АНОНИМНА ФЕЈСБУК СТРАНИЦА СО ДЕЗИНФОРМАТИВНИ НАРАТИВИ ПРОТИВ ВАКЦИНАЦИЈА

На 5-ти септември 2021 година на социјалната мрежа Фејсбук е креирана страницата “Разбуди се”, на којашто секојдневно се објавуваат најразлични анти-ваксерски постови. Првичното име на страницата било “Сенароден фронт ‘Мое тело мој избор’“, за на 1-ви октомври името да биде променето во “Разбуди се”. Страницата исто така има и официјален, како што пишуваат, “самостоен и независен медиум”, на апликацијата Телеграм. Предмет на оваа анализа се дезинформативните наративи коишто се забележани на оваа фејсбук-страница, а кои понатаму се амплифицираат на Фејсбук. Поголемиот дел од пораките во рамките на овие дезинформативни наративи се со анти-западен сентимент, односно ги напаѓаат вакцините произведени во западниот свет, а притоа пропуштаат суштински да ги критикуваат оние кои се со руско или кинеско потекло, односно ги споменуваат двојно помалку. Карактеристично за содржините што се објавуваат е злоупотребата на западни авторитети и извори, преку ширење на целосни дезинформации или преку извртување или вадење од контекст на одредени факти или податоци. Според развојот и растот на оваа страница постои основа да се констатира дека истата е креирана или преземена од страна на администратори кои имаат искуство во спроведување кампањи и познавање на социјалните медиуми.

Сите постови се објавени преку сликовит/графички приказ којшто започнува со прашањето “Дали сте знаеле?!” Целта е да се наведе оној кој што го чита прашањето да помисли дека она што следи во продолжение на прашањето е вистина. Континуираниот и систематски начин на објавување на дезинформациите укажува на тоа дека станува збор за фејсбук-страница чија цел е да служи како извор на дезинформативни наративи кои што подоцна се амплифицираат на социјалните мрежи. Истражувањето покажа дека корените на дел од овие дезинформативни наративи водат во Русија и потекнуваат од руски извори. Во продолжение се прикажани неколку примери на вакви објави.

На 26-ти септември објавена е фотографија со следниот текст: „Дали сте ЗНАЕЛЕ?!
Креаторот на ПЦР тестот и Нобеловец, Кери Мулис, во една прилика ќе изјави дека ПЦР тестовите НЕ МОЖАТ да се користат за дијагностика на вируси!

 

Нобеловецот и креаторот на ПЦР технологијата, Кери Мулис, почина во август 2019 година, што значи дека дури и навистина некогаш да изјавил дека ПЦР тестот не може да се користи за дијагностика на вируси, не мислел за дијагностика на корона-вирусот, бидејќи првиот детектиран случај беше некаде кон крајот на 2019 година. Дури и ако Мулис имал слична изјава пред неговата смрт, овој цитат не значи дека ПЦР-тестот не може да го открие присуството на SARS-CoV-2 вирусот што предизвикува КОВИД-19. Цитатот всушност е од статија напишана од Џон Лорицен во декември 1996 година за ХИВ и СИДА, а не за КОВИД-19.

На 1-ви октомври објавена е фотографија со следниот текст: “Дали сте ЗНАЕЛЕ?!”
Апликацијата за одобрување на засилувачки вакцини со вакцината на Фајзер за сите луѓе на возраст од 16 до 65 години, беше ОДБИЕНА!”.

 

На 22-ри септември на официјалната страница на американската Агенција за храна и лекови е објавена одлука која што е во комплетна спротивност со прикажаното на страницата “Разбуди се”. Напротив, американската агенција ги одобри и ги препорача засилувачките вакцини на Фајзер, т.н. бустери, за сите граѓани помеѓу 16-65 години кои имаат здравствени проблеми или зголемен ризик од зараза поради професијата. Ова е уште еден пример на комплетна дезинформација, при што е злоупотребен западен извор, во случајов американската Агенција за храна и лекови. Оваа објава е споделена 54 пати до денот на пишување на оваа статија.

На 20-ти октомври објавена е фотографија со следниот текст: „Истрага: Смртните случаи меѓу тинејџерите се зголемија за 47% во Обединетото Кралство откако почнаа да добиваат вакцина ‘Ковид-19’, според официјалните податоци на ОНС.“

 

Во овој случај се работи за погрешно интерпретирање на статистички податоци од Бирото за национална статистика на Велика Британија, кои се извадени надвор од контекст. Како што објави Асошиејтед прес, причината за зголемувањето на бројот на смртни случаи не се вакцините, туку тоа што споредбата е направена со 2020 година, кога имало невообичаено низок број на смртни случаи, па оттаму се смета дека согласно статистичките стандарди, 2020 година не е погодна за правење на споредби. Ова е уште еден пример на злоупотреба на западни извори за да се шират дезинформативни наративи, кој во овој случај, до денот на пишување на оваа статија, бил споделен 40 пати .

Со цел да ја зголеми наводната веродостојност на сопствените објави, оваа фејсбук-страница користи техника на т.н. “глас на јавноста” преку употреба на коментари од “корисници на Фејсбук” каде преку графички приказ со прикриен идентитет се обидува да ги стави во контекст лажните тврдења што ги споделува. Овие “профили”, како и нивните “коментари” не можат да се верификуваат. Имено, станува збор за наводни коментари објавени на Фејсбук од луѓе кои наводно имале искуство со корона-вирусот, односно искуства на луѓе на кои по вакцинацијата против КОВИД-19 здравствената состојба им се влошила или починале.

Во анализа објавена пред речиси една година на Призма, со наслов ”Сподели сега! Како нè затрупаа теории на заговор”, менаџерката на ФН, Росана Алексоска, даде осврт за тоа како беа дезинформирани граѓаните во текот на пандемијата, а помеѓу другото појасни: Како што поминуваше времето, така „пораките“ се менуваа. На почетокот се фокусираа на „лажноста“ на вирусот и на пандемијата, па на „непотребноста на маските“, карантините, социјалната дистанца и на другите мерки за заштита, а откако науката направи пробив во напорите да најде вакцина, се свртеа кон „опасностите“ од вакцинацијата”. Оваа анализа го појаснува и методот на споделување на графички приказ/слики наместо текстови. Од архивата на ФН може да се види дека истата техника е користена во случајот со креирање на лажниот наратив дека се киднапираат деца, со цел внесување на меѓуетничка нетолеранција.

“Разбуди се” е анонимна фејсбук-страница која е менаџирана од страна на 6 непознати лица од Северна Македонија, кои очигледно имаат за цел да создадат недоверба во медицината, особено онаа од западниот свет, да влеат страв кај граѓаните и недоверба во институциите, како и да креираат поделба помеѓу населението.

Горенаведените факти укажуваат на тоа дека станува збор за дезинформативни наративи кои како елемент користат руски дезинформации и различни техники на влијание врз перцепциите на граѓаните.

 

Заштитете се себе и оние околу Вас – вакцинирајте се!

Share via
Copy link
Powered by Social Snap