СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ И ДЕЗИНФОРМАЦИИТЕ

Социјалните мрежи се одлично средство за информирање, но се уште подобро средство за дезинформирање. Која е причината за ова?

Пред сè, прва причина за тоа е извонредниот досег до публиката („reach“, англ.). Најголемите социјални мрежи и т.н. онлајн гиганти (Facebook, Google, YоuTube, Twitter и др.) се најголемите медиумски платформи во историјата на медиумите. Само Фејзбук има над 2.4 милијарди корисници, YouTube 2 милијарди, Instagram 1 милјарда, Twitter над 300 милиони, и.т.н. Поголем дел од нив имаат опции за отворени објави, па за да проследите нешто на нивните платформи не мора да бидете регистрирани корисници, што значи дека тие овозможуваат инстантен публика од над 4 милијарди луѓе кои имаат пристап на интернет. Споредено со публиката која пред нив ја имале највлијателните медиуми ова се неверојатни бројки, кои потврдуваат дека навистина се работи за медиумски гиганти.

 

Содржините на овие платформи се објавуваат инстантно и речиси без рестрикции, а слободата на објавување е голема. Во дел од нив, како на пример Фејзбук, активни се одредени автоматизирани контролни механизми, како на пример алгоритми кои препознаваат содржини со човечка голотија и оневозможуваат нивно објавување. Но, сепак доминантен дел од содржините може да се објави без пречки, а отстранувањата на недозволените содржини се врши „пост-фестум“, односно откако содржината е пријавено, но веќе може да биде видена и сочувана од милиони корисници. За жал таков беше случајот со терористичкиот напад во Нов Зеланд од 15 март 2019 година кога беа застрелани 51 лице во 2 џамии во Christchurch. Видеото од овие напади, кој убиецот ги пренесуваше директно на Фејзбук, сè уште може да се најде на бројни профили на оваа социјална мрежа. Разобличувањето на дезинформации и на други поврзани содржини бара време, координација и упорност, која често остава доволно време дезинформациите да ја извршат својата планирана цел. Фејзбук во ноември 2019 информира дека за последните 6 месеци од нивната платформа биле отстранети 3.4 милијарди лажни профили. Сепак, ефектот од овие активности е под знак прашање пред сè поради фактот што овие профили лесно се заменуваат со нови за чие детектирање повторно ќе треба значително време.

Ова сето помалку наликува на старогрчкиот мит за Хидра, водениот монструм со повеќе глави, на кој ако му отсечете една глава израснуваат две нови. Во секој случај, овие платформи засега се покажуваат како одлична логистика за лесно ширење дезинформации, кои потоа тешко се отстрануваат. Со други зборови, социјалните мрежи лесно стануваат неверојатно ефикасни пропагандни машини. Да, тоа се веројатно најмоќните пропагандни машини во историјата на човештвото. Покрај нивниот досег, дезинформациските содржини многу лесно се шират и се умножуваат, што ги прави уште поразорни кога корисникот има зли намери за објавување и ширење на некоја содржина. Порастот на нетолеранцијата, злосторствата од омраза и говорот на омраза директно се поврзуваат со зголемувањето на употребата на социјалните мрежи. Најмалку еден мaсoвен злостор и геноцид е извршен со значителна употреба на социјалните мрежи, оној во Мјанмар. Различните организации и влади допрва работат на градење механизми за заштита од слични злоупотреби.

