НОБЕЛОВЕЦОТ ДЕНИС МУКВЕГЕ ГИ ОТФРЛА КАКО ЛАЖНИ ВИРАЛНИТЕ НАПИСИ ЗА ПРИЧИНИТЕ ЗА НЕГОВАТА ОСТАВКА

Преку социјалните мрежи изминативе денови, се споделува дезинформација дека добитникот на Нобелова награда за мир, Денис Муквеге, поднел оставка од раководството на двете работни групи КОВИД-19 во Конго, поради тоа што бил насочуван да манипулира со броевите на пациенти.

Текстот којшто се споделува заедно со фотографија од докторот гласи:

Д-р Денис Маквеге штотуку поднесе оставка од одговорниот тим за „ Ковид-19 “. Тој изјавува:„ Јас во никој случај не можам да ја извалкам мојата Нобелова награда за мир за пари, нам ни беше наредено да ја прогласиме секоја болест и секое починато лице, последица на коронавирусот. По проверени над 100 примероци, ниту еден од нив, не излезе позитивен “.

Тврдењето кое се шири вирално е шпекулација. Муквеге ги отфрлил цитатите што му се припишуваат во виралните постови кои се шират преку социјалните мрежи.

Муквеге ја добива Нобеловата награда за мир во 2018 година заедно со  Надја Мурад. На 30 март 2020 година тој е назначен за претседател и заменик претседател на двете работни групи кои се борат против пандемијата од КОВИД-19 во провинцијата Јужен Киву.

На 10 јуни тој ја доставува својата оставка дополнета со изјава во која обвинува за бавното тестирање, недостаток на мерки за превенција и организациски проблеми. Тој не споменува ниту една од причините  кои наведени во написите кои се шират вирално преку социјалните мрежи, како што се „пари“ или манипулирање со бројот на случаи.

Лицето за коминикации на Др.Денис Муквеге , Мауд Саломе Екила, за Глобалната новинска агенција за проверка на факти AFP Fact Check изјавила дека објавите се „лажни вести“.

 

„Ова не се зборови на д-р Денис Муквеге“, рече таа на 18 јуни. „Неверојатно е што медиумите и луѓето преку Интернет ги споделуваат овие лажни информации кога имаме службени сметки каде што неговата оставка беше објаснета и оправдана во изјава“.

 

Самиот Муквеге твитна дека објавите не се „оригинални“ и објави линкови до неговите официјални профили на социјалните мрежи.

 

Имено како причини за неговата оставка Др. Денис Муквеге наведува две тешкотии кои спречиле ефикасно да се примени нивната стратегија:

Од една страна, невозможноста да се има во нашата провинција RT-PCR што овозможува брзо да се потврди дијагнозата на Ковид. Потребното време, повеќе од две недели, за да се добијат резултатите од примероците испратени до INRB во Киншаса, претставуваше голем хендикеп за нашата стратегија заснована на „тестирање, идентификување, изолирање и лекување“.

Од друга страна, олабавување на мерките за превенција од страна на нашето население, негирање на реалноста, неможноста за спроведување на мерки за бариера, порозноста на нашите граници со масовно враќање на илјадници сонародници од соседните земји без да бидат ставени во карантин, ја намали ефикасноста на нашата стратегија.

Затоа, решив да си дадам оставка од моите должности како заменик претседател на Мултисекторскиот комитет за одговор на коронавирусот во нашата провинција и претседател на Комисијата за здравство, за да се посветам целосно на моите медицински одговорности и да го лекувам овој прилив на пациенти во болницата „Панци“.

 

Манипулативниот напис кој се шири вирално преку социјалните мрежи е со цел да се предизвика погрешен впечаток за некакво сценарио со кое ќе се поддржат теориите за заговор, според кои не постои КОВИД-19. Сите болни или починати, наводно лажно се  бројат како жртви на коронавирусот.  

Но пандемијата од КОВИД-19 за жал е реалност.   И затоа потребна е поголема свесност и да не дозволиме да бидеме манипулирани, туку да се заштитиме себеси и своите блиски. Само така ќе дадеме свој придонес во борбата со коронавирусот.

Share via
Copy link