BLACK FRIDAY – ЦРН ПЕТОК НЕ Е ДЕНОТ КОГА СЕ ПРОДАВАЛЕ РОБОВИ

By декември 4, 2019 март 25th, 2020 F2N2 ANALYSIS

Црн Петок е  “ден за профит на трговците” !

Последниве неколку години и кај нас се повеќе станува актуелен терминот Black Friday – Црн Петок, настан кој што означува ден кога се нудат големи попусти во продавниците. Трговците најавуваат голема “шопинг треска” и тоа по пример на американската практика, која е раширена речиси секаде во светот. Овој шопинг ден не претставува празник во САД, но е поврзан со празникот Денот на Благодарноста (Thanksgiving Day), кој се слави последниот четврток во месец ноември, а ден потоа е Black Friday. Овој  ден традиционално означува почеток на сезона на шопинг за Божиќ.

Потеклото на терминот Црн Петок, ги наведува луѓето да измислуваат најразлични објаснувања, меѓу кои е “приказната” дека  Црниот Петок  всушност потекнува од робовладетелскиот период кога во петок афричките робови биле на продажба по багателни цени.  Ова објаснување во форма на фотографија е забележано и кај нас по социјалните мрежи.

Приказната односно “тврдењето” за продажбата на робови нема никаква врска со Црниот Петок, кој почнува како практика и термин да се употребува  речиси  повеќе од сто години по робовладетелскиот период во Америка.

За оваа приказна  имаат пишувано неколку  познати платформи за проврека на факти:

Snopes, ( основана 1994, најстара и најголема веб страна за проверка на факти), AFP ( француска глобална новинска агенција која се фокусира на блогот  за проверка на факти како одговор на ширењето на дезинформации, по искуството со нивниот награден проект Cross Check oколу изборите во Франција во 2017 година),  Pesacheck ( пионер во иницијативата за верификација и проверка на факти во Источна Африка, првенствено фокусирани на финансиите и следење на политичките ветувања, а воедно ги подржува  медиумите и НВО во формирањето на  свои тимови за проверка на факти) и Raskrinkavanje.ba (проект од 2017 година на босанската НВО “Зошто не” за објективна, за објективна и темелна проверка на медиумските информации.)

Нашата анализа се темели на нивните истражувања направени на ова неточно тврдење.

Имено фотографијата е всушност насловна страна на книгата Every Mother’s Son is Guilty” на авторот Chris Owen. Во воведот на својата книга авторот дава детали за фотографијата, на која се Абориџински затвореници во градот Wyndham ( Западна Австралија). Најпрво е објавена на 18 Февруари 1905 година во неделникот на западно австралискиот весник Western Mail.

И како што кажува авторот на кигата Owen за AFP, кога  ја пронашол во државната библиотека Victoria ( Melbourne), за да ја користи за својата книга морал да добие дозвола  од сопствениците, и дава објаснување дека на фотографијата  се мажи-затвореници  за наводно убиство на добиток. Тој во своето истражување за фотографијата не наишол на никаква употреба и пoврзаност на терминот Црн Петок  со Абориџините од фотографијата.

Според истражувањата на погоре  споменатите сервиси за проверка на факти, терминот Црн Петок се поврзува со различни моменти во историјата, но нема докази дека тоа е термин што се употребувал за продажба на робови. Во продолжение на нашата анализа претставуваме дел од приказните  кои се поврзуваат со потеклото на употребата на терминот Црн Петок.

Како што пишува и History,  употребата на овој термин за првпат е забележана на 24 септември 1869 година. Двајца финансиери на Wall Street, работат заедно како би можеле да купат повеќе злато и со тоа да ја издигнат цената и да го продaдат за неверојатна добивка. Но тој петок е откриен заговорот и берзата оди во пад со што банкротираат сите,  од барони до земјоделци.

1950-та година терминот Црн Петок го употребила полицијата во Филаделфија за да го опише хаосот што настанал со напливот на купувачи и туристи еден  ден по Денот на Благодарноста, а пред фудбалскиот натпревар помеѓу Војската и Морнарицата кој се одржувал секоја година во сабота после Денот на Благодарноста.

До 1961 година трговците  во Филаделфија се обиделе да го стават во употреба терминот Голем Петок за да ги отсратнат негативните конотации. Но неуспешно.Терминот Голем Петок не се раширил во останатите делови од земјата.

Така што кон крајот на 80-тите, трговците на мало пронаоѓаат начин да го претворат Црниот Петок во нешто што ќе се одрази позитивно наместо негативно, врз нив и нивните клиенти. Резултатот бил црвено-црниот концепт на празникот. Имено ако со  црвено  се бележи загубата во сметководтсво, црната  боја означува профит. Тоа е всушност најпозитивното” објаснување на терминот  Црн Петок кога трговците започнуваат да бележат профит, преминувајќи од “црвено” во “црно” .

Од оваа анализа на тимот на F2N2,  произлегува заклучок  дека нема никакви докази со кои се потврдува  поврзаност на терминот Црн Петок  со робовладетелството и продажбата на робови.

Фотографијата со текстот што се шири по социјалните мрежи повеќе зборува за ставовите и заблудите на јавноста. И останува нејасно прашањето: Зошто луѓето ја одбираат негативната приказна, го бараат негативното во секој настан, во секоја приказна?! Зошто ја пренесуваат таа своја негативна “слика” и врз другите?!

Leave a Reply

Share via
Copy link
Powered by Social Snap