СЛЕДЕТЕ ГИ ОФИЦИЈАЛНИТЕ ПРЕПОРАКИ И МЕРКИ НАМЕСТО МАНИПУЛАТИВНИТЕ СОВЕТИ КОИ СЕ СПОДЕЛУВААТ ОНЛАЈН

By март 23, 2020 март 26th, 2020 Corona, F2N2 ANALYSIS

Светот е исправен пред нови предизвици. Од една страна е  пандемијата со корона, а од друга страна ширењето на дезинформациите за овој вирус.

Манипулативните содржини покажуваат како луѓе се „лекуваат“ од COVID-19. Тие вклучуваат совети кои не се научно поткрепени,  предвидувања на Нострадамус и Баба Ванѓа, па дури и фалсификувани објави на институции.  Во манипулативните објави беше злоупотребен дури и универзитетот Стенфорд со лажен тест за самопроверка.

На социјалните мрежи често се споделуваат приказни за тоа што се’ може да се искористи како лек за корона, од ракија до лук.

Вистина е дека засега нема „лек“ за корона вирусот. За жал, ваквите дезинформации резултираа со предизвикување на трагедии со смртни случаи. Според некои извештаи, во Иран најмалку 44 лица починале откако консумирале алкохол, сакајќи на тој начин да се излечат од Корона.

Бидете претпазливи. Не верувајте на се’ што ќе прочитате онлајн.

Мит: Постои лек за корона. Прскајте се со алкохол или хлор

Факт: Прскањето со алкохол или хлор по вашето тело, нема да ги елиминира вирусите кои веќе влегле во вашето тело. Прскањето со вакви супстанци може да биде штетно. Алкохолот и хлорот можат да бидат корисни за дезинфекција на површините, но тие треба да се користат според соодветни препораки.

Најефикасната заштита е честото миење на рацете и социјалното дистанцирање.

Мит: Апаратите кои се користат за сушење на рацете со топол воздух, штитат од новиот корона вирус

Факт: Апаратите кои се користат за сушење на рацете со топол воздух не се ефикасни во елиминирањето на COVID-19. За да се заштитите, неопходно е темелно миење на рацете со сапун и вода. Дури потоа може да ги исушите рацете со употреба на хартиени брисачи или фен со топол воздух, препорачуваат од СЗО.

Мит: Вирусот COVID-19 не се пренесува во реони со топла и влажна клима

Факти: Досегашните докази укажуваат дека вирусот COVID-19, може да се пренесе на секоја локација, па дури и таму каде времето е топло и влажно. Токму поради тоа, постојано се нагласува следење на препораките и почитување на заштитните мерки, од страна на официјалните извори. Најдобриот начин да се заштитите е одржување на личната хигиена. Покрај миењето на рацете, се препорачува да се избегнува допирање на лицето, односно очите, устата и носот.

Мит: Корона вирусот ги напаѓа само повозрасните лица

Факти: Корона вирусот не ги напаѓа само повозрасните лица. Покрај повозрасните вирусот може да биде трагичен и за оние кои имаат одредени здравствени проблеми (астма, дијабетес, срцеви заболувања).

СЗО советува луѓето, независно од нивната возраст да ги преземат сите чекори за заштита.

Мит: Топла бања може да го спречи корона вирусот

Факт: Топлата бања нема да спречи да се заразите со COVID-19. Нормалната телесна температура на човекот се движи околу 36,5 ° C до 37 ° C. Таа ќе остане во тие граници, независно дали ќе одлучите да се капете во када со топла вода или ќе се туширате. Капењето со многу топла вода, може да ви наштети, односно да ве изгори.

 

Не верувајте на се’ што ќе прочитате на социјалните мрежи. Бидете особено внимателни. За да се информирате детално и правилно за сите прашања врзани со COVID-19, Ви препорачуваме да ги следите официјалните извори: Светската здравствена организација и Министерството за здравство. Тие се грижат постојано да ги добиете сите информации, прецизно, проверено и навремено.
Следете ги сите мерки и препораки. На тој начин вие се грижите за своето здравје и ги заштитувате оние кои се околу вас.

Leave a Reply

Share via
Copy link