ФЕЈСБУК СТРАНАТА “МИСИЈА” ПОВТОРНО ШИРИ ЛАЖНИ ВЕСТИ, ГОВОР НА ОМРАЗА, ЕТНИЧКА НЕТРПЕЛИВОСТ И АНТИ-ЕУ СОДРЖИНИ

By октомври 17, 2019 октомври 28th, 2019 F2N2 ANALYSIS

Оваа анализа има за цел да покаже кој е начинот на кој оваа и слични фејсбук-страници преку нивните објави влијаат на јавното мислење. Притоа, предмет на анализа се содржините на објавите кои се креирани од администраторите на оваа фејсбук-страница, а не актерите на кои истите им се импутираат, употребуваат или злоупотребуваат.

Одлуката за тоа дали ќе и биде доделен датум за преговори на Северна Македонија предизвика сериозна раздвиженост на социјалните мрежи. Мониторингот на F2N2 забележа низа сомнителни активности и објави поврзани со ставови, реакции и информации на оваа тема. Сепак, една објава на фејсбук-страницата “Мисија” го привлече нашето внимание. Објавата се однесува на лажна (фотошопирана) фотографија од наводен твит на новинарот Борјан Јовановски, кој според анализите привлече внимание на социјалните мрежи. Оваа фотошопирана фотографија е демантирана од страна на новинарот Јовановски. Содржината гласи “Француски гнаси цигански цркнете!” и претставува експлицитен говор на омраза кон Франција и ромската популација.

Во врска со објавата F2N2 го контактираше Борјан Јовановски, кој за нашиот портал го изјави следното: “По којзнае кој пат во изминативе неколку години сум жртва на лажните вести и манипулации на социјалните мрежи и таканаречените медиуми во служба на манипулација на јавното мислење. Коментирајќи ја француската позиција во однос на почетокот на преговорите напишав дека Франција треба да ги земе предвид грешките кои нивната дипломатија ги направи за време на војните во поранешна Југославија, сега, кога носи нови важни одлуки за Балканот. Овој мој кус коментар го споделив на Твитер, за само неколку часа подоцна на извесна ФБ страница со наслов “Мисија” да дознаам дека мојот твит е фалсификуван, па со слика од мојот профил и со мое име е пренесено дека сум напишал “Француски гнаси цигански цркнете” . Истиот пост е споделен повеќе пати од именуваната фејсбук-страница и кај многумина создаде забуна околу тоа дали јас навистина сум напишал такво нешто. Некои се посомневаа, а според коментарите на други беше очигледно дека се убедени во вистинитоста на тој пост. Посебно ме погоди реакцијата на еден долгогодишен активност во борбата за правата на Ромите. Со него сум соработувал на повеќе ТВ емисии чија цел била да помогнат во решавањето на проблемите со кои се соочуваат нашите сограѓани Роми. Неговата реакција е сериозен индикатор за тоа каква е улогата , влијанието и деструктивната моќ на лажните вести. За жал, како што реков на самиот почеток, ова не е првпат, па добро ми е познато дека поради клевети упатени на мое име од машинеријата за производство на лажни вести сум бил доведен во низа непријатности од најразлична природа. Оваа прилика сакам да ја искористам да кажам дека несанкционирањето на свесното ширење на лажни вести делува мошне деструктивно на различни нивоа. Обидите да се заштитам и себеси и моето семејство барајќи ја правдата на суд се неуспешни. Па така, и покрај правосилноста на пресудата против лицето Миленко Неделковски кој со години наназад повторува дека мојот татко бил “кодош“, се користи и понатаму само затоа што институциите не се во состојба да ја спроведат судската одлука со која се потврдува лажноста на исказите и тврдењата на Неделковски.

Како што вели една поговорка, „сто пати повторена лага станува вистина”, па затоа, како жртва на овој социопатски феномен, само го давам мојот пример за да се спречат сите понатамошни жртви на лажните вести, каква што сум и јас, но и моите деца кои иако малолетни, биле доведувани во ситуации да се соочат со коментари кои произлегле од ширењето на дезинформациите и лажните вести.”

Податоци за фејсбук-страницата “Мисија”

Фејсбук-страницата “Мисија” е креирана на 4 ноември 2017 година. Името на оваа страница било променето 3 пати: “Комисија за економија”, “Комисија” и “Мисија”. Фејсбук-страницата е менаџирана од страна на три лица од Северна Македонија.

Во делот “За” (About) не може да се прочитаат никакви информации за тоа кој ја менаџира оваа фејсбук-страница. Единствена порака која што ја оставиле администраторите е следната: “Најефикасниот начин за уништување на еден народ е да се негира и избрише од меморијата неговото разбирање за својата историја”.

Самата реченица претставува нечиј став, а може да се смести во категоријата на теории на заговор. Во својата досегашна работа, F2N2 пишуваше за слична теорија на заговор поврзана со идентитетот и вредностите на еден народ. Сепак, останува нејасно кој тоа го уништува, на кој народ и на чија историја се мисли, ниту еден нивен пост не е поткрепен со факти, заклучоци или анализи.

