ТЕОРИИТЕ НА ЗАГОВОР И ДЕЗИНФОРМАЦИИТЕ (1)

By декември 18, 2019 март 25th, 2020 EXPERT ANALYSIS

Вештите пропагандисти знаат дека пласирањето дезинформации е најдобро кога тие се спакувани со други информации кои се уверливи и во кои не се сомневаме. Во пакет со нив многу е полесно да ги проголтаме и дезинформациите, бидејќи нашите критички сетила слабнеат кога ќе препознаат некоја утврдена фактичка информација која ја примаат речиси по автоматизам. Модерниот човек во текот на само еден ден прима информации кои нашите претци ги примале во текот на неколку години. Изострената внимателност и критичкото преиспитување на сè она што го читаме и гледаме навистина е напорно. На тој начин манипулаторите многу често нè фаќаат на кондиција и ги злоупотребуваат механизмите на нашата перцепција и свест.

 

Обезбедувањето контекст за дезинформаците е еден од клучните чекори за нивно успешно ширење. Овој контекст често може да го креира средината во која живееме, културата на која припаѓаме или пак политичките групации кон кои сме приклонети и на кои им веруваме. Ако во овие општествени групи постапно се вградат одредени стереотипи, предубедувања или теории на заговор, тогаш на таква плодна почва дезинформациите многу полесно виреат и се шират. Токму затоа, градењето контекст, или култивирањето на плодна почва за дезинформациските кампањи, е клучен чекор во целиот процес на пропагандното дејствување. Целта на тој процес е слабеење на критичката свест, рационалноста и верувањето во позитивните норми на заедницата во која живееме. Исплашен и несигурен поединец, кој чувствува дека е загрозен од Другите и дека го демнат опасности на секој чекор, е далеку поподложен на манипулација и пропаганда. За него светот е несигурен и исполнет со ужасни опасности и натприродни сили кои нè следат на секој чекор. Таков поединец по секоја цена и очајнички бара група или колектив кои ќе го заштитат.

 

Историјата нè учи дека креирањето на вакви поединци е дел од пропагандните стратегии.

 

Во март 1475 во гратчето Трентo во Северна Италија локален свештеник по име Бернардин одржал неколку богослужби на кои тврдел дека локалната еврејска заедница стои зад убиство на дете од нивното гратче кое исчезнало. Според него, ова било направено во текот на прославите на Велигден (рasqua) од страна на еврејската заедница за која било жртвувано детето и на кое потоа му било испиена крвта. Оваа грозоморна гласина била бргу проширена помеѓу жителите, a локалниот првосвештеник во Тренто, Јоханес Хиндербах, видел погодна пригода во сето ова да го зацврсти својот авторитет и позиција на моќ. Тој одлучил исчезнатото дете да биде прогласено за светец, Свети Симон од Тренто, придавајќи му десетици чудотворни моќи, а за неговото погибие ја обвинил целата еврејска заедница. По ова во прогоните против локалните Евреи десетина од нив биле живи изгорени, а овие случувања поттикнале слични прогони и во останатите делови на Италија. Папата Сикстус IV ја препознал заднината на овие трагични настани и се обидел да интервенира кај Хиндербах, но бил одбиен. Кампањите против еврејската заедница продолжиле дури и со засилено темпо. Ширењето на антисемитизмот се распламнало во целиот регион, а било особено потпомогнато од веќе постоечките предубедувања кон Евреите. Овој случај е еден од првите примери за политичка злоупотреба на дезинформациите во содејство со теорија на заговор за наводен еврејски канибализам. Политичката моќ на Хиндербах пораснала до степен што тој често не само што му опонирал на Папата, туку работел целосно независно од него.

