Првата, и засега единствена девалвација на домашната валута се случи во јули месец, 1997 година, кога девизниот курс се смени од 27 на 31 денар за една тогашна германска марка. Македонија во тоа време имаше растечки трговски дефицит, скромно ниво на девизни резерви, проблеми со платниот биланс и рестриктивна монетарна политика, односно високи каматни стапки. Оттогаш шпекулациите за евентуална девалвација се подгреваат за време на  речиси секоја поголема политичка, економска или „комбинирана“ криза што се случува во земјава, па така и среде актуелнава Ковид – 19 криза. Со тоа што сега Македонија има највисоко ниво на девизни резерви откако е самостојна држава, стабилен и добро капитализиран банкарски систем, историски најниско ниво на каматни стапки, дефицит на тековната сметка и надворешен долг во зоната на умерено ниво, како и инструменти на располагање на Народната банка со коишто може да се гарантира дека девизниот курс на денарот во однос на еврото ќе остане стабилен.

Игор Петровски
новинар во „Капитал“

 

Речиси секоја поголема политичка, економска или „комбинирана“ криза што се случува во земјава последниве 20-тина години откако е направена првата и досега единствена девалвација на денарот во самостојна Македонија во јули 1997 година (да потсетиме, тогаш денарот девалвираше за 16% и девизниот курс се промени од 27 денари на 31 денар за тогашна една германска марка) е проследена со шпекулациите за повторна девалвација, односно одлука на централната банка и владата за намалување на вредноста на домашната валута, денарот, во однос на странските валути, во конкретниов случај првенствено еврото, валутата за којашто е врзан фиксниот курс на денарот.

Така беше и во 1999 година, кога поради војната во Косово и бранот бегалци што оттаму дојде во земјава, настана паника меѓу македонските граѓани коишто почнаа да ги вадат своите девизни заштеди од банките и да менуваат денари за девизи. Народната банка и деловните банки успеаја некако во последен момент да го решат проблемот, за што постојат сведоштва од тогашните актери инволвирани во случувањата.

Потоа, во 2001 година, за време на воениот конфликт во Македонија, повторно надвисна сенката на девалвацијата, но тогаш монетарните власти побогати за едно искуство, полесно ја ублажија паниката интервенирајќи на девизниот пазар.

Шпекулации за девалвација имаше и во 2008 – 2009 година по повод светската финансиска  и економска криза, што со извесно задоцнување се прелеа  и во македонската економија, па во 2010 година, 2012 година, 2016-2017 година за време на политичката криза, периодот на “пржинските“ влади… па сe’ до најновите шпекулации пуштени деновиве дека поради огромниот дефицит на тековната сметка, односно буџетската дупка и влошениот надворешнотрговски биланс, земјава е „печена“ за девалвација, а курсот би се сменил до 75 денари за евро.

Во оваа прилика нема да се занимавам со мотивите на авторите на овие шпекулации (коишто, патем, се исклучително опасни и можат да предизвикаат значителни  турбуленции на девизниот пазар – читај: панична навала во банките за да се извадат девизните заштеди и претворање на денарите во евра –  што на крајот само би ја влошило состојбата уште повеќе и би одело во прилог на тезите во самите шпекулации), туку само ќе се обидам да објаснам зошто всушност една држава се одлучува да ја девалвира својата валута и дали ваков чекор воопшто ѝ е потребен на Македонија во моментов.

Трите најчести причини зошто една држава одлучува да ја девалвира својата валута се следниве:

 

  1. Цел: да се стимулира извозот

-Придобивки: На светскиот пазар стоките произведени во една земја се натпреваруваат со стоките произведени во други земји. Производителите на автомобили од САД се конкуренти со производителите од Германија, Јапонија, Кореа, итн. Ако, на пример, вредноста на еврото се намали во однос на доларот, тогаш цената на возилата што ги продаваат европските производители на американскиот пазар, во долари, ќе стане пониска одошто била пред девалвацијата на еврото. Од друга страна, пак, посилна валута ќе го направи извозот на дотичната земја поскап, односно увозот на стоки произведени во неа поскап за земјите што увезуваат.

Со други зборови, извозниците стануваат поконкурентни на глобалниот пазар, извозот е стимулиран, а се дестимулира увозот откако ќе девалвира некоја национална валута.

