Нов ден – нова лага за Украина и тековните тензии на руско-украинската граница. Со нелегалната анексија на Кримскиот полуостров во 2014 и преку тековната воена агресија на Украина, Русија води постојана и координирана кампања контролирана од државата која ги таргетираше руската популација, соседните земји на Русија, Европската Унија и пошироко, особено целејќи да влијае врз јавното мислење.

Поддржани од медиумите кои се под контрола на државата, како и од поширокиот „еко-систем“ на медиумите наклонети кон Кремљ, руските власти не штедеа напори да ја оцрнат Украина, претставувајќи ја како глобална закана, постојано напаѓајќи ја меѓународната заедница поради поддршката за нејзиниот суверенитет, интегритет и меѓународно признаените граници. Руската кампања исто така директно ја таргетираше улогата на Европската Унија и другите актери, особено НАТО, погрешно претставувајќи ги како агресивни закани против Русија и како “легитимни закани за безбедноста”. Трупањето на руски сили близу украинската граница и на окупираниот Крим само го засилија бранот дезинформации.

 

Мит 1: “Сегашните тензии се резултат на постојаното агресивно однесување на Украина и нејзините западни сојузници. Русија не прави ништо друго, туку само ги штити нејзините легитимни интереси и не е огдоворна за овој конфликт.”

Неточно. Фактот е дека Русија продолжува да го крши меѓународното право, како и други договори на кои што се обврза. Со нелегалното анектирање на Кримскиот полуостров и преземените акти на вооружена агресија против Украина, Русија, една од постојаните членки  на Советот за безбедност на ОН, има прекршено најмалку 12 меѓународни и билатерални договори, вклучително и Повелбата на ОН, Завршниот документ од Хелсинки и Повелбата од Париз, коишто ја гарантираат еднаквоста на суверенитет, воздржување од закана или употреба на сила и слобода на државите да го изберат сопствените безбедносни политики.

Со други зборови, акциите на Русија за поткопување и загрозување на територијалниот интегритет, суверенитет и независност на Украина, особено во Донбас, се незаконски. Тие продолжуваат да го загрозуваат европскиот безбедносносен поредок.

Што се однесува до загубите, Украина претрпе значителни загуби во тековниот конфликт со Русија. Како резултат на агресијата на Русија се убиени околу 14 илјади Украинци, а ранети се многу повеќе. Конфликтот исто така расели повеќе од 1,5 милиони жители од Кримскиот полуостров и од Источна Украина.

 

Мит 2: “Ситуацијата во Украина го предизвика овој конфликт. Има докази дека Украина прави злодела врз луѓето што говорат руски во Источна Украина. Русија мора да интервенира само поради тоа што Русија и Украина се ‘една нација’. Едноставно, Украина ѝ припаѓа на ‘привилегираната сфера на интерес’ на Русија.“

Неточно. Обвинувањата дека Украина ја напаѓа сопствената територија и дека ги прогонува сопствените граѓани се апсурдни. Со цел да се поттикне домашна поддршка за воената агресија на Русија, медиумите кои што се контролирани од државата неуморно се обидуваа да ја оцрнат Украина, обвинувајќи ја за геноцид во источна Украина и повлекувајќи паралели со нацизмот и Втората светска војна, преку фабрикување на стории кои се насочени да предизвикаат негативни реакции кај публиката.

Има многу фабрикувани стории, кои најдобро се отсликани преку прилог кој се емитувал на руска телевизија, каде што украинските сили на почетокот на конфликтот “распнале младо момче” во Источна Украина. Проверувачите на факти веднаш докажаа дека оваа приказна е целосно измислена. Слични стории продолжија да бидат продуцирани.

Всушност, не постојат докази дека населението што говори руски или етничките Руси во Источна Украина се соочени со прогон од страна на официјалните власти на Украина. Тоа е потврдено во повеќе извештаи објавени од Советот на ЕвропаВисокиот комесар за човекови права на ОН и ОБСЕ.

Често користената фраза дека Украина и Русија се една нација е еден од најстарите и најпроширените митови кој се користи против Украина од почетокот на конфликтот. Иако имаат заеднички корени кои датираат од Киевската Рус, држава којашто постоела од 9-ти до средината на 13-ти век, сепак едноставно не е точно дека после 800 години Русите и Украинците се една нација. И покрај тоа што долго време со Украина владееле други, Украина има силна национална култура и идентитет и е суверена држава.

