ПОСТ-ВИСТИНАТА И ДЕЗИНФОРМАЦИИТЕ

By декември 2, 2019 EXPERT ANALYSIS

Еден од најразорните и најштетните ефекти на дезинформациите, пропагандата и лажните вести е ОПШТАТА НЕДОВЕРБА. Таа се разгранува речиси во сите општествени сфери и може да се однесува не само на медиумите и новинарите, туку и на политичките партии, институциите, експертите, невладините организации и конечно во НЕДОВЕРБА КОН САМИТЕ ИНФОРМАЦИИ. Овој ефект на краен скептицизам и општопроширена недоверба може да има исклучително штетни последици за општеството и за неговото нормално функционирање.

 

На сите ни е позната приказната за овчарчето кое неколу пати се поиграло со своите соселани извикувајќи волк, волк. Селаните кои притрчале да помогнат разбрале дека момчето се пошегувало со нив. Но, кога волкот навистина го нападнал стадото на овчарчето, залудни биле неговите повици за помош, никој не му верувал повеќе. Кога очајното овчарче ги прашало селаните зошто не му помогнале, тие му одговориле: „На лажгото никој не му верува, дури и кога ја кажува вистината“. Денес, во т.н. ера на пост-вистина и на дезинформациските војни, сите помалку се чувствуваме како селаните од оваа приказна, сомничави, скептични и без доверба дека некој навистина зборува вистина и се грижи за неа. Секој за секого тврди дека е лажго, сите се обвинуваат меѓусебно дека се манипулатори, а нашата најчеста реакција е да се исклучиме од ваквите кавги и да не веруваме на никого.

 

Според последните достапни истражувачки податоци, „полна доверба во новинарите во Северна Македонија имаат помалку од 15% од испитаниците“, додека 50.4% веруваат дека медиумите се целосно зависни од други центри на моќ (IPSOS, ноември 2018). Висок процент од нив веруваат дека медиумите шират дезинформации, односно социјалните мрежи со 43.7% и телевизиите со 38.7% кај испитаниците. „Само полицијата и обрзованието ја уживаат довербата од половина од граѓаните, додека сите останати институции имаат доверба на помалку од 40 проценти од испитаниците. Најниска е довербата во судството, потоа во Државната комисија за спречување на корупцијата, здравството, пазарната инспекција и обвинителството“ (ibid.). Според трендовите овие бројки за доверба се во опаѓање, а мнозинството граѓани кое не веруваат во медиумите и институциите се зголемува. Живееме во конфузна реалност без авторитети и без доверба. Дезинформациите се клучен фактор во овој процес.

 

Довербата е една од основните категории за нормално функционирање на секоја заедница, а кога таа ќе се наруши почнува да се разградува и самата заедница. Кај нас, откако дезинформациите се конвенционализираа како „нормално“ и дозволено средство (или оружје) за политичката борба, терминот „лажни вести“ високо се политизираше и стана дел од вообичаениот речник на политичарите и партиите. И секако, со проширена употреба за сè и сешто, и кај треба и кај не треба, поимот постапно се испразни од своето значење. И власта и опозицијата се обвинуваат едни други дека користат лажни вести едни против други. Владата објавува акциски план за борба против дезинформациите, владеачките партии ја обвинуваат опозицијата за ширење лажни вести,  а опозицијата пак возвраќа со обвинувања дека власта користи лажни вести да ја напаѓа опозицијата. Во една таква висока исполитизираност на дезинформациите станува многу тешко да се раздвојат фактите од лажните и неточните информации.

 

Ваквите конфузни и сложени состојби, преку губење на довербата во изворите на информации, кои и да се тие, ги поттикнува луѓето да бараат алтернативни начини за собирање информации. Некогаш тоа се роднините или пријателите на социјалните мрежи на кои им веруваме, некогаш тоа се инфлуенсери кон кои имаме слаба критичка моќ, некогаш тоа се теории на заговор, кои ни нудат некакво чувство на смисла за светот кој тешко го разбираме. Подемот на теориите за рамна Земја, антиваксерството, различните глобални или локални теории на заговор, се последица на токму овој процес на растечка недоверба во системот, во институциите и во науката. Токму тука е прагот на наше навлегување во темната димензија на пост-вистината, односно оној миг кога прифаќаме дека не е важно што е факт, информација или вистина, тука прифаќаме што било што функционира (whatever works) и ни помага да оствариме некој интерес или цел во забревтаниот свет во кој живееме.

 

Доведување во прашање на кредибилноста на информациите во целина, како темен облак надвиснува над сите сфери од нашето живеење. Иако дезинформациите и лажните вести постоеле отсекогаш во оваа или онаа форма, денес со пробивот на комуникациските технологии во сите пори од нашите животи, дезинформациите стануваат многу поопасни и поштетни. Тие предизвикуваат не само политичка нефункционалност, туку стануваат сериозна опструкција за нормална секојдневна социјализација и општење. Фрагментираните и атомизираните општества се слаби општества, во кој најмногу страдаат самите граѓани.

 

Колку и да се бројни изворите на информации од стотиците портали, налози и профили на социјалните мрежи, до алтернативните медиуми, стриминг сервиси, јутјуб канали и онлајн телевизии, сепак професионалните медиуми, одговорните новинари со висока развиена етичка свест, како и сервисите за проверка на факти и детектирање на дезинформациите, ни се потребни повеќе од кога било. Тие се клучни чинители за враќање на довербата пред сè во инфромациите и дека тие можат да опстојуваат во денешниот медиумски систем и на површината во ваквиот разбрануван океан од информации низ кој пловиме.

 

Колку и да филтрирањето на информации во класичните медиуми беше компромитирано, некакви филтри сепак и денес ни се потребни. Филтри кои ќе го раздвојат ѓубрето од дезинформации со вистинските информации. Откако ја загубивме довербата во медиумите, се препуштивме само на филтрите на она што го подржуваат нашите пријатели и оние кои размислуваат слично на нас, како и на филтрите кои ги опслужуваат алгоритмите на социјалните мрежи. И во двата случаи тоа води кон затворање во сопствениот ограничен и затворен свет, во кој не сакаме да нè вознемирува ништо што е различно од нас. Таквата затвореност води кон раст на нетолеранција, поларизација и конфликти. Информациите наместо да ни го прошируваат светот и знаењето за него, всушност нè затвораат во ќелии на нашата ограниченост и стануваме „корисни идиоти“ (термин на В.И. Ленин) за интересите на оние кои ги креираат и подржуваат поларизирачките кампањи и содржини.

 

Првиот чекор кон враќање на довербата во информациите мора да го направат самите медиуми и новинари. Тоа нужно подразбира откажување од различните манипулации за краткотрајно привлекување на публика и спонзори, и посветување кон развивање долгорочна доверба од страна на корисниците и на јавноста.

 

Сеад Џигал

 

Leave a Reply

Share via
Copy link