СМИСЛЕНО ШИРЕЊЕ СТРАВ ОД „ВОЈНА“ И „ТЕРОРИСТИ“ ПО СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ

By септември 25, 2019 F2N2 ANALYSIS

Десетици граѓани од албанска националност протестираа на 14 септември во Скопје против, како што велат, монтираните судски случаи, а со главно барање и слоган „меѓународна истрага“ за некои од поголемите судски случаи во Северна Македонија. Протестот заврши мирно и без никакви инциденти.

Многу поинтересни беа деновите пред самиот протест. Социјалните мрежи создадоа драматичнo исчекување и најава која речиси премина во холивудско сценарио. Војна, Илирида, УЧК и ИСИС се само дел од вокабуларот со кој што се најавуваше овој протест на неколку „патриотски“ македонски фејсбук групи. Лошо преведени најави за протест или смислена пропаганда за уплав од војна, терористи, сепаратисти?

Пишувањата по фејсбук одеа до таму што ја толкуваа дури и позадината за „војната“ што според нив ни претстои. Од дефокусирање од аферата „Рекет“, па се до федерализација на државата требало да биде позадината за војната која што и покрај најавата, се сведе на мирен протест од околу 50 граѓани.

Мало пребарување на интернет ќе покаже дека еден од промоторите на ваквите објави кои внесуваат страв и раздор помеѓу етничките заедници е Златко Ковач. Станува збор за 49-годишен Македонец со американско државјанство кој е еден од лицата кои што споделуваа ваква реторика во повеќе фејсбук групи минатиот период. Тој претходно ширеше лажни вести за наводни намери на НАТО за користење на оружја со осиромашен ураниум на Криволак, воениот центар за обука на АРМ. Во друг наврат, Ковач тврдеше дека власта ги следи Вибер комуникациите на граѓаните. Сите овие лажни вести пласирани од овој човек во цела инфрастуктура на фејсбук групи и фан страници очигледно имаат намера да шират страв и паника за физичката, здравствената и дигиталната безбедноста на граѓаните. Неговите написи често се пренесуваат и во дел од медиумите во земјава.

Ковач е еден од уредниците на руската владина информативна агенција Спутник, која има свои регионални претставништва во Вашингтон, Пекинг, Париз, Берлин, Лондон, Белград и други метрополи низ светот. Неговиот ангажман за Спутник беше откриен од негов поранешен колега, во колумна објавена во американскиот магазин Политико.

Без разлика дали лажните вести што ги шири се негови лични гледишта или се дел од неговиот идеолошко-пропаганден ангажман, тие се опасни и штетни, шират страв, паника, омраза и поделба меѓу граѓаните. Медиумите што ги пренесуваат таквите вести имаат еднаква одговорност за штетните последици. А додека Фејсбук не најде поефикасен начин да се бори против лажните објави, граѓаните треба да внимаваат да не бидат жртва на оваа валкана и опасна пропаганда.

Leave a Reply