ПРОПАГАНДА ВО ВРЕМЕ НА КОРОНАВИРУС

By март 23, 2020 март 26th, 2020 Corona, EXPERT ANALYSIS

Како дете, моите другарчиња и јас фантазиравме за тоа како би изгледала иднината, зборувавме дека ќе има летачки автомобили до 2015 година, а сигурно до 2020 година би постоеле роботи меѓу нас кои би служеле за да ни ги олеснат тешките задачи од секојдневниот живот. За жал, не сме можеле да бидеме подалеку од вистината со овие невини предвидувања, зашто, не само што немаме летачки автомобили, туку ситуацијата е многу полоша, во 2020 година треба да ги учиме луѓето како правилно да си ги мијат рацете.

 

Почетокот на 2020 година дојде со многу предизвици, но светот се вчудоневиди од невидливиот непријател КОВИД – 19 (коронавирус). Според Светската здравствена организација, вообичаени знаци на инфекцијата се респираторни симптоми, треска, кашлица, скратен здив и отежнато дишење. Во потешките случаи, инфекцијата може да предизвика пневмонија, тежок акутен респираторен синдром, откажување на бубрезите, па дури и смрт. Појавата за прв пат е идентификувана во Вухан, Хубеи, Кина, во декември 2019 година и беше прогласена за пандемија од Светската здравствена организација (СЗО) на 11 март 2020 година. До 17 март 2020 година, во над 160 земји и територии се пријавени повеќе од 196.000 случаи на заболени, што резултираше со повеќе од 7.900 смртни случаи и околу 81,000 закрепнувања.[1]

 

На 13 март 2020 година, СЗО изјави дека Европа стана новиот епицентар на пандемијата.

Од ебола до свински грип до ХИВ/СИДА, вирусите што ги пренесуваат животни, ги предизвикале најразорните епидемии во историјата, но КОВИД – 19 е различен и претходно не е идентификуван кај луѓето.[2]

 

Некогаш пофалена од Светската здравствена организација (СЗО) и научниците ширум светот за нејзиниот брз, транспарентен одговор на новонаменуваниот КОВИД –19, Кина сега се соочува со меѓународна осуда за нејзините напори за прикривање, лаги и репресија дека не успеале да го запрат вирусот. За да бидат работите уште полоши и јавноста повознемирена, на 6 февруари смртта на офталмологот Ли Венлианг ја откри најгрдата страна на Кинеската комунистичка партија (ККП) и нејзиниот ужасен обид да ја преиначи историјата на епидемијата која изгледа дека е вон контрола. Владата на изливите на тага и гнев одговори со цензурирање на објавите на социјалните медиуми и со блокирање на профили. Кинескиот претседател Ши Јинпинг дури беше споредуван и со Михаил Горбачов, за изневерувањето на својата земја и водењето на луѓето кон нивната сопствена смрт како во нуклеарната катастрофа во Чернобил. И во двата случаи, комунистичките режими чекаа премногу долго за да признаат дека имаат проблем, поставувајќи ја илузијата дека владата има контрола и стабилност пред целта да се зачува човековиот живот. И во двата случаи, недостатокот на транспарентност го зголеми ризикот за целиот свет.

 

Реалноста е дека претседателот Ши Jинпинг реагираше предоцна, а сепак кинеската влада реши да го преобличи наративот со прогласување рана победа во битката против пандемијата. Покрај создавањето на подобар меѓународен имиџ, многу експерти сметаат дека целокупната пропагандна цел на Кина е да се одржи социјалната стабилност дома.[3]

Како што епицентарот на појавата на коронавирусот се префрли од Кина во Европа, кинеските државни медиуми исто така започнаа активно да известуваат за испраќање на медицински експерти од Кина во други земји за да им помогнат во борбата против коронавирусот. Пекинг го сврте наративот со тоа што ги закопуваше негативните приказни со нови приказни за силата и посветеноста на Кина кон меѓународната заедница.

 

Марија Репникова, експерт за политичката комуникација на Кина на државниот универзитет во Џорџија, во САД, рече дека Кинеската Комунистичка Партија (ККП) се нашла под огромен притисок од јавноста уште од почетокот на избувнувањето на коронавирусот. „ККП исто така го користи наративот за „победување на вирусот“ како можност да го засјае глобалниот имиџ на Кина како одговорна сила која е способна да ја издржи најтешката катастрофа, како и да ги користи овие искуства за да им помогне на другите земји да се борат со коронавирусот“изјави Репникова за Дојче Веле. Марија Репникова истакна дека Кина успешно го префрлила наративот од „жртва“ во „учител“ или „лидер“.

 

На 17 март – вторник, Кина објави дека ќе ги протера американските новинари кои работат за „Њујорк Тајмс“, „Волстрит Журнал“ и „Вашингтон Пост“. Исто така, побара тие весници, како и весниците „Глас на Америка“ и „Тајм Магазин“, детално да ја информираат кинеската влада за нивните активности. Министерството за надворешни работи соопшти дека одлуките „претставуваат целосно неопходни и реципрочни контрамерки кои Кина е присилена да ги преземе како одговор на неразумното угнетување што кинеските медиумски организации го доживуваат во САД“. Во изјавата, исто така Соединетите држави се обвинети дека „ги таргетираат исклучиво кинеските медиумски организации,“ додавајќи дека тоа е „водено од менталитетот на Студената војна“. Новите ограничувања наметнати од администрацијата на Трамп ефикасно ги принудија 60 кинески вработени во државните организации да ја напуштат земјата.[4] Репортерите на странските весници во Кина беа меѓу оние кои ревносно известуваа за епидемијата на коронавирусот во Јануари и Февруари, вклучително и во нејзините најрани денови, кога појавата беше регионализирана во централна Кина и кинеската влада се обидуваше да ја намали нејзината сериозност.

 

За жал, единственото нешто што го покажа Кина беше како една криза да се претвори во катастрофа, Ши Jинпинг падна на „лидерскиот“ тест за КОВИД – 19 и пропагандната шема е јасен потсетник за загрижувачкото одвојување од реалноста, неможност за разликување меѓу неговите политички интереси и националниот интерес – што ги расчумосува нелибералните режими.

 

Мерал Мусли Тајроска – Психолог, Консултант за насилен екстремизам и радикализација, активист за родова еднаквост.

Leave a Reply

Share via
Copy link