МАЈК ПЕНС НЕ Е КЛОН, А УШТЕ ПОМАЛКУ ЕГЗЕКУТИРАН

Фејсбук-профил познат по теории на заговор и дезинформации изнесува небулозни тврдења за потпретседателот на САД, Мајк Пенс, без да понуди никакви докази. Постојат индиции дека се работи за неавтентично однесување и споделување на лажни анти-западни наративи од страна на лица од повеќе земји

На 13-ти ноември, фејсбук-профилот Тајсон Мајк (познат по ширење различни теории на заговор и дезинформации) објави дезинформација поврзана со потпретседателот на САД, Мајк Пенс. Во постот е наведено дека Мајк Пенс всушност бил клон, а “вистинскиот” Мајк Пенс бил егзекутиран на 4 јули 2019 година. Дополнително, според авторот на постот, Мајк Пенс бил обвинет за злоупотреба и убиство на 186 бебиња, како и дека заедно со Пол Рајан се обиделе да го убијат Доналд Трамп. Во постот не е објавен ниту еден доказ со кој авторот би го поткрепил своето тврдење.

Пребарувајќи на интернет, тимот на Ф2Н2 не успеа да пронајде ниту една објава во која што пишува дека потпретседателот на САД бил егзекутиран, дека бил обвинет за убиство на бебиња или пак дека два пати имал обид да изврши атентат врз Доналд Трамп.

Објавената фотографија е преземена од пост на Твитер, објавен на 8-ми октомври. Во постот на Твитер авторот тврди дека Мајк Пенс е креиран во епрувета, па лесно може да заклучиме од каде потекнува теоријата на заговор која ја пласира фејсбук-профилот. За поздравување е реакцијата на Фејсбук, кој го обележал постот како лажна информација.

Тимот на Ф2Н2 го цени овој текст како дезинформација поради фактот што за ниту едно од обвинувањата не е понуден соодветен доказ.

И покрај очигледната лага и манипулација, она што загрижува е што овој пост е споделен 40 пати.

Американскиот потпретседател Пенс не е единствениот американски политичар кој е предмет на теориите на заговор. За Хилари Клинтон тврди дека е “психопат”, додека за поранешниот претседател на САД, Барак Обама, исто така тврди дека е клон.

Она што загрижува е фактот што неговите објави имаат многу голем број на споделувања. На пример, неговиот пост од 20 ноември, во кој пишува дека “Ватикан има сатанистичка надворешна и внатрешна архитектура”, во рок од два часа е споделен 85 пати! Ова укажува на тоа дека можно е да се работи за неавтентично однесување и злонамерно споделување на лажни вести од поголем број профили. . Потеклото на профилите укажува на тоа дека се вклучени лица од повеќе држави. Покрај фактот што ова е загрозување на верските права на католиците, вредно е да се спомене дека Католичката црква долго време е предмет на различни дезинформации од Русија. Предмет на навреди се и политичари од Европа, како на пример фотомонтажата со германската канцеларка Меркел, со која неа ја поврзува со сатанизмот.

Еден од основните извори за информација му е Русија денес (Russia Today), чијашто содржина често ја споделува.

Share via
Copy link
Powered by Social Snap