 

По појавата на печатот во Европа во XVII век ширењето дезинформации преку весниците било честа тактика во политичката борба, особено во развиените трговски градови во Италија. Но, многу поопасна форма на ширење на дезинформации и на теории на заговор биле „памфлетите“. Вообичаено, тоа биле рачно испишани или пак испечатени листови кои биле закачени или расфрлувани на јавни места со поголема раздвиженост на луѓето. Памфлетите биле растревожувачки и исполнети со страшни содржини, приказни и „вести“ за појави на вештерки, морски чудовишта и други натприродни дејанија. Ширењето на страв, паника и останати конспирациски дезинформации било правено најчесто поради политички мотиви и со цел контрола на масите.

 

Големиот земјотрес во Лисабон во 1755, кој се случил на верски празник, предизвикал вистинска бура не само во локалната заедница, туку и во регионот поради верските конотации кои биле доминантни во известувањата за земјотресот. Тамошните верски лидери го наметнале толкувањето дека земјотресот бил казна за локалните жители кои живееле развратно и ја напуштиле својата вера. Според нив, преживеаните биле спасени затоа што редовно се молеле на некој од нивните светци, но настанал сериозен конфликт кој од тие светци навистина бил одговорен за спасението на прежиеваните. Конфликтот на верските лидери во регионот толку се проширил што во него се вмешал и Волтер, еден од предводниците на просветителското движење од тоа време.

 

На предизвиците во борбата со конспиративните дезинформации не останале имуни ниту општества со долга демократска традиција, а ни познати историски личности. Славниот истражувач, иноватор државник и амбасадор, Бенјамин Франклин, додека се занимавал со новинарство во Бостон, Масачусетс, во весникот „Independent Chronicle“ фабрикувал вест од околијата на Њујорк. Весникот објавил дека американските војници откриле вреќи со над 700 скалпови на локални жители, белци, меѓу кои жени и деца. Тие, наводно, биле масакрирани од Индијанците, кои дури оставиле и порака со поздрави до британскиот крал Џорџ за кого „овие вреќи со скалпови биле наменети како подарок“. Оваа дезинформација силно влијаела на подоцнежните настани од американската борба за независнот од Британија, но и за целосниот прогон на домородното население од источниот брег на Северна Америка.

 

Теориите на заговор во политички и воени цели продолжиле и во XIX и XX век. Антисемитските прогони во Украина и во Русија од крајот на XIX и почетокот на XX век биле поттикнати од масовното ширење на списите познати како „Протоколи на сионските мудреци“ (Протоколы сионских мудрецов, рус.) во кои било пишувано за планот за еврејско завладување со светот. Особено познати се и пропагандните стории во британскиот печат во текот на Првата светска војна за т.н. „corpse utilization factories“, односно воени фабрики во кои наводно Германците од труповите на загинатите војници на своите непријатели произведувале хемиски средства за своите машини и оружје. Според подоцнежните сведоштва на шефот на британското разузнување од тоа време, Џон Чартерс, токму тој ја подметнал оваа сторија и теорија на заговор во весниците со цел да ја вовлече и Кина во војната против Германија. За жал, трагичното влијание на оваа сторија продолжило долго по војната. Нацистичките водачи во своите говори често го користеле овој случај да ја потпалат омразата кон Британците и да ги оправдаат плановите за окупација на Британија во Втората светска војна.

 

Од овој историски преглед јасно е дека злоупотребата на конспирациските дезинформации и на разни теории на заговор сериозно влијалела на текот на историјата и врз разгорувањето на голем број вооружени конфликти во светот. Опасноста од нив денес е уште поголема, особено во ерата на поврзаниот дигитален свет каде секоја информација може да стигне во рок од неколку секунди до околу 5 милијарди жители на планетата кои се поврзани на интернет. Дезинформациите, за жал, денес имаат разорен, речиси нуклеарен потенцијал, слично како и конвенционалните и неконвенционалните оружја. Дали навлегуваме во ера кога и за дезинформациите човештвото ќе мора да договара и усвојува разни светски конвенции за заштита од нив, останува да видиме.

 

Сеад Џигал, декември 2019.

Leave a Reply

Share via
Copy link