-Опасности: Прво, заради поголемата побарувачка на производите од земјата што ја девалвирала својата валута, цената на тие производи ќе почне да расте, што на крај може да доведе до поништување на првичниот ефект од девалвацијата. Второ, и други земји штом ќе видат дека една земја направила девалвација за да го стимулира својот извоз, можат да го направат истото, и ова да доведе до меѓудржавна валутна војна којашто на крајот води до зголемена инфлација во сите инволвирани земји.

Инаку, поевтинувањето на извозот како аргумент за девалвација го истакнувале досега во повеќе наврати и македонски економски субјекти, главно од лобито на големите извозници, според кои наводно преценетиот курс на денарот е главниот виновник за неконкурентниот извоз на македонски производи.

Ова е само делумно точно.  Македонските производи не се доволно конкурентни на светскиот пазар пред се’ затоа што имаат релативно мала додадена вредност, ниско ниво на иновации, истражување и развој, а не затоа што денарот е преценет. Девалвацијата може да донесе краткотраен ефект од неколку месеци и реално да го зголеми извозот, но од послабиот денар корист може да имаат само оние извозници што имаат релативно малку или воопшто немаат увозни компоненти во своите производи. (на пример извозот на земјоделски производи, рудни минерали, метали, и сл.) Сите останати се увозно зависни, па девалвацијата истовремено ќе им ги поскапи суровините и репроматеријалите, затоа што ќе поскапи увозот. Така што, кондиторската, хемиската, текстилната, индустријата за автомобилски делови, (којашто во моментов е исклучително значајна за македонскиот извоз, а е концентрирана во десетината странски, но и домашни инвеститори претежно во слободните економски зони) и останатите увозно зависни индустрии логично дека ќе имаат поскапено производство, што на крајот само ќе го поништи ефектот од девалвираната валута. Без решавање на структурните проблеми во економијата, енергетиката, инфраструктурата, укинување на сите непотребни царини, итн. проблемите на македонското производство ќе си останат и девалвацијата на курсот нема да го направи извозот конкурентен на долг рок.

Некои од претставниците на научната и монетарната сфера во земјава се залагаат и за воведување на т.н. раководен флуктуирачки курс на денарот спрема странските валути, наместо актуелниот фиксен девизен курс, со цел да се поттикне извозот, но засега Народната банка останува цврсто на стратегијата на бранење на фиксниот и стабилен курс на денарот.

 

  1. Цел: да се намали трговскиот дефицит

-Придобивки: Штом се зголеми извозот и намали увозот како последица на девалвацијата, се подобрува платниот биланс на државата, односно, трговскиот дефицит се намалува. Впрочем, постојан трговски дефицит не е невообичаена работа денес, па САД, како и други развиени и помалку развиени земји имаат константен трговски дефицит со години, па и децении. Економската теорија, меѓутоа, вели дека голем трговски дефицит не е одржлив на долг рок и може да води до опасни нивоа на надворешен долг што ја загрозува економијата. Девалвацијата на домашната валута може да помогне во подобрување на платниот биланс и намалување на трговскиот дефицит.

-Опасности: Но, ова резонирање има и своја друга страна на паричката: девалвацијата исто така го зголемува товарот на долговите што една земја ги има кон странските кредитори, деноминирани во странска валута, а изразени преку домашната валута. Ова е голем проблем за земјите во развој, коишто имаат огромни количини на долгови деноминирани во долари или евра. Овие надворешни долгови стануваат се’ потешки за враќање, што ја намалува довербата на луѓето во нивната домашна валута.

Довербата во домашната валута всушност ќе биде намалена уште првиот момент откако се објавува девалвацијата, додека граѓаните ќе станат посиромашни за исто толку проценти колку што ќе биде падот на курсот на домашната валута.

На пример, доколку македонската валута би девалвирала на 75 денари за евро како што шпекулираат некои деновиве, што е за 22%, тоа значи дека ако просечната плата во земјава изнесува околу 25.000 денари или 406 евра, после девалвацијата нејзината вредност во евра би била само 333.

За исто толку проценти ќе поскапи и увозот на сите стоки и услуги во земјава, а исто така ќе порасне и вредноста на сите земени кредити од граѓаните и компаниите коишто во најголем дел се со валутна клаузула, односно деноминирани во евра. Па така, ако вашата месечна рата за кредит изнесувала 5.000 денари, сега ќе изнесува точно 6.100 денари.