Од содржината која е постирана на оваа фејсбук-страница може да се заклучи дека истата содржи анти-САД, анти-ЕУ и анти-НАТО наративи, како и ставови карактеристични за македонската радикална десница. Поточно, таргет лица се владини функционери, но и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои го поддржаа Договорот од Преспа, амбасадори на странски држави, ЕУ претставници, новинари кои застапуваат демократски вредности, а не изостанува и содржина која има за цел раздор помеѓу етничките заедници во Северна Македонија.

Ако се отвори делот со фотографии може да се воочи дека сите графички содржини се објавени преку мобилен телефон.

Аналитичките податоци покажуваат дека само во изминатата недела оваа фејсбук-страница имала повеќе од 96,000 интеракции, што претставува загрижувачки податок. И покрај тоа што бројот на следбеници е 17,500, дел од големиот број на интеракции се должи на споделувањата на нивната содржина од поединци и анонимни профили, но и од други фејсбук-страници, како на пример Шило Магазин, Дневна доза политички циркус и други.

Од друга страна, најчесто споделувани портали се Инфомакс и Експрес.

Минат труд

F2N2 во неколку наврати има пишувано за тоа дека оваа фејсбук-страница шири дезинформации. Во еден од нив, страницата “Мисија” беше дел од повеќе фејсбук-страници кои ширеа лажни вести за наводно киднапирање деца. Целта им беше сеење страв на социјалните мрежи, ширење паника кај граѓаните и инфицирање на публиката со недоверба кон институциите, особено оние кои се грижат за безбедноста и јавниот ред и мир. Во споредба со другите фејсбук-страници и портали,  наводната вина за наводните обиди за киднапирање оваа фејсбук-страница ја поврза со “постар човек зборува албански и нечист српски(вика дека е од словенија)…”, со што експлицитно ги обвинува Албанците и внесува недоверба кај Македонците кон Албанците.

Ова не е единствениот случај каде преку нивната содржина се обидуваат да внесат раздор помеѓу двете етнички заедници.

Во вториот случај стануваше збор за дезинформација чиј извор беше групата Мисија која на подмолен начин се обиде да ја дезинформира јавноста дека чешкиот премиер Андреј Бабиш бил пречекан со француско знаме.

Содржините и тактиките кои се користат

Ова е една од многуте фејсбук-страници во Северна Македонија чија содржина е доминантно графичка, односно главните “пораки” се пренесуваат преку фотографија. Ова е една од стратегиите за дезинформирање на корисниците на Фејсбук, ширење на говор на омраза, ширење на лажни вести, која се користи и во други земји.

Еве еден експлицитен пример за повик за насилство.

Користат говор на омраза и кон лицата од ЛГБТИ заедницата.

За разлика од горенаведените примери, во случајот на поранешниот премиер Никола Груевски ситуацијата е дијаметрално спротивна. Имено, тоа што може да се заклучи е дека сите фотографии се со глорифицирачка и амнестирачка содржина при што се возвишува неговиот “лик и дело”.

Покрај содржината која е анти-западна, има и содржина која ја возвишува Русија. На пример, на 24-ти мај оваа година, на денот на просветителите ‘’Св. Кирил и Методиј” ја споделуваат изјавата на Владимир Путин дадена во 2017 година на средба со поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов.

На 12 март оваа година објавија фотографија на која е прикажано дека на официјалната фејсбук-страница на амбасадата на Русија стои Македонија, додека пак на фејсбук-страницата на амбасадата на САД стои официјалното име на нашата држава. Она што е интересно е дека на 18 март 2019, денот кога Русија го прифати новото уставно име, фејсбук-страницата “Мисија” не ја ажурираше “разликата”.

Пренесувањето на оваа изјава на Путин има за цел да покаже пример за државничко уредување кој што треба да го следи Северна Македонија, без притоа да се земе предвид фактот дека нашата држава е мултиетничка.

Заклучок:

Поаѓајќи од фактот дека оваа и други фејсбук-страници слични на неа имаат стратегија најпрво да допрат до човечките емоции (случајот со киднапирање на деца), таргетираjќи ги оние фејсбук-корисници кои “не се интересираат за политика”, а ваквите вести ги споделуваат на своите фејсбук-профили. Иако ова за обичните граѓани не претставува политика, сепак позадината на ваквите стратегии е да се внесе недоверба во институциите и системот и да се поттикне меѓуетничка нетрпеливост. Втората категорија на содржини, радикални националистички пораки ги таргетираат националните чувства со цел да се поттикне страв од загуба на идентитетот. Истовремено, промовираат наративи кои се анти-ЕУ, анти-НАТО, анти-САД и воопшто анти-западни наративи кои што исто така имаат за цел да ги поткопаат западните демократски вредности.

Од примерот кој што го објаснивме во кој новинар и активист за заштита на правата на Ромите дошле во ситуација на недоразбирање само заради лажна вест креирана од ваква фејсбук-страница, може да се заклучи дека користењето и следењето на разните содржини од социјалните мрежи мора да се зема со резерва, како и да се консултираат повеќе извори на информации при носењето заклучоци и градењето ставови.

Направете проверка на тоа кои фејсбук-страници ги следите и читате!

Leave a Reply

Share via
Copy link