Со години се шират лажни вести за киднапирање деца и кражба на органи

By април 24, 2019 D-NARRATIVE

Со години се шират лажни вести за киднапирање деца и кражба на органи

Лажни вести за киднапирање деца и нелегална трговија со органи се шират периодично во минатите години. Овие вести се препознаваат по тоа што најчесто се проследени со украдени фотографии од други, главно странски медиуми, или филмови, на кои е прикажано грабнување, насилство влечење на деца или возрасни ликови кои се појавуваат на овие фотографии.

Како се креираат и шират лажните текстови

Текстовите се креирани на следниот начин: Се повикуваат на објави од Фејсбук профили (на кои при обидот за проверка не може да се пристапи) или „граѓани“ на кои не им го пишува името и презимето. Клучните зборови што оваа група медиуми ги користи при пласирање на вестите се: паника, предупредувања, киднапирани, исчезнати, самоорганизирање. Што би требало да ги наведе читателите, јавноста, дека постои вонредна состојба со бројката на исчезнати лица, дека институциите не функционираат и се неспособни да се справат со тој проблем и дека граѓаните треба да се самоорганизираат. Истите медиуми или само делумно или воопшто не ги пренесуваат демантите од МВР и други релевантни институции.

Тимот на F2N2 направи поопсежно истражување на овој тип вести што не доведе до заклучокот дека најверојатно станува збор за организирано медиумско пласирање, а не едноставно пренесување на иста вест. Планираното манипулирање со јавноста ќе го прикажеме почнувајќи од оваа вест со наслов: Граѓаните во Паника: Во Македонија во моментов има исчезнати 64 лица.

Тенденциозното известување во овој текст е во тоа што всушност тој ја дава точната бројка на исчезнати, но, никаде не спомнува дека тоа не е бројка на лица што се исчезнати овој период туку дека тоа е вкупна бројка на исчезнати лица било кога. Во овие 64 се и лица кои се исчезнати пред 27 години на пример или пред 12г. итн. Податоците можат да се видат овде.

Дополнително, Министерството за внатрешни работи на прес конференција излезе со информации дека бројката на исчезнати по ништо не се разликува од бројките од претходните 5-6 години, па дури и дека во 2014 година имало речиси двојно повеќе пријави за исчезнати лица. На оваа прес конференција Министерот за внатрешни работи ги демантираше и наводите на еден од сајтовите кој тврди дека покрај киднапирањата имало и продажба на органи и дека во тоа е вмешана полицијата.

Овие тврдења тимот на F2N2 не можеше ниту на едно место да ги сретне, а при обид да ја контактира редакцијата, на сајтот не можеше да се пронајде ниту телефон ниту маил за контакт ниту пак одговорна компанија или физичко лице. Повеќе детали, за овој случај прочитајте тука.

Шемата на ширење на овие лажни вести

Некои од медиумите ја објавува лажната вест и потоа таа се шири организирано по социјалните мрежи и од сличните сајтови. Иако се работи за нови измислени вести, сепак, нашиот тим провери подетално и отиде неколку години поназад за да ја најде оваа вест објавена во септември 2016 година. Најголем дел од текстовите се непотпишани, а не може да се влезе ниту во трага на редакцијата која стои зад сајтот или написот.

Лажната вест потоа ја преземаат профили на социјалните мрежи, и ја шират во  Фејсбук групи, најголем дел од нив со православен или етнички христијански предзнак. Како на пример „Православни вести и патувања“, Македонска жена, Византиско пеење, Бигорски манастир, Мисија, Животот е борба и така натаму.

Но, лажните информации понатаму се шират. Преземени од порталите на македонски јазик беа објавени и на некои портали на албански јазик и на нивните фејсбук страници.

Вестите од овој тип најчесто завршуваат со заклучок кој со ништо не е поткрепен дека овие киднапирања се дел од разработена мрежа на нелегална трговија со човечки органи, посочувајќи го Балканот како средиште на овој вид криминал.

 

Целта на овие медиуми

Целта на медиумите кои ги повикуваат граѓаните да се „самоорганизираат“, игнорирајќи ги официјалните реакции и соопштенија на институциите, полицијата, е сеење страв по социјалните мрежи, ширење паника кај граѓаните и инфицирање на публиката со недоверба кон институциите, особено оние кои се грижат за безбедноста и јавниот ред и мир.

Еден дел од граѓаните пак, со чесна намера, без да го проверат изворот, датумот на објава или да ја прочитаат веста целосно, раководејќи се само од насловот, ги шират овие лажни вести на своите профили сакајќи да помогнат. Затоа, редакцијата на F2N2 реши во овој текст да не ги објавува приватните профили на лицата кои ги имаат споделено овие лажни вести, туку само на групите кои се јавни, што ги споменавме малку погоре.

Leave a Reply

Share via
Copy link