вклопуваат со други работи во кои верувам? Дали приказната е кохерентна со она што веќе го знам? Дали потекнува од веродостоен извор? Дали другите веруваат во тоа?

Дезинформациите се особено лепливи кога се усогласени со нашето веќе постоечко политичко, верско или социјално гледиште. Поради ова, идеологијата и личните гледишта можат да бидат особено тешки пречки за надминување.

Уште полошо, напорите за повлекување на дезинформациите честопати се со спротивен ефект, парадоксно засилувајќи го ефектот на погрешното верување. „Оваа постојана присутност на дезинформациите има прилично алармантни импликации во демократијата затоа што луѓето може да засноваат одлуки за информации за кои, на некое ниво, тие знаат дека се лажни“, вели Левандовски.

Иако дезинформациите може да бидат тешко поправливи, не е сè изгубено. Според психологот Стефан Левандовски од Универзитетот во Западна Австралија, „психологијата има потенцијал да ги спротивстави сите тие штети преку едукација на луѓето и комуникаторите за моќта на дезинформациите и да им покаже како да се справат со нив“.

Во нивниот извештај, Левандовски и неговите колеги нудат некои стратегии за исправање на неисправностите.

  • Обезбедете им на луѓето наратив што ја заменува празнината што ја оставаат лажните информации
  • Фокусирајте се на фактите што сакате да ги потенцирате, а не на митовите
  • Осигурете се дека информациите што сакате луѓето да ги чујат треба да бидат едноставни и кратки
  • Бидете свесни за тоа каква е вашата публика и кои се верувањата од кои тие веројатно нема да се откажат
  • Зајакнете ја вашата порака преку повторување

Истражувањата покажале дека обидите за постигнување на непристрасност можат да бидат ефективни во реалниот свет кога се засноваат на овие стратегии засновани врз докази.

Белешка: Извештајот, „Дезинформација и нејзината корекција: континуирано влијание и успешно постигнување на непристрасноста“ е објавен во септемвриското издание на „Psychological Science in the Public Interest“ (Психолошката наука за јавниот интерес), и е напишан од Стефан Левандовски и Улрих Екер од Универзитетот на Западна Австралија, Колин Сејферт и Норберт Шварц од Универзитетот во Мичиген и Џон Кук од Универзитетот во Квинсленд и Универзитетот на Западна Австралија.

 

Мерал Мусли Тајроска

 

Извор: https://journals.sagepub.com/doi/full/10.1177/1529100612451018

Leave a Reply