Со оглед дека Македонија е високо увозно зависна земја, покачувањето на цените на многу производи и услуги би можело многу лесно да ја отвори спиралата на инфлација, што ќе има катастрофални последици по работењето на бизнисите и животниот стандард на граѓаните.

Токму затоа, шпекулациите за евентуална девалвација се многу опасни, како што оценува Народната банка, уште повеќе што дел од нив беа поврзувани со наводни оцени од страна на европските и светските финансиски институции за неизбежната потреба од девалвација, и тоа уште летово.

„Граѓаните треба да бидат спокојни. Стабилноста на девизниот курс на денарот била, е и ќе остане наш приоритет. Ние гарантираме дека денарот е и ќе остане стабилен! Апелираме на совесно и одговорно информирање и проверка на вистинитоста на изворите на информации. Секое произволно толкување на информациите, како и пласирањето неточни или непроверени информации во врска со домашната валута може да креира негативни ефекти за македонската економија.“, соопштија деновиве од Народната банка.

Како аргументи во насока на оваа изјава за гарантирање на стабилноста на денарот, од НБРСМ рекоа дека девизните резерви се на соодветно високо ниво, што е најзначајна гаранција за стабилноста на девизниот курс на домашната валута. На крајот на април, тие изнесуваат 3 милијарди и 159,6 милиони евра и во однос на март бележат зголемување за 142,3 милиони евра. Нивното ниво е речиси двојно повисоко во однос на кризата во 2008 година.

Дополнително, Народната банка  располага со низа инструменти со коишто гарантира дека девизниот курс на денарот во однос на еврото ќе остане стабилен. Понатаму, во проекциите на сите релевантни меѓународни институции се посочува дека нивото на девизните резерви е и ќе остане адекватно и дека не се очекува на ниту еден начин да биде загрозена стабилноста на денарот.

Ниту од Народната банка, ниту од релевантните меѓународни институции не се очекува пораст на стапката на инфлација, односно не се очекува пораст на цените. Напротив – во услови на тековни инфлациски остварувања коишто се под очекуваните, како и при значителни надолни ревизии кај увозните цени поради шокот од пандемијата на ковид-19, особено на енергенсите, оцените упатуваат на стапка на инфлација од околу 0% за 2020 година.

Дефицитот на тековната сметка е на умерено ниво и според проекциите тој и натаму ќе биде на умерено ниво, а надворешниот долг останува во зоната нa умерено ниво, при негово намалување минатата година.
Банкарскиот систем е стабилен и според сите показатели е подготвен не само да се справи со шокот од ковид-19, туку и натаму, континуирано да испорачува кредитна поддршка за македонската економија и да придонесе таа полесно и побрзо да се справи со предизвиците од корона-кризата, објаснија од Народната банка.

 

  1. Цел: Да се намали товарот од надворешниот долг

-Придобивки: Една држава може да реши да ја девалвира својата валута доколку има голем надворешен долг за сервисирање. Ако отплатите на долгот се со фиксни датуми, ослабената валута ги прави ефективно поевтини со тек на време.

-Опасности: Но, пак да повториме, оваа тактика треба да се зема со резерва. Повеќето земји во светот имаат некаков се’ уште неисплатен долг во една или друга форма, па може да се предизвика т.н. „валутна војна“, односно магичен круг на постојано девалвирање на националните валути во којшто ќе влезат земјите, и на крајот да се предизвика повеќе штета одошто корист. Девалвациите генерално создаваат неизвесност на глобалните пазари, следствено и пад на пазарите на капитал, недвижности и на крајот рецесии. Еден пример за тоа дека  девалвацијата не секогаш ги носи посакуваните ефекти е Бразил, чијашто национална валута реал значително загуби од вредноста од 2011 година наваму, но серијата девалвации не можеа да ги компензираат останатите економски проблеми како што беше падот на цената на нафтата и останатите суровини, како и огромните скандали со корупција во земјата. Како резултат на сето ова, бразилската економија забележа слаби стапки на раст, па дури и негативни, во периодот од 2012 наваму, иако до финансиската криза од 2008 – 2009 беше меѓу најбрзо растечките економии во светот.

logo

ФИНАНСИРАНО ОД

sponsor

Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД

ПАРТНЕРСТВО

sponsor
© 2023 F2N2.