Договор за ненапаѓање помеѓу Германија и Сојузот на Советските Социјалистички Републики

 Владата на Германскиот Рајх и Владата на Сојузот на Советските Социјалистички Републики, со желба за зацврстување на мирот помеѓу Германија и СССР, водени од основните одредби на Договорот за неутралност од април 1926 година помеѓу Германија и СССР, го склучија следниот Договор: Член 1. Двете договорни страни се обврзуваат да се воздржат од каков било акт на насилство, агресија или напад една врз друга, било индивидуално, или во содејство со други држави. Член 2. Доколку една од договорните страни е предмет на воен напад од трета држава, другата договорна страна во никој случај нема да ја помага третата држава. Член 3. Владите на двете договорни страни во иднина ќе одржуваат континуирана меѓусебна комуникација, со цел размена на информации за проблеми кои ги засегаат нивните заеднички интереси. Член 4. Во случај на спор или конфликт помеѓу договорните страни, ниту една од нив нема да членува во сојуз на држави кој директно или индиректно е насочен кон другата страна. Член 5. Во случај на спор или конфликт помеѓу договорните страни за каков било проблем, двете страни ќе го разрешат спорот или конфликтот исклучиво преку пријателска размена на мислења или, доколку е потребно, преку основање на арбитражни комисии. Член 6. Овој Договор се склучува за период од 10 години, со клаузула дека доколку која било од договорните страни не најави раскинување на договорот најдоцна една година пред истекот на траењето на овој период, траењето на Договорот автоматски ќе се продолжи за 5 години. Член 7. Овој Договор ќе се ратификува во најкраток можен рок. Размената на ратификациите ќе се изврши во Берлин. Договорот ќе влезе во сила со неговото потпишување. 

Таен дополнителен протокол

 Член 1. Доколку дојде до територијална и политичка прераспределба во регионот на Балтичките земји (Финска, Естонија, Латвија и Литванија), северната граница на Литванија ќе претставува граница на зоните на влијание помеѓу Германија и СССР. Поврзано со ова, интересот на Литванија во областа Вилна е признаен од двете страни. Член 2. Доколку дојде до територијална и политичка прераспределба на териториите кои и припаѓаат на полската држава, границите на зоните на влијание на Германија и СССР приближно ќе се протегаат по теченијата на реките Нарев, Висла и Сан. Прашањето дали интересот на двете страни ќе биде одржување на независна полска држава и во кои граници истата ќе остане ќе може да дефинитивно да се утврди согласно понатамошниот развој на политичката ситуација. Во секој случај, двете влади ќе го решат ова прашање по пат на пријателски договор. Член 3. Што се однесува до Југоисточна Европа, советската страна изразува интерес во Бесарабија. Германската страна изразува комплетна незаинтересираност за овие области. Член 4. Овој протокол ќе се смета за строга тајна од двете страни.
logo

ФИНАНСИРАНО ОД

sponsor

Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД

ПАРТНЕРСТВО

sponsor
© 2023 F2N2.