ОПЕРАТИВЦИ И ЕКСПЕРТИ ЗА ХЕМИСКО ОРУЖЈЕ НА ФСБ ВМЕШАНИ ВО ТРУЕЊЕТО НА АЛЕКСЕЈ НАВАЛНИ

Заедничката истрага помеѓу Белингкет и Инсајдер, во соработка со Дер Шпигел и Си-ен-ен, открила обемни податоци за телекомуникации и патувања што покажуваат вмешаност на руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) во труењето на истакнатиот руски опозициски политичар Алексеј Навални.

Се чини дека труењето во август 2020 година во сибирскиот град Томск, се случило по долгорочно набљудување, кое започнало во 2017 година по кратко време откако Навални прв ја објавил својата намера да се кандидира за претседател на Русија. Во текот на 2017 година, и повторно во 2019 и 2020 година, оперативците на ФСБ од една тајна единица специјализирани за работа со отровни материи го следеле Навални за време на неговите патувања низ Русија, на повеќе од 30 летови на истите дестинации. Исто така, можно е да имало и претходни обиди за труење на Навални.

Истрагата идентификувала тројца оперативци на ФСБ од оваа тајна единица кои патувале заедно со Навални до Новосибирск, а потоа го следеле во градот Томск, каде што на крајот бил отруен. Овие оперативци патувале под идентитетите  Алексиј Александров (39), Иван Осипов (44) – двајцата лекари, и Владимир Пањаев (40). Тројцата имале поддршка и надзор од уште најмалку петмина оперативци на ФСБ, од кои некои патувале и до Омск, каде што бил хоспитализиран Навални. Членовите на единицата комуницирале едни со други во текот на целото патување, со ненадејни зголемувања на нивото на комуникација непосредно пред труењето, како и за време на ноќните часови кога Навални го напуштил својот хотел и се упатил кон аеродромот во Томск.

Воедно, откриени се и податоци кои укажуваат на постоење на тајна програма за хемиско оружје раководена од припадници на руската домашна разузнавачка служба (ФСБ). Оваа програма е водена под покровителство на единица на ФСБ, официјално задолжена да спроведува форензички истраги за терористички акти и превенција од високо-технолошки криминал. Но, една од нејзините клучни и таинствени улоги е и да обезбеди покритие за тајна подединица која се состои од приближно 15 оперативци обучени за хемиска и биолошка војна, медицина и специјални операции.

Истрагата исто така открила и телекомуникациски податоци и податоци за патувања кои сугерираат дека обидот за труење на Навални во август бил нарачан од највисоките ешалони на Кремљ.

Навални со години бил следен од  тим оперативци од тајна единица на ФСБ. Овој тим работи во рамките на Институтот за криминалистика на ФСБ.

 

Институтот за криминалистика на ФСБ

Иако официјалната задача на институтот е да спроведува форензички истраги, поранешни советски и руски разузнавачи кои побегнале на Запад велат дека таму има и тајна лабораторија за отрови, која за време на Советскиот Сојуз произведувала отрови што се користеле за атентати врз западни дипломати, украински националисти и пребегнати од советскиот режим.

Врз основа на анализа на метаподатоци од стотици илјади телефонски врски, се чини дека одговорен за оваа програма е полковник Станислав Макшаков, воен научник, кој претходно работел во Државниот институт за органска синтеза во затворениот воен град Шихани-1. Макшаков е заедничката врска помеѓу експертите за хемиско оружје што работат во близина на Москва и теренските оперативци коишто го следеле Навални низ Русија.

Полковникот Макшаков му е подреден на генералот Кирил Василиев, директор на Институтот за криминалистика на ФСБ, кој пак му е подреден на генерал-мајор Владимир Богданов, кој моментално е раководител на Центарот за специјална технологија на ФСБ. Тој е исто така заменик-директор на моќната научно-техничка служба на ФСБ. Богданов пак му е директно подреден на директорот на ФСБ, Александар Бортников, над кој во хиерархијата е претседателот на Русија, Владимир Путин.

Анализата на претходните патувања на членовите на единицата на ФСБ покажува дека тие започнале да го следат Навални некаде од 16 јануари 2017 година, само еден месец откако тој ги објавил дека планира да се кандидира на претседателските избори во Русија во 2018 година. Вкупно, тимот на ФСБ направил 37 патувања на истите дестинации на кои патувал Навални помеѓу 2017 и 2020 година.

Членовите на тимот патувале обично во групи од по двајца или тројца. Тие патувале под сопствен, или под прикриен идентитет, во зависност од чувствителноста на операцијата и скоро никогаш не патувале со истиот лет со Навални, туку користеле паралелни летови, најчесто од други аеродроми во Москва.

Се чини дека оперативците на ФСБ ги прекинале своите патувања кон крајот на 2017 година. Во декември 2017 година, рускиот Изборен комитет не ја потврдил кандидатурата на Навални, повикувајќи се на неговото криминално досие во случајот Криволес – државна компанија за преработка на дрво. Овој наводен случај на проневера бил поништен од Европскиот суд за човекови права, бидејќи немало елементи на кривично дело, но резултирал со повторно судење во Русија што ја повторило пресудата од првиот случај.

Во февруари 2019 година, член на тимот на ФСБ патувал со воз до Санкт Петербург заедно со Навални. Изгледа дека ова бил единствениот таков случај таа година, но сепак можно е други неидентификувани членови (или членови под непознат идентитет) на единицата на ФСБ да направиле повеќе патувања со него.

