ОПИС

Оригинален наслов: Државата ќе добие донација на бесплатни тестови, а граѓаните ќе ги плаќаат по 1.000 денари!

Со комбинирање на две различни изјави за два различни настани, порталот ги дезинформира граѓаните дека бесплатните тестови ќе се наплаќаат по 1.000 денари, а тие всушност ќе бидат бесплатни за нив.На 2-ри ноември порталот Курир објави текст со наслов: Државата ќе добие донација на бесплатни тестови, а граѓаните ќе ги плаќаат по 1.000 денари!. Истата содржина со идентичен наслов ја објави и порталот Нетпрес. Содржината на текстот претставува комбинација на изјави на министерот за здравство, Венко Филипче, во гостување во ТВ Сител, и директорот на Здравствен дом, Виктор Исјановски, во врска со брзите тестови што ќе почнат да се применуваат. Овие изјави порталот и ги пласира на јавноста “спакувани” заедно, во вид на дезинформација. Па така, изнесува заклучок/тврдење дека донираните 13.000 тестови ќе се наплаќаат по 1.000 денари, со што тестирањето би ги чинело граѓаните вкупно 13 милиони денари или 210 илјади евра.

ФАКТ/И

Порталот погрешно ги информира граѓаните. Изјавата на министерот Филипче од гостувањето во ТВ Сител дека во Министерството за здравство ќе пристигне донација од 13.000 тестови следната недела се поврзува со претходна изјава на директорот на Здравствен дом, Виктор Исјановски, од 29 октомври, кога најавил дека брзите тестови набавени од фирмата “Абот” ќе чинат 1.000 денари. Она што го искористил порталот за да ги збуни граѓаните е тоа дека Исјановски зборува за набавените 4.000 тестови од Здравствен дом Скопје, во координација со Министерството за здравство, а не за донираните тестови.

Имено, веќе на 3-ти ноември Министерството за здравство објави официјално соопштение за донацијата на 13.000 тестови од две компании, кои преку алгоритам на матичните лекари ќе бидат бесплатни за сите оние пациенти на кои ќе им биде потребно брзо тестирање. Здравствениот дом веќе договорил со добавувачот да ги повлече претходно купените тестови и да се користат само бесплатните тестови. На лицата кои веќе се тестирале во текот на претходниот ден средствата ќе им бидат вратени.

Изнесување на непроверени и непотврдени информации, и предвремени заклучоци и претпоставки, доведува до забуна кај јавноста. Во случајот со овие дезинформативни написи се поттикнува незадоволство и недоверба кај јавноста во здравствениот систем на земјата.

logo

ФИНАНСИРАНО ОД

sponsor

Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД

ПАРТНЕРСТВО

sponsor
© 2023 F2N2.