Русија пак се појавува како “победник” во трката за супериорност во медицината, занемарувајќи ги безбедноста и ефикасноста за сметка на желбата за примат во светот, претставувајќи се себеси како глобален фаворит во обидот да се запре болеста.

Потребни се дополнителни испитувања за да се утврди дали Фавипиравир е безбеден и ефикасен.

На 29-ти октомври медиумите во Северна Македонија известија дека лекот фавипиравир е трајно регистриран во Русија за третман на КОВИД-19. Имено, во забрзана постапка дадено е зелено светло за лековите за превенција (вакцини) и антивиралните лекови ремдесивир и левилимаб, додека фавипиравир добил траен сертификат за регистрација. Претходно во текот на овој месец помошникот на рускиот министер за здравство, Алексеј Кузнецов, посочи дека во Русија не се регистрирани случаи на сериозни несакани ефекти кај препаратите засновани на фавипиравир за третман на пациенти со КОВИД-19. Според резултатите од три фази на клинички испитувања, руските препарати базирани на фавипиравир ја докажале нивната безбедност и ефикасност и успешно се користат за третман на пациенти со КОВИД-19.

 

Министерството за здравство на Русија го регистрираше фавипиравир кон крајот на мај, и објави дека неговата ефикасност е „околу 90 проценти“. Лекот е развиен од Рускиот фонд за директни инвестиции (RDIF) и компанијата Химрар од рускиот град Химки, врз основа на јапонскиот лек за третман на грип со исто име, фавипиравир, исто така познат под комерцијалниот бренд Авиган.

 

Во јуни, кога руските клиники го примија лекот за тертман, Дојче веле објави статија за тоа што се знае за овој јапонски лек, колку е ефективен, кои се ризиците, и зошто германските експерти се претпазливи во проценките. Имено, фавипиравир (авиган) бил регистриран во Јапонија во 2014 година, како лек против грип. Производител на лекот е компанијата „Фуџифилм Тојама“. Тој може да се користи со одредени ограничувања, односно може да се користи против нови вируси на грип во случаи кога други лекови не дејствуваат, со други зборови, како последно средство. Според западните медиуми, самиот процес на регистрација бил тежок и траел три години поради еден од несаканите ефекти – деформитети кај новороденчињата. Затоа лекот е контраиндициран кај бремени мајки и доилки. Истото ограничување на употребата важи и за рускиот авифавир.

Пред корона-вирусот, Авиган во Јапонија не бил успешен конкурент на другите лекови против грип, не бил пуштен во слободна продажба, туку се произведувал по налог на владата како резервна варијанта во случај на пандемија. Од февруари 2020 година тој се користи во јапонските болници за лекување на пациенти со корона-вирус.  Лекот не се користи за неговата директна намена, во случајов за грип, туку за третирање на корона-вирусот, во случаите кога ништо друго не помага. Судејќи според првите прелиминарни резултати во Јапонија, лекот добро делува кај оние пациенти со лесна форма на корона-вирусот, но не е ефикасен кај тешките случаи.

Јапонија не е единствената земја во која Авиган се користи за лекување на корона-вирусот. Околу 40 земји, вклучително и Германија, го користат во клинички испитувања од април, заедно со десетици други потенцијални лекови против КОВИД-19. Фавипиравир исто така се произведува и се користи во клинички испитувања против корона-вирусот во Кина. Еден од најпознатите германски вирусолози од берлинската клиника Чарите, Кристијан Друстен, претходно го сврти вниманието на фактот дека во Кина пациентите примале висока доза на лекот фавипиравир и дека кај некои биле откриени знаци на бубрежна дисфункција. Според него, ваквиот несакан ефект ја доведува во прашање неговата долгорочна употреба.

Германски експерти интервјуирани од Дојче веле се претпазливо оптимистични во врска со употребата на фавипиравир против КОВИД-19. „Оваа супстанца ветува, споредлива со ремдесивир, добро е што е така, но, според нашите критериуми, нејзината ефикасност не е докажана“, вели професорот Хелмут Хан, раководител на бордот на Германско-рускиот форум. Ова беше објавено во јуни 2020, кога руските клиники го добија лекот фавипиравир за третман на КОВИД-19.

Но, до каде се клиничките испитувања на лекот фавипиравир и кои резултати се постигнати до денес, кога во Русија веќе добил траен сертификат за регистрација? За тоа ја погледнавме последната објава на Американската национална библиотека за медицина при Националниот институт за здравје (NIH), од 27 ми октомври. Имено, според оваа најнова објава, досега нема доволно информации од специфични испитувања за да се изведе каков било заклучок за употребата на фавипиравир за третирање на корона-вирусот.

Според нив, потребни се широки, плацебо-контролирани студии на хоспитализирани пациенти со KOVID-19 по случаен избор, и правилно следење на сите релевантни параметри за да се утврди дали фавипиравир е корисен и во кои специфични случаи може да се користи за лекување на КОВИД-19 со доволно ниво на безбедност и ефикасност.

logo

ФИНАНСИРАНО ОД

sponsor

Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД

ПАРТНЕРСТВО

sponsor
© 2024 F2N2.