АНТИВАКЦИНАЦИСКАТА КАМПАЊА БЕЗ НАУЧНИ ДОКАЗИ ШТЕТНО ВЛИЈАЕ ВРЗ ЈАВНОТО ЗДРАВЈЕ

Дезинформација бр:

#207

Дата:

11.12.2020

Извор:

times.com.mk

Време на читање:

4 мин.

Оригинален наслов: Професор Кристијан Перон: Станува збор за измама, „Модерна“ и „Фајзер“ не се вакцини, туку скриена РНК генетска терапија која категорично мора да ја отфрлиме

 

Антивакцинациски ставови на француски доктор дека вакцините против корона-вирусот ја модифицирале човековата ДНК се побиени од стручни лица. Овој доктор и претходно изнесувал невистинити тврдења кои биле побиени.

На 11-ти декември анонимниот портал “Тhe Times објави текст со наслов: Професор Кристијан Перон: Станува збор за измама, „Модерна“ и „Фајзер“ не се вакцини, туку скриена РНК генетска терапија која категорично мора да ја отфрлиме. Во содржината на текстот, порталот се повикува на интервју на француски професор Кристијан Перон, раководител на одделот за инфективни болести во болницата Гарш во Париз.

Според него, Модерна и Фајзер не биле вакцини, туку производ на РНК генетска терапија, што можела трајно и неповратно да ги измени нашите гени, хромозомите, така што овие аномалии подоцна можеле да се пренесат на нашите деца. Според Перон, и тестовите не се добри, и никој не се обидел да ги подобри. Тоа наводно било направено намерно, бидејќи би се намалил пазарот на вакцини. Негирајќи ја потребата од вакцинација, тој повикува на отфрлање на вакцината како навистина непотребна, кога стапката на смртност од КОВИД-19 веќе била опадната. Според него, во историјата на медицината не се случило да има итно вакцинирање на милиони луѓе поради вирус кој убивал само одредена група и наводно постарите луѓе кои не се заразени ќе служеле како заморчиња пред да се вакцинира популацијата.

Оваа содржина со изјавата на францускиот професор ја објавија и порталите Улица.мк, Radar.mk, МКД Пресс, Денешен весник, Фактор.

Тврдењата на францускиот професор Кристијан Перон, кои кружеле низ социјалните мрежи во Франција и во странство, немаат никаква научна основа, објаснуваат за АФП специјалисти по генетика и имунологија. Имено, вакцините базирани на информациска РНК, иРНК, испраќаат генетски инструкции до телото кои брзо исчезнуваат и нема можност за модификација на ДНК на пациентот.

Како функционираат овие вакцини?

Идејата за вакцина е секогаш иста: да се научи телото да препознае патоген, така што може да произведе имунолошки одговор.

За да се постигне ова, во случај на вирусни заболувања, постојат неколку „класични“ техники. Една од најчесто користените се состои во инокулирање на ослабен вирус за телото да се научи да препознава одредени протеини, наречени антигени, така што ќе може да реагира доколку се соочи со вистински вирус.

Во случајот на иРНК вакцините, како што се оние на Фајзер/Бионтех и Модерна, тие испраќаат генетски инструкции за произведување на овие протеини директно во клетките, со што телото го претвораат во фабрика за правење вакцини.

Но, дали генетската инструкција што ја испраќа до нашите клетки може „да ги трансформира нашите гени трајно“, како што тврди професорот Перон?

Оваа тврдење не се заснова на какви било научни податоци.

Специјалисти од оваа област, интервјуирани од АФП како на пример, Д-р Марија Викторија Санчез од лабораторијата за истражување на имунологија и вакцини во Аргентина, францускиот генетичар-Аксел Кан, Кристоф Д’Енферт – научен директор на Институтот Пастер, Жан Даниел Леливр – професор по имунологија, објаснуваат дека тоа не може да се случи бидејќи иРНК не може да влезе во ДНК, затоа што никогаш не влегува во јадрото на клетката, кадешто се наоѓа ДНК.

Контроверзните изјави на овој француски доктор од почетокот на пандемијата, особено во врска со хидроксихлорокинот што го брани како лек, како и за “огромната“ стапка на лажни позитивни тестови, АФП веќе ги има оценето како лажни/неточни, врз основа на мислењето на специјалисти.

Иако без научни докази, тврдењата на францускиот доктор Кристијан Перон, со цел да се саботира вакцината на Модерна и Фајзер, се пренесуваат на јавноста. Во врска со неговата манипулација за наводното итно вакцинирање и дека постарите луѓе кои не се заразени ќе служат како заморчиња пред да се вакцинира популацијата, јавноста треба да знае дека вакцината нема да биде задолжителна, и дека предност ќе имаат здравствените работници кои се директно поврзани со лекување пациенти со КОВИД-19 и оние кои земаат брисеви, како и луѓето над 65 години, хронично болните, односно лицата со респираторни, малигни и кардиоваскуларни заболувања и вработени во транспортот, како најризични групи. Тоа веќе го изјави министерот за здравство, Венко Филипче.

Вакцинацијата е глобална успешна приказна за здравјето и развојот, спасувајќи милиони животи секоја година. Вакцините се исто така клучни за спречување и контрола на епидемии на заразни болести. Тие се неопходни за глобалната здравствена безбедност.

Вакцината против новиот корона-вирус ќе биде витална алатка во справувањето со пандемијата. Оние кои се обидуваат да ја саботираат вакцината против КОВИД-19, може само штетно да влијаат врз јавноста и процесот на имунизација. Антивакцинациската кампања е во забележителен подем. Јавноста соочена со непознатиот вирус барајќи одговор на многу прашања се соочува со сериозен проблем од мислења на поединци кои не се засновани на научни докази.

Leave a Reply

Share via
Copy link
Powered by Social Snap