Поимот “серуска нација” без политички граници е идеолошки конструкт кој потекнува од времето на империјализмот и се користи како инструмент за да се поткопа суверенитетот и националниот идентитет на Украина. Од 2014 година, руската влада го негува овој мит во обид да ја рационализира и да ја оправда воената агресија против Украина.

Нема место за поимот “сфера на влијание” во 21 век. Како и сите други суверени држави, и Украина е слободна да го избере сопствениот пат, надворешните и безбедносните политики и сојузи, како и нејзиното учество во меѓународни организации и воени алијанси.

За да ја протуркаат идејата дека Украина и припаѓа на Русија, руските власти и медиумите контролирани од државата пробуваат да покажат дека Украина не е “вистинска држава”. Руската пропаганда се обидува погрешно да ја толкува историјата со цел да ѝ се даде легитимитет на идејата дека Украина природно ѝ припаѓа на руската сфера на интерес.

 

Мит 3: ”Во секој случај, Украина треба да се сврти кон Русија бидејќи ЕУ и Западот не се заинтересирани за неа и ја напуштија.”

Неточно. Украина има стратешко партнерство со ЕУ. Украина прерасна во еден од најблиските ЕУ партнери, а партнерството е зацврстено во последните години преку Спогодбата за асоцијација склучена помеѓу ЕУ и Украина и Длабоката и сеопфатна зона на слободна трговија. Денес, ЕУ е наголемиот трговски партнер на Украина, со удел од преку 40% во нејзината трговија. ЕУ поддржува широка лепеза на програми во Украина во рамките на Источното партнерство на ЕУ, а исто така ѝ помага на Украина во имплементацијата на реформите. Од 2014 година па наваму, преку заеми и грантови, ЕУ ја помогнала Украина со 17 милиони евра.

Од истата година година, ЕУ цврсто ги поддржува суверенитетот, територијалниот интегритет и независност на Украина, во нејзините меѓународно признаени граници, а воведе и рестриктивни мерки против Русија во однос на нејзиното дестабилизирање на Украина, вклучувајќи го и Кримскиот полуостров. Исто така, ЕУ ја поддржува Украина во зајакнувањето и бобата против дезинформациите и сајбер нападите.

 

Мит 4: “Тековната криза е по вина на НАТО и на Западот. Ако тие го одржеа ветувањето да не ја прошируваат Алијансата, Русија немаше да се чувствува дека е загрозена”.

Неточно. Вакво ветување никогаш не било дадено, ниту било побарано од НАТО. Медиумите под контрола на Кремљ често тврдат дека на советскиот лидер Михаил Горбачов “усно” му било ветено дека НАТО нема да се проширува подалеку од обединета Германија. Вo интервју дадено во 2014 година, Горбачов практично го отфрла ова тврдење, истакнувајќи дека “темата за ‘проширување’ на НАТО не беше разговарана и не беше спомната во тој период. Ова го изјавувам под полна одговорност. Ниту една земја од Источна Европа не го отвори ова прашање, дури и откако Варшавскиот пакт престана да постои во 1991.

Овие т.н “усни договори” се фикција. Земјите членки на НАТО никогаш не дале никакви политички или правнообрзувачки заложби дека Алијансата нема да се проширува во иднина.

Тврдењето дека НАТО ветил дека нема да се проширува се коси со природата на постоењето на Алијансата. НАТО како одбранбен сојуз не се “шири” во империјалистички контекст. Одлуките во однос на членството на НАТО се доброволни за секој апликант и за секоја од 30-те земји членки. Секоја суверена држава може да го избере сопствениот пат, но соседните држави, во случајот Русија, немаат право да интервенираат.

 

Мит 5: “Поради агресивното ширење на НАТО Русија сега е ‘опкружена со непријатели’ и мора да се заштити себеси.”

Ниту една држава или алијанса не заговара да ја нападне Русија. Никој не ѝ се заканува на Русија. Во реалноста, ЕУ и Украина цврсто го поддржуваат воспоставениот европски безбедносен систем. За потсетување е и дека Русија е најголемата држава во светот по површина, со население кое изнесува повеќе од 140 милиони жители и дека располага со една од најголемите армии со најголем број на нуклеарно оружје. Апсурдно е да се тврди дека Русија е под закана. Во географска смисла, само 1/16 од територијата на Русија се граничи со земји-членки на НАТО. Од 14 земји со кои се граничи Русија, само 5 се земји-членки на НАТО.

