СЕРИОЗНО ЗА „ШЕГИТЕ“ ВО ПРАНКСТЕРАЈЏИЛНИЦАТА

На маргините на политичките, политиколошките и политикантските муабети за руските пранкстери, се водат и јазични. Неизмерно ме радува кога луѓето се интересираат за својот јазик, кога сакаат да го развиваат. Но, не и ако муабетот се сведе на тоа дали зборот „пранкстер“ како „нечист“ треба да се замени со некој „чист“ македонски, на пример – шегобиец, шегаџија.

Хмммм …

Кога преведуваме или воведуваме некој нов збор во нашиот напатен и доста запустен македонски јазик, не треба да гледаме само во речник, треба да го погледнеме значењето. Треба да го разбереме концептот и контекстот во кој е тој употребен во оригиналниот јазик, па  да најдеме „како ние тоа го викаме кај нас“. Зашто, пранкстерајот воопшто не ни е туѓ, напротив, толку долго сме пранкстерајџилница, што цела една лектира за основно училиште е посветена на едно пранкстериште. Итар Пејо се вика.

Итар Пејо постојано се мајтапи со своите соселани. Дури и не му е цел секогаш од тоа да извлече корист, поважно им е нив да ги насамари или намагарчи, да ги зафркне, да се изнамајтапи со нив, да ги исмее, да ги направи на будали, да ги насанка … а има и некои изрази за 18+, бездруго ќе се сетите. Па кој би бил изразот што треба да го користиме за „пранкстер“? Намагарчувач? Насанкувач? Будалоправач? Зафркнувач? Мајтапџија можеби најсоодветно, но сепак не ја изразува целата злонамерност на пристапот. Сите овие зборови се сосема во согласност со правилата на зборообразување, јазично се коректни, го означуваат со доволна прецизност концептот на пранкстерисување. Слободно можеме да ги користиме, да си измислуваме и нови, да создаваме, да клепаме зборови – така се создава, развива, збогатува јазикот, го создаваат неговите родени и натурализирани говорители, а не некоја овластена лабораторија.

Но некои од нив звучат смешно и можеби би одзеле концентрација кога се користат во сериозни контексти, како на пример актуелниот.

Мој предлог, како сублимат на претходните, е ПАКОСНИК.
Пранкот е пакост, обид некому да се напакости, значи намерно, планирано, подготвувано да се наштети некому. И најчесто (во современ контекст) пранкирањето е јавно, со цел да се наруши јавниот углед на пранкираниот, да се прикаже пред јавноста како некој што е лековерен или барем не поумен од пранкстерите што го надитруваат (неуспешните обиди секако не добиваат публицитет).  Не е виц, ниту цепки за друштво, туку пакост, стапица што се подметнува некому, за да му се напакости, да се исмее, без оглед дали тоа е во пријателски смешкарски или непријателски дух. Но, секако, тоа се прави од пакост, за да се причини пакост. Тоа не е исто со „шега“.

Благодарение на makedonski.info (самоникнат, волонтерски, но исклучително корисен јазичен ресурс), ги имаме референциите од литературата:
https://makedonski.info/literature/search/%D0%BF%D0%B0%D0%BA%D0%BE%D1%81%D0%BD%D0%B8%D0%BA
Но, како преведувач што е инженер, а не лингвист, навистина немам ништо против и да се користи „пранк“, изворно или прилагодено.
Јазикот служи за да се разбереме, за да бидеме прецизни во значењето, за да знаеме за што точно се работи. За да знаеме дали нештото е краставица, пиперка или домат, а не само приближно „зеленчук“.
Па ете, и за таквите толку вообичаени зборови, за секојдневните пиперки и домати на кои се темели нашата кујна, ние користиме прилагодени интернационализми, изведенки од paprika, tomato. Тоа го прават и многу поразвиените јазици, па така и во англискиот се вели savoir faire и ќе го најдете и во речникот на англискиот јазик (https://www.merriam-webster.com/dictionary/savoir%20faire), зашто ете токму таа фраза го има она нешто, она женесекуа J што не може целосно да се замени со англиски зборови.

Значи, може и пранк, не мора пакост. Но секако не може „шега“. Да не го нарекуваме со безазленото и добронамерното „шегобиец“ и со тоа да го банализираме оној кој очигледно има инакви намери, а и сериозна логистика, штом систематски ги остварува. Да не го нарекуваме шега она што нема намера да не’ насмее и освежи, туку да ги поткопа сериозните напори да оствариме сериозен напредок во кој на раат ќе се шегуваме.
Како што се прифатливи турцизмите (раат, мајтап) и не се сметаат за странцизми, така е во ред да се прифатат и поновите термини, од јазикот што е сега доминантен во регионалната култура, како што некогаш бил турскиот.
Но да се прифаќаат без јавашлак, туку и во мислата, и во изразот, и во разбирањето на туѓиот израз да не бидеме мрзеливи. Прецизно да разбираме за што е муабетот, за да знаеме прецизно и делотворно и да се соочиме со него.

Фуснота:
Дефиниции за пранк од некои од англиските речници:
trick that is intended to be amusing and often to make someone look foolish: (трик замислен да биде забавен, или да постигне некој да изгледа будалесто)

a trick of an amusing, playful, or sometimes malicious nature. (трик со забавна, игрива или понекогаш злонамерна природа)

Во англискиот јазик, зборот е стар со векови. Според dictionary.com, првата употреба е забележана во 1530 година. Кај нас стасува, колку што знам, речиси пет века подоцна, со емисијата на Аштон Кучер, Punk’d https://en.wikipedia.org/wiki/Punk%27d.

Јасна Шоптрајанова – Конференциска преведувачка

Leave a Reply

Share via
Copy link
Powered by Social Snap