ЈАВНОТО МИСЛЕЊЕ И ИНТЕГРАЦИЈАТА НА ЗАПАДЕН БАЛКАН МЕЃУ ЧЕКАНОТ И НАКОВАЛНАТА

Tags: EUintegrationWestern Balkans
By декември 24, 2020 FN ANALYSIS

Генерално, граѓаните на земјите од Западен Балкан сè уште позитивно гледаат на шансите за пристапување на нивните земји во Европската Унија. Сепак, патот кон членството во ЕУ е долг и во овој моментот луѓето на Балканот се чувствуваат заглавени помеѓу чеканот и наковалната. Процесот на пристапување во ЕУ изгледа бесконечен и сегашните земји-членки не прават многу за да го подобрат тоа. Постои впечаток дека некои од нив создаваат понатамошни пречки на патот. Покрај тоа, деполитизацијата на процесот на пристапување има несакани последици со тоа што не им дозволува гласачите да бараат одговорност од своите избрани претставници. Ова е наковалната.

Чеканот го сочинуваат владите, политичарите и институциите во балканските земји, кои се во фокусот на незадоволството кај луѓето. Јавноста е скептична во врска со посветеноста на нивните влади кон европската интеграција, а тоа ја поткопува вредноста на демократијата.

За да ги надминеме чеканот и наковалната, Европската комисија мора да ја забрза ревидираната методологија за проширување, со позначајни стимулации за продолжување на реформите. Земјите од Западен Балкан треба да бидат поканети да придонесат за претстојната вежба за замислување на иднината на Европа. Европската унија има потреба да ја зајакне сегашната поддршка за граѓаните и граѓанското општество во насока на барање одговорност од своите влади, со што ќе се овозможи да се стави крај на епидемијата на заробена држава, карактеристична за овој регион. Ова се наведува во студијата на Советодавната група за јавна политика на Балканот и Европа- BiEPAG.

Главното ветување на демократијата е дека луѓето ќе можат самостојно да донесуваат одлуки и дека нивниот глас ќе се брои во политиката. Растечки проблем на современите демократии е тоа што гласачите повеќе не веруваат дека можат да влијаат на тоа како се управуваат нивните земји, па дури и кога сметаат дека изборите се слободни и фер. Мандатот кој граѓаните им го дале на политичките лидери во текот на изборните кампањи, често е засенет од бројните обврски кои и се наметнати на државата од Европската комисија, Европската централна банка, разни судови и меѓународни финансиски институции. Постепената денационализација на креираните политики, особено во пост-Мастрихтшка Европа, направи гласачите да се чувствуваат отфрлени од своите политички претставници и длабоко фрустрирани од конвенционалната политика.

Чеканот

Процесот на пристапување во ЕУ е поставен на тој начин што носењето на закони во балканските земји ја занемарува дебатата за политиките. Наместо тоа, се тоа се сведува на усвојување и спроведување на компатибилните стандарди на ЕУ. Додека Брисел ја ограничува можноста политичките партии во земјите-членки да нудат значајни алтернативни политики за своите граѓани, земјите-членки барем имаат право на збор за одлуките што се носат на европско ниво, кои подоцна треба да ги почитуваат. Земјите од Западен Балкан, како аспиранти за членство, се должни да ги прифатат или одбијат условите на ЕУ. Оваа доминација на евроинтеграцискиот процес во регионот не им овозможува на политичарите да ги претставуваат и да комуницираат со своите гласачи, дури и кога имаат искрени намери тоа да го направат. Забележани се дури и несакани последици, со тоа што често им овозможува на политичките елити во регионот да ги избегнуваат своите предизборни ветувања, претставувајќи ги непопуларните политики како „произведени во Брисел“, а за тоа време ги протнуваат личните агенди и проекти. Без можност политичките лидери да ги повикаат на одговорност, постои ризик граѓаните во регионот да ја изгубат довербата во демократските претставнички процеси и институции.

Досега, граѓаните во земјите-аспиранти за ЕУ од регионот не го отфрлиле притисокот и влијанието на Комисијата врз нивната национална политика. Според неодамнешното истражување на Ипсос, нарачано од страна на Европскиот фонд за Балканот во октомври 2020 година, јавното мислење во регионот сè уште со огромно мнозинство го поддржува членството во ЕУ (82,5% во просек). Дури и во Србија, која важи за најголемиот скептик во регионот, мнозинството од јавноста го поддржува членството во ЕУ со 64,1% (види графикон 1).

Неодамна, Бугарија одби да ја одобри рамката за преговори за членство на Северна Македонија во ЕУ, поради прашањата на историјата и јазикот, со што го попречува веќе одложениот почеток на пристапните преговори за Скопје. Оваа одлука не ги зема предвид направените реформи во Северна Македонија: земјата доби најпозитивни проценки во извештаите на Комисијата за оваа година од сите балкански земји. Претходно, спорот со Грција околу името на земјата беше пречка на патот на Северна Македонија кон ЕУ во текот на една деценија, сè додека обете земји конечно не го решија прашањето во 2018 година.

Јавното мислење во регионот сè уште е позитивно во врска со членството во ЕУ, но во исто време ја следи динамика со која се одвиваат овие процеси. Истражувањето на Ипсос (2020) покажува дека 52,1% од испитаниците од целиот регион не се задоволни од напредокот на нивната земја во пристапувањето кон ЕУ.