Исто така, не постојат аргументи кои што ќе оправдаат дека примена на воена сила е единственото решение. Постојат неколку меѓународни организации, билатерални договори и форми каде што Русија може да соработува и да се вклучи во мирен дијалог – на пример рамката на ОБСЕ и режимите за контрола на оружјето. Исто така, ЕУ ги држи отворени каналите на комуникација со Русија, како интегрален дел од нејзината Политиката кон Русија од пет водечки принципи. Исто така, не постои недостиг од воспоставени форми за комуникација. Како и да е, Украина како суверена држава има целосно право да ги избере сопствените политики и сојузи. Идејата дека Русија треба да има право на вето врз суверените одлуки на Украина е беспредметна. Во тој поглед, ниту ЕУ ниту НАТО не тврдат дека имаат право на вето на членството на некоја држава во Организацијата на Договорот за колективна безбедност, бидејќи ЕУ и НАТО не се дел од тој договор.

Мит 6: “Во секој случај, Русија не е виновна за тековните тензии во Украина. Украина намерно ги прекршуваше договорите од Минск, а Западот и понатаму ја вооружува Украина. Русија треба брзо да реагира за да ги заштити сопствените граници. Провокацијата доаѓа од Западот”

Неточно. Всушност, Русија распореди 140.000 војници и опрема на границата со Украина, вклучувајќи го и анектираниот Кримски полуостров.

Русија е потписник (засегната страна) на Минските договори, а тие се последните формални документи со кои Русија го има потврдено територијалниот интегритет и суверенитет на Украина. Русија го нема испорачано својот дел од имплементацијата на Минските договори. Руската страна и нејзините проксија не успеаја да го почитуваат примирјето, да ги повлечат сите тешки орудија, да ги разменат сите политички затвореници или да осигураат хуманитарна помош заснована на  меѓународен механизам. Спротивно на тоа, Русија ги зајакнуваше нелегалните вооружени формации во Источна Украина. Исто така, Русија не дозволуваше непречен пристап на набљудувачите на ОБСЕ, вклучувајќи ја и руско-украинската граница, каде што (и онака ограничената) набљудувачка мисија беше прекината во летото 2021 поради руското вето.

Поради нецелосното примирје, повлекувањето на тешките орудија, како и недозволувањето целосен пристап до сите територии на набљудувачката мислија на ОБСЕ, тешко е да се зборува за имплементацијата на политичкиот дел од Минск 2. И покрај тоа, Украина имплементираше голем дел од Минските договори, колку што тоа го овозможуваше ситуацијата поради немањето на контрола на територијата и ја исполни секоја точка. Беа донесени и дополнети – Закон за специјален статус и амнестија (2014) и подготви предлог-верзија на Законот за локални избори (2014). Исто така, Украина изгласа и уставни измени со кои им се даде поголема автономија на териториите кои не се под нејзина контрола (2015).

 

Мит 7: “Во секој случај ЕУ е слаба и нерелевантна. Зошто воопшто да се разговара со ЕУ?”

Неточно. Рускиот политички естаблишмент напорно работеше да го убеди светот  дека ЕУ е слаба и нема интерес во унапредувањето на меѓународниот мир и безбедност. Руските власти и државните медиуми секојдневно ја претставуваат ЕУ како нерелевантна и неспособна да се справи со кризи, било тоа да е конфликтот помеѓу Русија и Украина, или некој друг меѓународен проблем. Во јануари 2022, Министерот за надворешни работи Сергеј Лавров отиде предалеку со обвинувањата, нарекувајќи ја ЕУ “импотентна”.

Фактот дека по завршувањето на Втората светска војна во Европа владее мир е доволен доказ да се отфрли ова тврдење. Амбициозниот договор за асоцијација помеѓу ЕУ и Украина ги зближи двете страни, преку поддршката за Украина во спроведување на реформи, отворање на единствениот пазар на ЕУ, хармонизацијата на законите, стандардите и регулациите во повеќе области.

 

Извор: euvsdisinfo.eu

logo

ФИНАНСИРАНО ОД

sponsor

Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД

ПАРТНЕРСТВО

sponsor
© 2022 F2N2.