ЕМИЛИЈАН ГЕБРЕВ, СЕРГЕЈ И ЈУЛИЈА СКРИПАЛ, И АЛЕКСЕЈ НАВАЛНИ – ЖРТВИ НА ТРУЕЊЕ ВО НОВИОТ СВЕТ “ОСЛОБОДЕН” ОД ХЕМИСКО ОРУЖЈЕ

Светот се уште се соочува со нови нерасчистени случаи за жртви на хемиско оружје за кои сите сознанија и истраги укажуваат на Русија. И после вековната борба за свет слободен од хемиско оружје, се чини дека Русија не се откажува од истражувања и развивања на хемиски нервни агенси и покрај тоа што е потписничка на Конвенцијата за хемиско оружје и  членка на Организацијата за забрана на хемиско оружје (ОПЦВ)

Историските напори за постигнување хемиско разоружување започнати пред повеќе од еден век,  кулминираат  со склучувањето на Конвенцијата за хемиско оружје. Конвенцијата влегла во сила во април 1997 година и во својата Преамбула предвидува „целосно исклучување на можноста за употреба на хемиско оружје“.

Државите-членки на оваа Конвенција ја основаа Организацијата за забрана на хемиско оружје  (ОПЦВ) за да се постигнат целите на оваа Конвенција. ОПЦВ со своите 193 земји-членки работи на тоа хемиското оружје засекогаш да се исфрли од употреба.

Над 97% од сите залихи на хемиско оружје декларирани од државите се уништени, според проверката што ја извршила ОПЦВ. Во 2013 година, ОПЦВ ја добила Нобеловата награда за мир за обемните напори за елиминирање на хемиското оружје.

 

Русија има тајна програма со која продолжува да истражува и развива хемиско оружје

 

И покрај тврдењата дека ги уништила своите залихи, Русија продолжува да истражува и да го развива хемиското оружје новичок, кој е нервен агенс. Едногодишната истрага на Белингкет и нејзините партнери Инсајдер и Дер Шпигел, со придонес од Радио Слободна Европа/Радио Слобода открива дека воените научници кои биле вклучени во програмата за хемиско оружје биле распоредени во неколку истражувачки субјекти и продолжиле да соработуваат меѓу себе на тајна, дисперзирана програма за истражување и развој.

Па така, од 2010 година, најверојатно со помош на истражувањата на Научниот центар Сигнал, Државниот институт за експериментална воена медицина при Министерството за одбрана од Санкт Петерсбург ја презема водечката улога во континуираното истражување и развој и претворање на програмата Новичок од времето на Советскиот Сојуз во оружје.

Клучна за истражувачите е координацијата помеѓу овие два института и една тајна подединица на воената единица 29155 на руското воено разузнавање, ГРУ. Оваа единица претходно била поврзана со обидите за труење на Емилијан Гебрев во Бугарија во 2015 година, како и на Сергеј и Јулија Скрипал во Велика Британија во 2018 година.

 

Државниот институт за експериментална воена медицина, Сергеј Чепур и единицата 29155

 

Институт за експериментална медицина на Министерството за одбрана, е тајна единица за воени истражувања лоцирана во околината на Санкт Петерсбург.

Институтот е раководен од  Сергеј Чепур, 50-годишен воен лекар и експерт за екстремна токсикологија, со посебен интерес за ефектите што ги произведуваат органофосфатните отрови врз човечкото тело.

Истрагата го пронашла телефонскиот број на Чепуров во записите за телефонската комуникација на командантот на единицата 29155, генерал-мајор Андреј Аверијанов. Бројот на Чепуров постојано се појавувал во телефонските записи на другите членови на тимот кои се главните осомничени за труењата во Бугарија и Велика Британија.  Тие  покажале дека тој имал постојана комуникација со најмалку четири членови на тимот, како и дека го посетил седиштето на ГРУ за време на подготвителните состаноци во пресрет на операцијата во Солзбери во 2018 година.

Во таа комуникација биле и Артур Хиров, Андреј Антохин и Виктор Таранченко од Научниот центар Сигнал. Хиров во 2010 година го основа новиот центар за научно истражување формиран со претседателски указ, генерички именуван како Научен центар Сигнал, а тука ги доведува и неговите поранешни колеги Андреј Антохин и Виктор Таранченко од 27-от научен центар, (воен институт кој имал помошна улога во развојот и тестирањето на нервните агенси)

Тие биле специјализирани за истражување на инхибитори на холинестераза, широка класа во која спаѓаат новичок и други моќни нервни агенси.  Додека пак Артур Хиров, бил  специјализиран за истражување на нано-капсулација – иновативна техника со која може да се постигнат три ефекти што би ја подобриле ефикасноста и леснотијата на примена на отровот. И тоа одложување на  почетокот на отровот за неколку часа (што може да биде пожелно во тајни операции),  подобрување на  стапката и брзината на апсорпција преку кожата, и обезбедување  можност за маскирање на присуството на активните состојки на новичок ( преку огромно присуство на друга отровна супстанца во организмот на жртвата која служи како мамка). Имено, и во случаите на труење на Емилијан Гебрев во 2015 година, и во случајот со Навални, во крвта било откриено присуство на други и мошне помалку опасни отрови од Новичок.

Корелацијата помеѓу повиците со Научниот центар Сигнал и членовите на Единицата 29155, како и посетата на Чепур на една од адресите на Сигнал на 31 јануари 2018 година, по што тој продолжил во седиштето на ГРУ, сугерираат дека контактите помеѓу Чепур и Сигнал најверојатно се поврзани со планирањето на операцијата во Солзбери, се вели во истрагата на Белингкет.

