ЛАЖЕН ТВИТЕР-ПРОФИЛ СО ИМЕТО НА МИНИСТЕРОТ ФИЛИПЧЕ ЈА “РАЗБРАНУВА” ЈАВНОСТА

Дезинформација бр:

#186

Дата:

25.10.2020

Извор:

Време на читање:

3 мин.

Оригинален наслов: ЛАЖЕН ТВИТЕР-ПРОФИЛ СО ИМЕТО НА МИНИСТЕРОТ ФИЛИПЧЕ ЈА “РАЗБРАНУВА” ЈАВНОСТА

На Венко Филипче му пукна филмот, ги изгуби нервите… нема да ви се верува што направи денеска !!! Закажа прием на инфективно на човек кој го предизвика. Оваа лажна вест беше објавена на  25 октомври 2020 од страна на Поглед, Pindzur.net, Newz Update и Мактел. Мактел сепак се поправи и напиша дека се работи за лажна тревога, додека другите портали не го направија тоа, па така нивните  лажни вести беа експресно раширени на социјалните мрежи.

Имено порталите се повикуваат на неофицијален твитер-профил на министерот за здравство, Венко Филипче, на кој било објавено дека министерот му закажува термин за прием во инфективниот оддел (каде што се лечат заболените од КОВИД-19) на Борче Илиоски, кој, според информациите на неговиот фејсбук-профил наводно е претседател на младината на политичката партија Интегра. Тој го предизвикал министерот со следнава објава на Фејсбук: “Сhallenge! Го предизвикувам манипулантот и апашот #ВенкоФилипче! Спремен сум да влезам во инфективна и со заболените БЕЗ МАСКА да седам 24/7 седум дена. Доколку се разболам и умрам, задолжително лекарски независен тим да изврши обдукција и да ја утврди вистинската причина за смртта. Доколку се разболам и се излечам, да се објави со помош на кои медикаменти и третмани сум излекуван, за да може сите понатамошни животи успешно да бидат спасени. Доколку ништо не ми се деси, да ми бидат исплатени 500.000 евра обештетување затоа што лажете и манипулирате со наводниов вирус #COVID19. Ајде, машко да те видам?“

Се работи за лажна вест бидејќи твитер-профилот кој наводно му припаѓа на министерот за здравство е лажен, а лицето кое стои зад профилот го злоупотребува неговото име и позиција  за содавање на лажна вест дека министерот наводно одговорил на предизвикот со враќање на порака на твитер на именуваниот. Без да ја проверат веродостојноста на оваа информација, порталите објавија свои текстови во врска со манипулативните објави на Твитер и Фејсбук.

Имено, твитер-профил, именуван како@41N21E, го објавува известувањето кое е пренесено во името на министерот за здравство.

 

 

Оваа таканаречена игра Сhallengeго предизвикувам министерот Венко Филипче” ја започна Миленко Неделковски на 8 октомври 2020, кога на својот фејсбук-профил го објави истиот статус. Со играта само се поттикнува незадоволство и недоверба во здравствениот систем, што, во услови на пандемија, може да предизвика голема штета врз јавното здравје.

Пандемијата е сериозен проблем и ова не е време за манипулативни “игри”. Јавноста треба правилно да се информира, a новинарите и порталите треба да бидат професионални во своето известување.

Leave a Reply

Share via
Copy link
Powered by Social Snap