Во прилог ви го пренесуваме коментарот на Амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Северна Македонија, Н.Е. Кејт Мари Брнз, даден за државната агенција МИА посветен на тензиите меѓу Украина и Русија.

Светот ја следи неиспровоцираната агресија на Русија кон Украина. Активностите на Русија се закана не само за Украина, туку и за Европа и за меѓународниот поредок кој е заснован на правила. Нашите цели се едноставни. Ние сме подготвени со нашите сојузници и партнери да ја поддржиме европската кохезија, да ги зајакнеме нашите трансатлантски односи и да ги зацврстиме демократските држави и институции. Ова го правиме за да го подобриме животот и на граѓаните на САД и на граѓаните на Северна Македонија.

 И ова го правиме заедно. Американскиот државен секретар Ентони Блинкен беше исклучително јасен: САД нема да преговараат за Европа, без Европа. Нема да преговараме за Украина, без Украина.

Вистинската закана

Во текот на изминатите две децении, Русија изврши инвазија на две соседни земји, се мешаше во изборите на други држави, користеше хемиско оружје за да изврши атентати на странска почва, ги користеше испораките на гас како политичко средство и ги прекрши меѓународните договори за контрола на вооружувањето.

Во 2014 година, откако милиони Украинци протестираа за демократска иднина, Русија создаде криза, ја нападна и ја окупираше украинската територијата на Крим и организираше војна во источна Украина со руски персонал и со претставници кои самата ги води, ги обучува, ги снабдува и ги финансира. Оваа војна однесе повеќе од 14.000 украински животи. Русија и понатаму продолжува да окупира делови од Грузија и Украина и не го исполни ветувањето да ги повлече своите сили од Молдавија. А сега, руските активности, меѓу кои и распоредувањето на повеќе од 100.000 војници на границата со Украина, предизвикуваат обновување на кризата, не само за Украина, туку и за цела Европа.

Претседателот Путин со неискрени тврдења ја обвинува Украина за оваа неиспровоцирана агресија на Русија. Но, воената способност на Украина, како и НАТО Алијансата, отсекогаш биле чисто одбранбени по природа. За разлика од Русија, Украина ги исполни своите обврски од договорите од Минск склучени помеѓу Русија, Украина и Организацијата за безбедност и соработка во Европа, кои беа потпишани за да обезбедат прекин на огнот во Донбас.

Она од што Путин навистина се плаши е дека демократските вредности и остварувањето на основните човекови права ќе продолжат постепено да го разјадуваат неговото влијание. Поради овие стравови, Русија продолжува со своите напори да ја поткопа украинската демократија со ширење дезинформации и воени заплашувања. Накратко, делувањето на Русија е опасно и дестабилизирачко.

Поддршка за Украина

САД посветено го поддржуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина. Заедно со нашите сојузници и партнери, ќе им помагаме на напорите на Украина да се брани од понатамошна руска агресија. Ќе продолжиме да ги поддржуваме напорите на Украина да ги унапредува демократските реформи и борбата против корупцијата, како и да ги врати и обезбедува своите меѓународно признаени граници.

Безбедносните интереси на Европа и на САД се загрозени

Како што рече и секретарот Блинкен кога се обрати во Берлин на 20 јануари, многу работи се доведени во прашање тука. Зборуваме за иднината на Украина, точно, но и за начелата кои веќе со децении го прават светот побезбеден и постабилен.

Длабоко сме вложени во она што се случува во Украина бидејќи ги почитуваме овие начела, кои го зајакнуваат меѓународниот мир и безбедност. Тие начела се следните: границите и територијалниот интегритет на една држава не можат да се променат со сила, граѓаните во една демократска држава имаат право да одлучуваат за својата земја и да ја одредат нејзината иднина, сите членки на меѓународната заедница се обврзани со заеднички правила и треба да се соочат со последици доколку не ги исполнат сериозните обврски кои ги преземаат.

Ако ѝ се дозволи на Русија неказнето да ги прекрши овие начела ќе се испрати порака до другите држави во светот дека овие начела се минливи.

Повик за делување

САД сакаат да продолжат да ја градат меѓународната коалиција на партнери во Европа и пошироко, кои јасно ја гледаат оваа закана. Нашите пријатели во Северна Македонија се исклучително важни за ова. Нашето споделено трансатлантско единство и решеноста се најефикасната алатка со која мораме да ѝ се спротивставиме на руската агресија. Ние сме посветени на дипломатијата и јасно ставивме до знаење дека патот на дипломатијата обезбедува единствено трајно решение за сите.

Сепак, ако Русија го избере другиот пат и дополнително ја нападне Украина, ние сме подготвени и согласни со нашите партнери и сојузници да наметнеме сериозни последици врз Русија, како што неодамна беше потврдено и од Г-7, ЕУ и НАТО. Тоа би биле значителни санкции – финансиски, економски и друг вид на санкции какви до сега не сме наметнале. Исто така, би ја поткрепиле и одбраната на Украина и на НАТО така како што ќе биде потребно, што е токму она што Путин тврди дека не го сака.

Заканата за Украина од Русија е закана за демократските вредности насекаде во светот. Американците и граѓаните на Северна Македонија мора да застанат заедно со Украина за да обезбедат слободна и стабилна Европа, што е во најдобар интерес на граѓаните кои живеат во демократски држави, без оглед дали тие се граѓани на САД, на Северна Македонија, или на други држави во светот.

 

Извор: slobodenpecat.mk

logo

ФИНАНСИРАНО ОД

sponsor

Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД

ПАРТНЕРСТВО

sponsor
© 2022 F2N2.