ДИСКРИМИНАЦИЈАТА НА ЖЕНИТЕ ВО 21 ВЕК Е НЕПРИФАТЛИВА, НО И КАЗНИВО ДЕЛО

Деновиве социјалните платформи станаа место на кое постојано се упатуваат навреди кон жените политичари и носители на јавни функции, се исмејуваат со деградирачки коментари, полни со мизогинија, сексизам, дискредитација и говор на омраза. Недозволивите коментари насочени кон нивниот изглед и личноста се згрозувачки, а таквите коментари водат кон поттикнување на омраза и нарушување на нивниот углед, но и придонесуваат да се креира потценувачи и дискредитациски однос кон жените во јавниот дискурс и кон жените во општеството воопшто.

На 18.06.2020 Миленко Неделковски на неговиот профил на социјалната мрежа Фејсбук, објави пост со следнава фотографија:

Во овој статус тој со навредлив и вулгарен јазик се обидува да ја дискриминира Радмила Шеќеринска. Ова не е единствен пост, во кој тој ги дискриминира и навредува жените. Политичарките често се негова мета.

Навредите кон Шеќеринска беа дел од неговиот профил и на 24.06.2020.

На 22.06.2020 на неговиот профил се појави пост во кој тој на вулгарен начин се обидува да ја деградира Фатиме Фетаи.

За жал, Неделковски не е единствениот кој преку социјалните мрежи се обидува да ги дискриминира жените. Сексуалното вознемирување и недозволивиот начин на комуникација кон жените, станува лош пример кој се следи.

Неговиот коментар на Фејсбук профилот на 24.06.2020 во кој тој на вулгарен начин се обидува да ја дискредитира директорката на УЈП, Сања Лукаревска, стана предизвик кој се обидоа да го следат и други.

Вулгарниот речник насочен кон директорката на УЈП, го искористија многумина во нивните коментари, со што придонесоа кон поттикнување и ширење на омраза и дискриминација кон Лукаревска преку Интернет. Овој недоличен пост има 320 споделувања преку социјалните мрежи.

Социјалните мрежи и профилите на одредени личности, не се единствените кои придонесуваат во градењето на дискриминаторскиот однос кон жените во јавниот дискурс. За жал, во креирањето на комуникациската слика насочена кон јавно дискредитирање на жените, свој придонес даваат и некои портали.

Така на пример, порталот  Expres.mk на 25.06.2020 објави текст со вулгарен наслов: МИНИСТЕРКАТА ЗА ФИНАНСИИ И „СЕКС КООРДИНАЦИЈА“.

Ќе потсетиме дека говорот на омраза, според правната рамка во земјава е кривично дело.

Во Законот за спречување и заштита од дискриминација постои одредба дека „Вознемирувањето и понижувачкото постапување претставува повреда на достоинството на лице или на група на лица што произлегува од дискриминаторска основа и што има за цел или како резултат повреда на достоинството на одредено лице или создавање заканувачка, непријателска, понижувачка или застрашувачка средина, пристап или практика.“

Ова е говор на омраза. Говорот на омраза треба да биде санкциниран.

Тимот на Ф2Н2 смета дека овој начин на комуникација во кој се прави родова дискриминација е погрешен и недозволив. Дискриминацијата и негативните појави во јавниот дискурс директно придонесуваат за креирање атмосфера во која се исмева женското учество во јавниот живот и жените воопшто. Говорот на омраза не е само повредување на одредени права, туку и повредување на општеството во целина. Ваквата комуникација создава непријателска и понижувачка средина за сите жени. Во 21 век тоа е неприфатливо, а и казниво.

Share via
Copy link