 

Обид за труење на  бугарскиот трговец со оружје, Емилијан Гебрев, во 2015 година

 

За случајот на труење на трговецот со оружје Емилијан Гебрев во 2015 година, во февруари 2020 година обвинителството во Бугарија поднесе кривични пријави против тројца руски државјани –Сергеј Павлов, Сергеј Федотов и Георгиј Горшков.

Во јануари 2020 Бугарија протера двајца руски дипломати за кои се верува дека биле вклучени во случајот. Бугарските власти сметаат дека Гебрев, трговец со оружје, неговиот син Христо Гебрев и менаџерот на компанијата, Валентин Такчиев, биле жртви на „труење со неидентификувана фосфорно-органска супстанца“. Сите тројца ги преживеале нападите.

Запрашан дали знае зошто би можел да биде мета на ГРУ, Гебрет одговорил дека има две хипотетички причини. Едната била извозот на специјализирана опрема за одбрана во Украина, што, како што кажал, го спроведувал строго во согласност со бугарските и европските регулативи. Друга хипотеза е можниот интерес на Русија за фабрика за производство на оружје што тој ја поседувал, што се смета дека е од стратешко значење за Бугарија и НАТО.

Сергеј Федотов беше идентификуван од Белнгкет во февруари 2019 година,  како евентуално вмешан и во труењето на Скрипалови.

 

Труење на Сергеј и Јулија Скрипал во Солзбери, Велика Британија, во 2018 година

 

На 4-ти март 2018 година, Сергеј и Јулија Скрипал беа отруени во Солзбери со воен нервен агенс од типот новичок, развиен од Русија.

Британскиот амбасадор во Русија ја информирал дипломатската заедница за одговорот на владата на Велика Британија на извештајот на ОПЦВ за хемикалијата употребена во нападот во Солзбери.

Извештајот на ОПЦВ потврдил дека хемикалијата била со висока чистота, со „скоро целосно отсуство на нечистотии“. Ова укажува на квалитетно производство, во контролирана научна средина и се во согласност со ставот на Велика Британија дека супстанцијата што се користела во нападот е нервен агенс од типот новичок кој може да се произведува само од држави.

Проценката на Велика Британија дека само Русија имала средства, оперативно искуство и мотив за извршување на нападот е поткрепена од следново:

  • Во последните 10 години, Русија спроведувала истражувачка програма за тестирање на начини за употреба на хемиско оружје за атентати и за обука на припадници на специјални единици за употреба на овие оружја;
  • Во текот на последната деценија, Русија произвела и складирала мали количини новичок во рамките на истата програма. Ова ги поткрепува јавните изјави на поранешните советски научници кои потврдија дека програмата Новичок постоела во 1980-тите и продолжила да се спроведува од Руската Федерација;
  • Во последните години, руските разузнавачки служби го задржале нивниот долгогодишен интерес за Скрипалови. Сергеј Скрипал бил уапсен под сомнение за предавство во Русија во 2004 година и бил осуден на 13 години затвор. Во 2010 бил помилуван, по што се преселил во Велика Британија.  Уште во 2013 година, е-поштата на Јулија Скрипал биле мета на сајбер-специјалисти од ГРУ.

 

Обид за труење на Алексеј Навални во 2020 година

 

Најновата жртва на труење е најистакнатиот руски опозиционер за кој тимот на Ф2Н2 пишуваше, Алексеј Навални, кој на 20 август летал со авион за Москва, но бил принуден итно да слета во Омск поради влошување на здравствената состојба. Руски лекари го лекувале Навални приближно два дена пред тој да биде пренесен во Берлин.

Берлинската болница Шарита изјавува дека тимот на лекари кои го испитувале 44-годишникот откриле присуство на „инхибитори на холинестераза“ во неговиот систем. Според нив, во моментот, специфичната супстанција сè уште не била позната. Нервните гасови и таканаречената група на хемикалии Новичок се исто така инхибитори на холинестеразата.

Веќе на 2-ри септември, германската влада соопшти дека Навални бил отруен со истиот вид нервен агенс од времето на Советскиот Сојуз, кој бил користен и во напад на поранешен руски шпион во 2018 година. Канцеларката Меркел го нарече труењето на Навални обид за убиство, со цел да се замолчи еден од најжестоките критичари на рускиот претседател Владимир Путин. Според Меркел, има многу сериозни прашања на кои само руската влада може да одговори и мора да одговори.

Германската влада изјави дека тестирањето во германска воена лабораторија без сомнение покажало присуство на нервен агенс од групата Новичок.

Велика Британија и Италија исто така ја повикаа Русија да објасни што се случило, а британскиот премиер Борис Џонсон ја нарече употребата на хемиско оружје „безобразна“. Портпаролот на американскиот Совет за национална безбедност, Џон Улјот, го осуди настанот. Шефот за надворешни работи на Европската унија, Жозеп Борел, рече дека секаква употреба на хемиско оружје е „кршење на меѓународното право“.

На 15-ти октомври ЕУ воведе санкции за шест лица и еден субјект за кои смета дека учествувале во труењето на Навални. Санкционираните лица се едни од највисоките функционери во Русија, вклучително и шефот на домашните разузнавачки служби. Санкциониран е и Државниот научен истражувачки институт за органска хемија и технологија, кој бил задолжен за уништување на залихите на хемиско оружје од времето на СССР.

Донесените мерки вклучуваат забрана за патување во земјите на ЕУ и замрзнување на средствата на именуваните поединци и на Институтот. Покрај тоа, државјани и субјекти од ЕУ не смеат да им префрлаат средства на санкционираните. Казнените мерки се слични на мерките изречени по труењето на Скрипалови.

Одлуката е донесена по состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ, и девет дена откако ОПЦВ потврдила дека супстанцата што е користена за труење на Навални е Новичок, нервен агенс од времето на СССР.

Share via
Copy link
Powered by Social Snap