Една од наведените причини за незадоволство е токму бавното темпо на процесот, особено кај Црна Гора (17,7%) и Србија (17,6%). 9,4% од анкетираните во Северна Македонија и 11,7% во Србија се жалат на порастот на бројот на барањата на ЕУ и се загрижени дека „ЕУ не нè сака“. Условите поставени од соседните земји се фрустрирачки за 9% од испитаниците во Северна Македонија.

Иако се мали, сепак овие бројки покажуваат дека јавното мислење во Западен Балкан ги зема предвид и е чувствително кон сигналите од ЕУ. Всушност, латентниот скептицизам станува уште поочигледен кога ќе се види дека 20,8% од испитаниците во регионот сметаат дека нивната земја никогаш нема да влезе во ЕУ: 32,7% во Србија, 28,1% во Босна и Херцеговина, 25,7% во Северна Македонија, и 20,9% во Албанија.

Наковалната

Засега, според истражувањето на Ипсос (2020), незадоволството кај луѓето е фокусирано кон нивните политичари и институции.

За ова, посебно се истакнува Косово, каде дури 24% од испитаниците се сомневаат дека властите се вистински посветени на европската интеграција. Јавното незадоволство од корумпираните и нефункционални државни институции е со значаен резултат, особено во Црна Гора (18%). Околу 14% од испитаниците во Србија и Северна Македонија се согласуваат дека домашните политички елити и институции се главно одговорни за недостатокот на напредок или реформи во врска со европската интеграција.

Перцепциите на луѓето не се погрешни. По скоро две децении европска интеграција, демократските перформанси низ целиот регион сè уште не стекнале позитивна динамика. Ниту носењето на демократски устави, ниту пак ригорозната демократска условеност на ЕУ не успеале да ги надминат неформалните структури на моќ и заробената држава и клиентелизмот, туку напротив, ги консолидирале. Подемот на силните балкански властодршци го еродира владеењето на правото, независноста на судството и слободата на медиумите во овие земји, дозволувајќи им на автократски-настроените водачи неконтролирано да управуваат.

Излез

Политиката на притисок, каде корумпираните влади се во теснец помеѓу незадоволната јавност и бескомпромисниот Совет, го достигна својот лимит. Како што земјите-членки продолжуваат да дивергираат во функционална смисла од договорените стандарди и процедури за проширување, кредибилитетот на ЕУ во Западен Балкан опаѓа. Постојаните пречки на патот кон ЕУ може да ги исфрлат од колосек дури и оние политичари кои се ориентирани кон реформи или се водат од консензус. За процесот да продолжи напред, Комисијата треба да престане да работи со регионални политички елити кои имаат сомнителни демократски квалификации. Можеби луѓето во регионот се фрустрирани од учинокот на нивните лидери, но тие не можат да бараат одговорност од нив еден деполитизиран европски процес на интеграција. Само по себе, ова е тежок удар врз легитимноста и капацитетот на системите во земјите од Западен Балкан. На крајот, ако некој моментално е „во сендвич“, тоа е народот. Луѓето се заглавени меѓу две млитави заложби: едната е проширувањето на ЕУ, а другата е заложбата на нивните политички елити за реформи.

За Северна Македонија, спроведувањето на новиот пристап кон проширувањето на ЕУ во голема мера зависи од способноста на земјите-членки да се согласат за рамката за преговори. Ова потсетува на долгогодишната потреба подобро да се прецизира поделбата на трудот помеѓу Комисијата и земјите-членки. Со оглед на тоа дека е тешко земјите-членки да постигнат едногласност за проширувањето, Советот треба повторно да ја разгледа можноста за воведување гласање со квалификувано мнозинство, барем за посредните фази на процесот на пристапување во ЕУ. Ова би им овозможило на земјите-членки силна политичка улога, во согласност со намерата на новата методологија. Тоа исто така би требало да ги спречи да го поткопаат процесот, што е токму она што во моментот ја поткопува трансформативната моќ на политиката.

Со цел да им помогне на земјите од Западен Балкан во справувањето со пандемијата, ЕУ треба да обезбеди многу поштедра поддршка која ќе оди подалеку од Економскиот и инвестициски план најавен во октомври 2020. На пример, треба да се за размисли за постепено отворање на Европските структурни и инвестициски фондови (за поддршка на инфраструктурни проекти), проширување на употребата на инструментите на ЕУ за финансиска стабилност, овозможување на регионот да учествува во заедничката земјоделска политика итн.

ЕУ исто така треба да соработува со лидерите на земјите од Западен Балкан и надвор од рамката на проширувањето, со цел заеднички да се обликува иднината на Европа. Ова ќе помогне кон намалување на евроскептицизмот.

На крај, неуспехот на ЕУ во борбата против стагнацијата или регресот во демократските реформи во регионот креира перцепција дека таа е волна да ја замени демократијата со стабилноста во Западен Балкан. ЕУ се уште бара правилна стратегија за да ги трансформира земјите од Западен Балкан во одржливи демократии. Таа исто така има потреба од индикатори кои ќе може објективно да се потврдат за да мери нивниот прогрес.

Со примената на овие мерки, ЕУ ќе ги надмине предизвиците со нејзиниот моментален пристап кон регионот.

Share via
Copy link
Powered by Social Snap