САМОПРОГЛАСЕНИТЕ ЕКСПЕРТИ СЕ ПОПОДЛОЖНИ НА ИЛУЗИЈАТА ЗА ЗНАЕЊЕТО

By ноември 7, 2019 ноември 15th, 2019 EXPERT ANALYSIS

Луѓето го преценуваат своето знаење, на моменти тврдат дека знаат за концепти, настани и луѓе кои не постојат и не можат да бидат познати. Новите истражувања покажуваат дека колку повеќе луѓето мислат дека знаат за некоја тема воопшто, толку е поголема веројатноста тие да тврдат дека знаат комплетно измислени информации и лажни факти, појава позната како „лажно тврдење“. Наодите се објавени во Psychological Science во јули 2015 година, списание на Здружението за психологија.

За да дознаат зошто луѓето даваат лажни тврдења, Атир и колегите Дејвид Данинг од универзитетот Корнел и Емили Розенцвајг од Универзитетот Тулан создадоа серија експерименти со кои го тестирале знаењето на луѓето кое тие сметале дека го поседуваат, споредувајќи го со нивното вистинско знаење.

Во една група експерименти, истражувачите тестирале дали поединците кои се сметале себеси за експерти за лични финансии, било поверојатно дека би тврделе дека имаат познавања за лажни финансиски термини. Од сто учесници било побарано да го оценат своето општо познавање за личните финансии, како и нивното познавање за 15 специфични финансиски термини. Повеќето термини на списокот биле реални (на пример, индивидуална пензиска сметка, инфлација, домашен капитал), но истражувачите исто така вклучиле три измислени термини (предходно оценети акции, намалување на фиксна стапка, годишен кредит).

Како што се очекувало, луѓето кои се сметале себеси за финансиски волшебници, биле посклони кон тоа да тврдат дека ги познаваат лажните термини. „Колку повеќе луѓето веруваат дека знаат за финансиите воопшто, толку е поголема веројатноста тие да тврдат дека ги познаваат и фиктивните финансиски термини“, вели Атир. „Истата шема се појавила и за други домени, вклучително и биологија, литература, филозофија и географија. На пример, објаснува Атир, „проценката на луѓето за тоа колку знаат за одреден биолошки термин ќе зависи делумно од тоа колку мислат дека знаат за биологијата воопшто“.

„Нашето истражување покажува дека навидум лесната задача да се процени нечие знаење може да не биде толку едноставна, особено за поединци кои, пред сѐ, веруваат дека имаат релативно високо ниво на познавање“, вели психологот Став Атир од универзитетот Корнел, прв автор на студијата.

Во друг експеримент, истражувачите предупредиле 49 учесници дека некои термини на списокот ќе бидат измислени. Дури и по предупредувањето, самопрогласените експерти самоуверено тврделе дека ги познавале лажните термини, како што се „мета-токсини“ и „био-сексуални“.

За да се потврди дека лажното тврдење е поттикнато од знаењето што луѓето мислат дека го поседуваат, истражувачкиот тим манипулирал со перцепцијата за знаењето на учесниците преку квиз по географија. На учесниците им била дадена задача по случаен избор, или да пополнат лесен квиз за големите американски градови, или тежок квиз за прилично непознати места или да не пополнуваат ниеден од квизовите. Оние учесници кои го пополниле лесниот квиз се чувствувале како експерти и изјавиле дека имале повеќе познавања за географијата воопшто од испитаниците во другите две групи.

Потоа, учесниците го оцениле своето познавање на неколку вистински и неколку потполно лажни градови во САД.

Во сите три случаи, луѓето ги препознале вистинските локации, како што се Филаделфија и Националниот трговски центар. Иронично, оние луѓе кои го одбрале лесниот квиз и заклучиле дека имаат повеќе познавања за географијата на САД, биле посклони кон тоа да тврдат дека знаат и за непостоечките локации, како што бил Кашмир, Орегон, отколку другите две групи.

Истражувачкиот тим предупредува дека тенденцијата кон лажното тврдење, особено кај оние што себеси се сметале за експерти, може всушност да ги обесхрабри поединците да се едуцираат токму во оние области за кои сметаат дека имаат познавања, што доведува до потенцијално катастрофални исходи. На пример, непрепознавањето или не признавањето на недостатоците од познавањата во областа на финансиите или медицината може лесно да доведе до неинформирани одлуки со погубни последици за поединците. „Продолжуваме да истражуваме кога и зошто прекумерното познавање кое го изјавуваат поединците може да се покаже значајно во борбата против големата закана, што не е незнаењето, туку илузијата на знаењето“, заклучува истражувачкиот тим.

 

Мерал Мусли Тајроска

 

Извор: https://www.psychologicalscience.org/news/releases/self-proclaimed-experts-more-vulnerable-to-the-illusion-of-knowledge.html

Leave a Reply

Share via
Copy link