ОТКРИВАЊЕТО НА ДЕЗИНФОРМАЦИЈАТА ЈА ПОДОБРУВА МЕМОРИЈАТА

By септември 26, 2019 EXPERT ANALYSIS

Изложеноста на лажни информации за некој настан обично им отежнува на луѓето да се сетат на оригиналните детали, но новите истражувања покажуваат дека може да има моменти кога дезинформациите всушност ја подобруваат меморијата. Истражувањата објавени во „Psychological Science“ (Наука за Психологијата), списание на Здружението за психологија, покажуваат дека луѓето кои забележуваат дека дезинформацијата не е во согласност со оригиналниот настан, имаат подобро сеќавање за настанот во споредба со луѓето кои никогаш не ја ни приметиле дезинформацијата.

Во нивниот прв експеримент, Путнам и неговите колеги им покажале шест презентации на 72 учесници кои биле студенти од факултети, од кои секоја содржела 50 фотографии кои прикажувале одреден настан. Откако ќе ги погледнеле слајдовите, учесниците завршувале некоја неповрзана задача за „дефокусирање“ во време од околу пет минути и потоа читале наративни описи за секој слајд од претходните презентации. На пример, ако слајдот покажувал крадец како наоѓа банкноти од по 1 американски долар во некој автомобил, описот можел да биде конзистентен со презентацијата (на пр. „Тој ги провери банкнотите и виде дека тие сите се од по 1 долар“), неутрален (на пр. „Тој ги провери банкнотите и виде дека сите се американски долари”) или неконзистентен (на пр.„ Тој ги провери банкнотите и виде дека сите тие биле банкноти од по 20 американски долари“).

Откако ќе ги прочитале описите и завршеле уште една задача за дефокусирање, учесниците потоа одговарале на прашања со повеќе понудени одговори за тоа на што се сеќаваат од оригиналните презентации, како на пр. „Какви банкноти имало во автомобилот?“. Одговорите содржеле точна опција (банкноти од 1 американски долар), погрешна опција со дезинформација од наративот (банкноти од 20 долари), или различна неточна опција (банкноти од 5 долари). По одбирањето на одговорот, учесниците изјавувале дали забележале било какви разлики помеѓу оригиналната презентацијата и наративите.

Како што вообичаено се случува под влијание на дезинформациите, луѓето најчесто за одговор ја бирале дезинформацијата, кога деталот во наративот не бил во согласност со презентацијата. Но, кога учесниците изјавувале дека се сеќаваат на разликата помеѓу презентацијата и наративот, овој дефицит исчезнал: Учесниците почесто го избирале точниот одговор откако ќе ја согледале дезинформацијата, во споредба со одговорот со неутралниот детал.

И кога тие изјавувале дека наративот бил контрадикторен со слајдот, веројатноста учесниците да одберат погрешен одговор за дезинформацијата за деталите што не биле во согласност со нарацијата била помала, во споредба со оние што биле неутрални.

Иако изложеноста на дезинформации се чини дека ја нарушува меморијата за точните детали, откривањето и запомнувањето на дезинформациите во наративот се чини дека подоцна го подобрило препознавањето кај учесниците.

„Нашите експерименти покажуваат дека дезинформациите понекогаш повеќе ја подобруваат меморијата, отколку што ја влошуваат“, вели научникот по психологија Адам Путнам од колеџот Карлтон, водечки автор на истражувањето. „Овие наоди се важни затоа што помагаат да се објасни зошто ефектите од дезинформација понекогаш се случуваат, а понекогаш не – ако луѓето забележат дека дезинформацијата не е точна, тогаш нема да имаат лажно сеќавање.“ „Луѓето можат да дознаат за истражувањето за лажното сеќавање и да си мислат дека лажното сеќавање лесно може да се всади во врска со било каков настан – дека постојано се сеќаваме на нешта што никогаш не се случиле“, вели Путам. „Нашето истражување помага да сфатиме дека иако лажните сеќавања понекогаш можат да се појават, тоа не е општо правило по секоја цена“.

Оваа статија е објавена во „Psychological Science“ (Наука за Психологијата)коавтори на истражувањето се Хенри Л. Редигер III и Виктор В. Сунгахазете од универзитетот Сент Луис во Вашингтон.

 

Мерал Мусли Тајроска

 

Извор: https://www.psychologicalscience.org/news/releases/detecting-misinformation-can-improve-memory-later-on.html

Leave a Reply