Маршал Меклуан, еден од најголемите теоретичари на медиумите, наведува дека „медиумот е пораката“, односно самиот медиум во голема мера влијае какви содржини циркулираат и се шират преку тој медиум. Во таа смисла, социјалните мрежи се медиумска платформа која фаворизира т.н. интерактивни содржини, односно содржини кои предизвикуваат изразена вклученост и интеракција со содржините и другите корисници (т.н. engagement). Социјалните мрежи поттикнуваат интерактивност и вклученост, а често предизвикуваат и зависност. Вака гледано, содржините кои резултираат со најголема „вклученост“ (engagement) се содржини кои целат кон нашите базични нагони, стравови и страсти. Некоја провокативна содржина или екстремистичка порака има далеку посилен потенцијал за „engagement“ отколку некој корисен рецепт за торта. Токму ваквите содржини потоа се фаворизираат од алгоритмите на социјалните мрежи и почесто се прикажуваат на профилите на корисниците. Покрај тоа што често поттикнуваат вакви раздразнувачки содржини, потврдено е дека тие и полесно се прошируваат на социјалните мрежи, посебно на Фејзбук и Твитер. Лагите патуваат далеку побрзо низ интернет каналите од фактите.

Исто така, мора да се напомене дека често овие социјални мрежи се покажуваат како аморални платформи, кои не водат сметка за етичката димензија на комуницирањето. Првиот човек на Фејзбук, Марк Цукерберг, оваа одлука да не се води од етички принципи во одредувањето што може да биде објавено на Фејзбук, во своето скорешно обраќање го оправда со грижа за слободата на говор. Според него, Фејзбук ќе продолжи да објавува рекламни содржини кои не се фактографски проверени во форма на платени реклами. Со тоа, заинтересираните политички субјекти ќе можат да објавуваат содржини кои политички им се погодни, а да не водат сметка за фактите или можеби за штетните ефекти од нивното објавување. Овој недостаток на примена на етичките принципи за објавување и информирање навистина загрижува и остава отворена врата за многу злоупотреби. Механизми кои можеби нема да бидат контролни, но ќе воспостават јасна одговорност на онлајн гигантите и нивните платформи се чинат дека ќе бидат неизбежни и тоа во многу скоро време.

Каде е тука Северна Македонија?

Северна Македонија е добар пример за тоа како медиумите еволуираат без никаков заштитен надзор и прераснуват во алатка која може да има бројни штетни последици. Социјалните мрежи, како и голем број традиционални и нови медиуми пред нив, поминаа низ трите фази на (а) популаризација, (б) комерцијализација и (в) политизација. Откако нивното влијание порасна во голема мера, а влијанието на телевизијата и печатот почнаа да опаѓаат, нерегулираноста и отвореноста на овие мрежи многу бргу беше искористена за политичко пропагандно дејствување и за разни манипулации. Од споредна платформа за пре-објавување на содржини наменети за телевизиските програми, тие сега се примарно место за водење на валканиот дел од политичките активности и кампањи. Различни техники на координирано ширење на дезинформации со пропагандни цели, водење црни кампањи, ширење на погодни политички наративи, притисоци врз поединци и групи, како и многу други манипулативни активности, целосно се префрлија на  социјалните мрежи. Речиси непостоечката индивидуална и правна одговорност влијаат овие мрежи и понатаму да бидат во поголема мера злоупотребувани отколку користени за позитивна и отворена комуникација.

Социјалните мрежи, исто така, често се користат за тестирање на одредени провокативни или екстремистичко-националистички наративи, со цел да се испитаат реакциите на јавноста, или индиректно да остварат одредени политички ефекти преку анонимни посредни или т.н. прокси-подржувачи. Во секој случај, тие се покажуваат како моќни алатки за политичка пропаганда, а ваквата ефикасност ги мотивира и големите партии, но и помалите групации, да „иновираат“ и да тестираат различни манипулативни техники, што секако е загрижувачки процес.

Потенцијалните штети и опасности кои социјалните мрежи ги имаат во поглед на дезинформациите и говорот на омраза се навистина сериозни. Долготрајна работа и едукација е потребна за да се намалат штетните последици кои тие можат да ги нанесуваат. Долгорочни инвестиции во едукацијата и одреден вид ко-регулација се неопходни за да се овозможи придобивките од овие нови технологии и платформи далеку да ги надминат нивните негативни страни и ефекти.

 

Сеад Џигал

Leave a Reply

Share via
Copy link