Дезинформациите и странските влијанија се составен дел од македонскиот медиумски простор. Кај дел од домашните медиуми има наклонетост кон руски гледишта, а како потенцијален извор на влијанија се спомнува и Кина. Сепак, познавачите укажуваат – медиумскиот плурализам е добредојден

Путин на лов, Путин во студена вода, Путин пилотира. Вакви наслови се појавуваат во дел од домашните медиуми. Често се придружени и со зборови што ја величаат личноста на рускиот претседател, Владимир Путин.

„Не ја гледаат позадината на таа вест. Се креира некое мислење што доаѓа само од таа вест. Додека на Запад, ќе напишат ‘Зошто пливал Путин’, ‘Како пливал Путин’, дали е тоа за да го зголеми својот рејтинг, дали да се прикаже како мачо. Може и психолошки портрет да му направат“, вели Мирче Адамчевски, медиумски експерт и поранешен дописник од Москва.

Според неодамнешното истражување на Глобсек, за ранливоста на земјите од централна Европа и од Западен Балкан на влијанијата од Русија и од Кина, македонското општество е на средина од скалилото. Индексот на ранливост е 40 од можни сто.

„Самиот индекс на ранливост покажа дека членството во меѓународните организации, односно ЕУ и НАТО, придонесува за поголема отпорност“, истакнува Илија Џугуманов, генерален секретар на Евро-атлантски совет на Северна Македонија.

Сепак, како што беше наведено во извештајот, а во чија изработка беше вклучен и Евро-атлантскиот совет на Северна Македонија, политичката поделеност и натаму ја прави земјата ранлива на надворешни влијанија.

„Огромна политичка поларизација која на некој начин е поделена во антагонистички политички кампови. Со самата таа поделеност, општеството е уште повеќе ранливо“, додава Џугуманов.

Граѓанската асоцијација МОСТ неодамна излезе и со анализа на медиумските известувања во врска со тензичната ситуација во Црното Море што се случи летово меѓу британски воен брод „Дифендер“ и руската морнарица. Нивната анализа покажала поголема наклонетост на дел од македонските медиуми кон руските информациски гласила.

„Анализиравме вкупно 127 статии. Речиси 70% ја содржеа руската страна на приказната, додека околу 30% ја содржеа британската. Само пет статии беа оценети како неутрални“, посочува Росана Алексоска од „Мост“.

Притоа била забележано „извртување“ во пренесувањето на информациите.

„Речиси 60 проценти користеа руски извори, а само 19 проценти користеа британски извори. И покрај ова, дел од британските извори беа извртени или манипулирани во прилог на рускиот наратив“ додава Алексоска.

Според анализите за Глобсек, ранливоста на медиумскиот простор се должи и на нарушувањето на слободата на говорот, како и на големиот прилив од дезинформации.

„Таа тенденција на високи владини функционери и партиски претставници да упатуваат закани или навреди до новинарите, за жал, сè уште се присутни во нашето општество“, вели Џугуманов.

Сепак, според познавачите, домашниот медиумски простор е веќе под големо влијание и од западните општества.

„Може да се каже дека Западот влијае многу повеќе. Дали е тоа позитивно или негативно, тоа можат да го кажат луѓето. Но, мислам дека Западот влијае многу повеќе и е многу поприсутен во Македонија, за разлика од овие две држави (Русија и Кина, н.з.).
Медиумскиот плурализам сепак е добредојден. Но, се разбира, само до оној момент кога ќе почнат да се шират дезинформации“, апелира Адамчевски.

Во палетата од странски влијанија прст се посочува и кон далечниот исток од каде познавачите допрва очекуваат потези во полето на информациите.

„Интересен играч е Кина, која за нас можеби е сè уште енигма. Но, има огромен потенцијал и така во иднина би требало да помислиме и во таа насока“, вели Џугуманов.

 

Извор: voanews.com

logo

ФИНАНСИРАНО ОД

sponsor

Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД

ПАРТНЕРСТВО

sponsor
© 2022 F2N2.