Од 17-ти до 19-ти септември 2021 во Русија се одржаа парламентарни избори. На овие избори се избираа нови 450 пратеници кои ќе бидат претставници на граѓаните во новиот состав на руската Дума. По преброени скоро 99% од гласовите, Централната изборна комисија во Русија изјави дека партијата “Единствена Русија”, чиј претседател е Владимир Путин, освоила речиси 50% од вкупниот број на гласови. Овие избори беа од големо значење за Путин поради фактот што за да остане претседател на Русија и по 2024 година, потребно му беше апсолутно мнозинство во Парламентот. И покрај победата, забележан е драстичен пад на рејтингот на партијата на Путин, најнизок во последните две децении од нејзиното постоење. Според податоците од последните избори на национално ниво во 2016 година, “Единствена Русија” освои нешто повеќе од 54 проценти од гласовите.

Изборите изобилуваа со нерелгуларности и притисоци, а во исто време на организациите поврзани Алексеј Навални (најголемиот критичар на Путин кој е во затвор) не им беше дозволено да се кандидираат и беа прогласени за “екстремисти”. Анатолиј Ноговицин беше единствениот политичар поврзан со опозиционерот Навални кој учествуваше на овие избори.Овие избори наидоа на негодување, т.е. непризнавање од страна на САД, ЕУ и Турција. Причината за непризнавањето е тоа што изборите се одржаа и во привремено окупираниот дел на Украина, Крим. 

Во реакцијата на ЕУ е наведено следново:“ЕУ не ја признава и нема да ја признае незаконската анексија на Крим и градот Севастопол од страна на Руската Федерација и затоа не ги признава т.н. избори одржани на окупираниот Кримски полуостров. Одлуката на Руската Федерација да ги вклучи жителите на регионите Доњецк и Луганск во Украина во изборите за Државната дума, како и во регионалните и локалните избори е спротивна на духот и целите на Минските договори. ЕУ останува непоколеблива во својата поддршка за територијалниот интегритет и суверенитетот на Украина.“ 

Со реакција се јави и американскиот Стејт департмент:“Како што беше истакнато, законите за „екстремистички организации“, „странски агенти“ и „непожелни организации“ донесени во Русија сериозно го ограничија политичкиот плурализам и го спречија рускиот народ да ги остварува своите граѓански и политички права. Покрај тоа, руската влада направи широки напори да маргинализира независните политички фигури, ја спречи Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ и нејзиното Парламентарно собрание да ги набљудуваат изборите, ограничувајќи ја транспарентноста што е од суштинско значење за фер избори.”Реакцијата завршува со став дека САД не го признаваат одржувањето на избори за руската Дума на суверена украинска територија и со потврда за нивната непоколеблива поддршка за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина. 

Турција исто така се произнесе за изборите одржани во Русија. Имено, нејзиното Министерство за надворешни работи истакна дека:„Турција и понатаму го поддржува територијалниот интегритет на Украина и не ја признава незаконската анексија на Крим. Според тоа, резултатите од изборите за Државната дума на Русија, одржани на 17 и 19 септември 2021 година во Крим, во однос на Крим, немаат правна сила за Турција.“

logo

ФИНАНСИРАНО ОД

sponsor

Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД

ПАРТНЕРСТВО

sponsor
© 2023 F2N2.