“ДИПЛОМАТСКИТЕ ВЕСТИ ОД БРИСЕЛ” НА МИЛОШОСКИ – ДЕЗИНФОРМАЦИЈА ВО “СОРАБОТКА” СО ПОРТАЛ ОД БУГАРИЈА

Со оглед на начинот и механизмот кој е употребен, станува збор за организиран и координиран обид за дезинформирање на јавноста, од страна на пратеникот Антонио Милошоски, кој често се јавува како извор на дезинформации и портал од Бугарија. Целта е да се прикаже дека Бугарија не е единствената држава во ЕУ што е против одржувањето на првата меѓувладина конференција, наведувајќи дека и Холандија и Данска се против.

На 2 декември 2020, на својот фејсбук-профил пратеникот Антонио Милошоски сподели објава, именувајќи ја “Дипломатски вести од Брисел”. Во објавата наведува дека на амбасадорскиот состанок таа вечер во Брисел, Бугарија ги блокирала и заклучоците за Македонија, а не само преговарачката рамка. Па продолжува дека изгледало дека Бугарија не била осамена, туку имала дискретна дипломатска поддршка од уште најмалку две земји-членки на ЕУ. На крај на објавата стои дека овие вести наводно биле од дипломатски извори од Брисел.

Објавата на пратеникот Милошоски беше пренесна од бугарскиот медиум 24chasa.bg, кој на 3-ти декември најпрво објави текст со неговиот статус, т.е. дека уште две земjи-членки на ЕУ cе пpиклyчиле на бyгаpcкото вето за Македонија, според диплoматските извори од Брисел на пратеникот.  Истиот ден во  вечерните часови, 24chasa.bg објави уште еден текст во кој конкретно ги наведува Данска и Холандија како земји кои го подржуваат ветото на Софија за Скопје, повикувајќи се на дипломатски извор. Но, и во овој текст повторно го споменува статусот на пратеникот Антонио Милошоски како наводен дополнителен извор за “информацијата”.

Оваа вест беше пренесена од страна на уште 10 бугарски портали, додека пак кај нас, беше пренесена од 50 портали кои се повикаа на бугарскиот медиум  24chasa.bg. И покрај фактот што бројот на интеракции на Фејсбук е поголем во Бугарија, очигледно е дека во фокусот на ваквата дезинформација е Северна Македонија.

Дезинформацијата беше демантирана од страна Министерството за надворешни работи на Данска  и од Холандската амбасада во Скопје, како целосно неоснована и лажна вест.

Но, и по објавување на демантот, на 4-ти декември 24chasa.bg продолжува со “намерата”, овојпат со текст дека наводно „висок дипломатски извор од Брисел ги потврди информациите дека Данска и Холандија неофицијално го поддржуваат бугарското вето за почеток на преговорите на Република Северна Македонија, иако двете земји претпочитале тоа да не го објавуваат јавно во оваа фаза.“

Дека ова не е прв обид на овој портал да ја дискредитира  Европската Унија сведочи и фактот што во 2019 година објавил вест дека наводно уште две земји-членки – Холандија и Шведска, се спремни да излезат од Европската Унија по примерот на Велика Британија, повикувајќи се на извесна експертка за бизнис.

Шпекулативните објави се својствени за пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, и веќе и се познати на јавноста. Како извори на дезинформации, пратеникот Милошоски, во комбинација со бугарскиот медиум 24chasa.bg, се обидоа да ја изманипулираат јавноста со цел дискредитација на целиот процес на пристапување во Европската Унија и на самата Унија. Ова е уште еден пример за тоа како се шират дезинформации. Имено, порталот се повикува на анонимни дипломатски извори од Брисел, а за да даде кредибилитет на дезинформацијата го користи статусот на Милошоски.

Ф2Н2 веќе пишуваше за обидите на Милошоски да ја дезинформира јавноста уште во јуни  2019 година.

Share via
Copy link
Powered by Social Snap