МАНИПУЛАТИВЕН ОБИД ДА СЕ ОМАЛОВАЖИ НАГРАДАТА ЗА ЧОВЕКОВИ ПРАВА ДОДЕЛЕНА НА ПРЕМИЕРОТ ЗАЕВ

Дезинформација бр:

#199

Дата:

17.11.2020

Извор:

republika.mk

Време на читање:

4 мин.

Оригинален наслов: Заев сам на себе си ја додели наградата во Берлин: Неговиот советник е директор во истата организација

 

Фактот што советник на премиерот во минатото бил дел од фондацијата Фридрих Еберт е злоупотребен за манипулација на јавноста и омаловажување на наградата за човекови права која оваа фондација му ја додели на премиерот Заев.

На 17-ти ноември 2020, порталот Република објави текст со наслов: Заев сам на себе си ја додели наградата во Берлин: Неговиот советник е директор во истата организација. Во содржината на текстот стои дека премиерот Зоран Заев вчера во Берлин ја добил наградата од фондацијата за човекови права Фридрих Еберт, но, според авторот на текстот, Заев наводно самиот на себе си ја доделил наградата, бидејќи директор на канцеларијата во Скопје на оваа германска организација наводно бил Милан Живковиќ, еден од неговите советници за труд и социјална политика.

Добиената награда на премиерот порталот ја користи да ја манипулира јавноста, со цел да го омаловажи успехот и достигнувањата за кои е добиена истата. Јавноста треба да знае дека оваа награда не ја доделува локалната канцеларија на фондацијата во Скопје, а уште поголема манипулација е “информацијата” дека директор на канцеларијата во Скопје е Милан Живковиќ, советник на премиерот Зоран Заев, како што може да се види на нивната веб-страница.

Со цел да ја провери точноста на информацијата, Ф2Н2 го контактираше Милан Живковиќ, кој истакна: „Единствена вистина од објавата на порталот ‘Република’ е тоа дека сум советник на премиерот за трудова и социјална политика. Не сум дел од фондацијата Фридрих Еберт – канцеларија Скопје од 12-ти април оваа година. Бев вработен од 2012-та година, на работни места координатор за трудова и социјална политика и локален шеф на канцеларијата, а фондацијата има канцеларии во преку 100 земји и не е ничија ‘сопственост’, како што некој тоа сака да го претстави (…’ако малку се пребара кој стои зад оваа организација…’). Вредностите на германската фондација Фридрих Еберт се темелат на основите на социјалдемократијата, пред сè заштитата и унапредувањето на човековите права – и токму тоа е и причината поради која премиерот Зоран Заев ја доби оваа награда. Локалната канцеларија на ФЕС сигурно го поддржала предлогот за доделувањето на наградата и тоа е потврда за заложбите и на претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и на самата партија која застана позади концептот ‘Едно општество за сите’. Доделувањето на наградата ‘Фридрих Еберт’ нè стави на пиедестал како држава, и во моментот кога сите треба да сме горди на тој факт, некој креира вештачки ‘конструкции’ со цел девалвирање на успехот на нашата држава.“

На 16-ти ноември 2020 година, премиерот на Република Северна Македонија, Зоран Заев, ја доби наградата за човекови права за 2020 година од фондацијата Фридрих Еберт. Во објавата на веб-страницата по повод доделувањето на наградата се истакнува следното: „Постигнувањата на Заев не се однесуваат само на склучувањето на Договорот за пријателство со Бугарија во 2017 година и Преспанскиот договор со Грција, со кој се стави крај на 27-годишниот спор за името, туку пред сè на самата држава. […] По многу разочарувања, одлучната реформска агенда на Заев резултираше со одлука на земјите-членки на ЕУ да ги отворат преговорите за пристапување кон ЕУ, а во март го отвори и патот за Северна Македонија да се приклучи на НАТО како 30-та членка.“

Министерот за надворешни работи на Германија, Хајко Маас, во своето обраќање на церемонијата посочи дека Зоран Заев ѝ влева надеж на една цела генерација на која ѝ било доста од тоа постојано да се занимава со национализам и со една политика повеќе насочена кон минатото отколку кон иднината.

Фондацијата Фридрих Еберт (ФЕС) е фондација за социјална демократија, најстарата политичка фондација во Германија основана во 1925 година. Фондацијата, со седиште во Бон и Берлин, има шест центри за образование на возрасни, 13 регионални канцеларии низ цела Германија, локални канцеларии во над 90 земји и спроведува активности во повеќе од 100 земји, меѓу кои и во САД и Канада.

Преку својата мрежа на канцеларии поддржува политика за мирољубива соработка и човекови права, промовира воспоставување и консолидација на демократски, социјални и уставни структури и се застапува за слободни синдикати и силно граѓанско општество. Активно е вклучена во промовирање на социјална, демократска и конкурентна Европа во процесот на европска интеграција.

Фондацијата го должи своето формирање и својата мисија на политичкото наследство на Фридрих Еберт, прв демократски избран германски претседател. Работата на фондацијата се фокусира на основните идеи и вредности на социјалдемократијата – слобода, правда и солидарност.

Наградата за човекови права на фондацијата Фридрих Еберт за првпат била доделена во 1994 година и е воведена од Карл и Ида Феист. Во својот тестамент, основачите предвиделе фондацијата да управува со нивното наследство и да доделува годишна награда за човекови права. Оваа награда се доделува на поединци или организации кои имаат извонредни заслуги за човековите права во различни делови на светот.

Заклучок:

Наградата за човекови права за 2020 година на фондацијата Фридрих Еберт е награда за нашата земја, за напредокот и достигнувањата во демократијата. Премиерот Зоран Заев ја добива наградата како еден од најгласните промотори на основните вредности – слобода, правда, солидарност и меѓународен дијалог.

Со овој дезинформативен текст, порталот ја манипулира јавноста со цел да го засени и омаловажи овој успех и достигнувањата на премиерот и институциите на државата во процесот на демократизација на државата и евроатлантските интеграции.

Leave a Reply

Share via
Copy link
Powered by Social Snap