НАТО НЕ Е ПРЕД РАСПАД

Дезинформација бр:

#181

Дата:

07.07.2020

Извор:

magazin.mk

Време на читање:

4 мин.

Оригинален наслов: НАТО ПРЕД РАСПАД: СПОРОТ МЕЃУ ФРАНЦИЈА И ТУРЦИЈА ЗА ЛИБИЈА Е ЗНАК ЗА НЕМОЌ НА АЛИЈАНСАТА!

На 07.07.2020 година порталот Магазин.мк објави статија со наслов „НАТО пред распад: спорот меѓу Франција и Турција за Либија е знак за немоќ на алијансата!“. Статијата се однесува на одреден инцидент во центарот на кој се нашле Франција и Турција. Имено, според француските извештаи за инцидентот кој се случил на 10-ти јуни, францускиот брод Курбе, кој делувал во склоп на операцијата „Поморски чувар“, отпловил да изврши проверка врз товарниот брод со танзаниско знаменце, Циркин, блиску до брегот на Либија. Целта било да се изврши проверка дали Циркин шверцувал оружје, имајќи предвид дека постои ембарго на Организацијата на Обединетите Нации (ООН) за оружје за Либија. Според француските одбранбени сили, турските бродови кои го придружувале бродот Циркин, за кого изјавиле дека пренесува медицинска опрема, дејствувале агресивно кон бродот Курбе, и дури го нанишаниле со своите системи на оружје цели трипати. Од друга страна, Турција ги негира тврдењата на Франција, велејќи дека интеракцијата била пријателска. На крајот, Франција побарала од НАТО да го истражи инцидентот.

 

Линк до оригиналната статија можете да најдете тука.

Оваа „случка“ е приклучена кон поголем, чисто политички мотивиран наратив дека НАТО наводно е пред распад, што е апсолутно неточно. Крајната цел е да се поткопа единството на НАТО сојузниците.

 

Членот 1 од основачката повелба на НАТО содржи обврска за мирно решавање на сите меѓународни спорови во кои нејзините членки се страна, на начин што не го загрозува меѓународниот мир и безбедност и правдата. Без разлика што во конкретниот случај не се работи за издефиниран спор, колку што се работи за недоразбирање, страните на инцидентот, Франција и Турција, како НАТО сојузници имаат обврска нивните недоразбирања да ги разрешат по пат на дијалог.

Поточно, недоразбирањата како ова помеѓу Франција и Турција, согласно Резолуцијата за мирно решавање на спорови и разлики помеѓу членки на НАТО, мораат прво да се обидат да ги разрешат во рамките на НАТО, пред воопшто да отпочнат какви и да било процеси пред надворешни органи и трибунали. Во вакви случаи, Генералниот секретар на организацијата ја има моќта да неформално отпочне или олесни процедури на истраги, медијација, концилијација, или арбитража со цел надминување на разликите.

Имено, Резолуцијата им дава право и обврска на Владите на земјите членки и на Генералниот секретар да пријават во НАТО секакви настани кои според нивното убедување може да ја загрозат солидарноста и ефективноста на НАТО алијансата. Во конкретниот случај, постапувањето на Франција во овој случај е крајно во согласност со одредбите и обврските кои произлегуваат од членството во НАТО предвидените процедури на НАТО, и тоа воопшто не треба да се третира како слабост или поделеност.

За крај, исто така е многу важно да се напомене дека предметната статија објавена на веб порталот Магазин.мк, ја има превземено содржината на својата статија од српскиот портал Курир.рс, истата е дел од поголем про-руски наратив кој има за цел да ја претстави НАТО алијансата како нефункционална. Ваквите и слични текстови се вообичаени за овој портал, посебно превземањето на статии и натписи од страна на про-руски медиуми кои доаѓаат од соседна Србија, за што Ф2Н2 во повеќе наврати има пишувано.

Согласно горенаведеното, тимот на Ф2Н2 го оценува овој текст како пропаганда со анти-НАТО наратив, манипулативен и политички пристрасен. Крајната желба на авторот очигледно е да ја претстави НАТО алијансата како организација која се соочува со огромни проблеми во своето фукнционирање, што воопшто не е точно. Најдобар доказ за тоа е солидарноста на НАТО сојузниците во справување со последиците од пандемијата со КОВИД-19.

НАТО е силен и обединет, без разлика на желбите на одредени центри на моќ.

Leave a Reply

Share via
Copy link