ПУТИН НЕ ОСЛОБОДИ ЛАВОВИ НА РУСКИТЕ УЛИЦИ ЗА ДА ОБЕЗБЕДИ КАРАНТИН ЗА ВРЕМЕ НА ПАНДЕМИЈАТА НА COVID-19

Со влошување на состојбата со пандемијата на коронавирусот низ целиот свет, се зголеми и ширењето на лажни вести за здравствената криза, особено преку социјалните медиуми. Глобалната битка на наративи стана темел на меѓународната политика, и социјалните медиуми се моќна алатка за борба против оваа битка, при што треба да се потенцира дека времето е клучен фактор. 

Фејсбук, Гугл и Твитер соопштија дека ги отстрануваат дезинформациите поврзани со коронавирусот веднаш штом ги пронајдат, и дека работат со Светската здравствена организација и другите организации, се со цел да се осигурат дека луѓето добиваат точни и навремени информации.

Една од фотографиите што кружи на социјалните мрежи носи наслов „Breaking News“: „Русија ослободи повеќе од 500 лавови на своите улици за да обезбеди луѓето да останат на затворено за време на пандемијата”. „Владимир Путин пушти околу 500 лавови за да ги натера луѓето останат во затворено”. “Ова е начинот на кој Путин ја штити својата земја! Лав шета по улиците на Москва”. Дезинформацијата кај нас беше пренесена од страна на порталите: Magazin.mk и Infomax.mk.

Сликата носи и лого „во живо“ за да остави впечаток дека станува збор за скрипта на телевизиски канал за новости. Како и да е, широко распространетата фотографија има лого на кое пишува „Break Your Own News“, што е апликација за создавање образец на вести.

Тимот на F2N2 го истражуваше случајот и утврди дека сликата датира од април 2016 година. Сликата е од Јоханесбург, Јужна Африка, и нема никаква врска со неодамнешната пандемија. Лавот бил виден како се шета во станбена област во Јоханесбург. Според извештајот на Британскиот Дејли Мејл, на жителите подоцна им било објаснето дека лавот по име Колумбо не шетал слободно, туку бил донесен на снимање од страна на продуцентска екипа. „Колумбо беше позајмен од блискиот резерват за лавови и просторот беше ограден, а Колумбо, кој е дел од голем број филмови и рекламни кампањи, е питом“, се вели во извештајот објавен на 15 април 2016 година.

Фотографијата е од Јоханесбург, Април 2016 година

Во април 2016 година Њујорк пост исто така објавил натпис со наслов „Лавот по име Колумбо одлучи да го истражи Јоханесбург“.

Да заклучиме, фотографијата беше лажна, но многумина поверуваа дека е вистинска, па некои познати личности, како што е на пример британскиот политичар и деловен магнат, Алан Шугар, прашуваа на Твитер дали веста е вистинита или не. Според ова, многу е важно, пред да се споделат на социјалните медиуми, информациите да се проверуваат дали доаѓаат од проверен извор, особено во време кога светот се бори со пандемијата на COVID-19.

Leave a Reply

Share via
Copy link
Powered by Social Snap