Во интервју за Белингкет, Навални споделил претходно неоткриена информација дека за време на долг лет во 2019 година (не се сеќавал на точната дестинација) почувствувал симптоми кои ги опишал како многу слични по природа (но многу помалку сериозни) со оние од кои паднал во скоро фатална кома за време на неговиот лет од Томск на 20 август 2020 година. Бидејќи симптомите поминале до моментот кога пристигнал, тој не претпоставил дека можеби бил намерно отруен и не побарал лекарска помош. Сепак, кога се разбудил од кома во август 2020, се присетил на овој настан.

На 28 јули 2019 година, додека бил во притвор обвинет за организирање на неовластен протестен митинг, Навални добил сериозен осип на кожата и воспаление на очите, што според неговиот лекар, можеби дошло од допирање на неидентификуван хемиски агенс. Тој бил хоспитализиран и му бил дијагностициран контактен дерматитис, и бил вратен во затвор еден ден подоцна, откако државните медицински експерти не откриле траги од отров во примероците од неговата крв. На неговото барање органите да го испитаат случајот не било одговорено.

 

Фијаското во Калининград

На 3-ти јули 2020, Алексеј Навални и неговата сопруга Јулија одлетале за Калининград на петдневен одмор, а оперативците на ФСБ летале од друг аеродром, веројатно да избегнат откривање. Непосредно пред нивните летови, забележена е телефонска комуникација на сите тројца оперативци на ФСБ со полковник Макшаков. На 6-ти јули по утринската прошетка долж плажата, Навлани се враќаат накратко во нивната хотелска соба, а потоа излегуваат до кафуле блиску до плажата. На патот до кафулето, Јулија Навалнаја одеднаш  почувствувала слабост. Како што стигнале до кафулето и без никакви предупредувачки симптоми, според нејзините зборови „се чувствував полошо отколку што некогаш сум се чувствувала во животот“.

И Алексиј и Јулија Навални за Белинггкет изјавилe дека не чувствувалe дека треба да побараат медицинска помош поради недефинираната природа на нејзината болест. Алексеј Навални сметал дека мистериозната болест што ја опишала неговата сопруга е многу слична на „чувството на претстоечка смрт“ што го доживеал на авионот на 20 август откако бил отруен со Новичок. Според документот од 1992 година на експерти за хемиско оружје, несмртоносна доза од агенсот може да доведе само до привремено или делумно нарушување на моторните функции или дишењето.

Истрагата покажала динамична размена на повици помеѓу ФСБ и СЦ Сигнал во текот на првата половина на денот. Комуникацијата на 6-ти јули била крајно невообичаена и била единственото време кога Богданов го повикал шефот на СЦ Сигнал, Хиров во периодот од мај до ноември 2020 година. Оттука, логично е да се претпостави дека експерти за хемиско оружје од СЦ Сигнал биле вклучени или во планирањето на оваа операција, или потенцијално и во планирањето за иден обид за труење на Навални.

 

Конечен обид

На 12-ти август 2020 година, тројца членови на ФСБ – Александров, Осипов и Пањаев – резервирале летови за Новосибирск. Она што тимот на ФСБ не можел да го знае е што точно ќе се случи по патувањето во Новосибирск. Навални и неговиот тим не резервирале повратни летови. По неколку безбедносни инциденти, тој претпочитал да ги чува плановите за патување на неговиот тим во тајност и редовно правел резервации во последен момент. Навални резервирал повратен лет дури на 17 август, и тоа не од Новосибирск, туку од Томск.

Ова не го знаел тимот на ФСБ на 12 август, па тие резервирале билети во еден правец за Новосибирск, а своите повратни летови ги резервирале пет дена подоцна – неколку минути откако Навални го резервирал својот повратен лет на 17 август. Исто како Навални, составот на ФСБ летал од Томск во Москва, но еден ден подоцна од него, на 21 август.

Сомнителната комуникација се случила вечерта  на 19-ти август – се чини дека ова се совпаѓа со времето во кое Навални бил отруен во Томск.

Имено, во 16:21 по московско време (20:21 во Томск) Владимир Пањаев му испратил СМС-порака на Макшаков. Ова била третата порака што Пањаев му ја испратил на својот претпоставен тој ден, првите две биле испратени рано наутро. Кратко време по испраќањето на третата порака, Навални отишол  да плива во локална река во областа Томск – рутина која се претворила во ритуал за време на сите негови патувања со тимот на ФБК (Тим на Фондацијата за борба против корупција). Тој не бил во хотелот и во неговата соба околу 2,5 часа.

Во 23 часот и се сретнал со неговиот тим – кој штотуку вечерал во барот во хотелот. Додека седеле во барот, околу 23:15 часот Навални нарачал Блади Мери. Барменот му рекол дека ги немаат потребните состојки, па наместо тоа му понудил коктел Негрони. Навални го прифатил предлогот, но не можел да испие повеќе од една голтка, зашто „коктелот имаше вкус на најодвратното нешто што сум го пробал во животот“.

Во приближно истото време, се одвивала комуникација помеѓу Кривошеков и Тајакин (оперативци од тимот) со Макшаков која завршува околу 00:44 часот (во Томск).

Во 00:48, Александров прави грешка и го вклучува обичниот телефон за само една секунда, но тоа било доволно да се неговиот уред “регистрира” во близина на центарот на Томск, во близина на хотелот „Ксандер“.

Следното утро, на 20 август 2020 година, тимот на Навални го чекале него во лобито за да заминат на аеродром. Навални доцнел, што било  невообичаено за него, но сепак дошол.

Околу 30 минути откако полетал авионот, Навални почувствувал тешко труење и паднал во кома откако се обидел да се освежи во тоалетот на авионот. Пилотот го пренасочил авионот кон најблискиот аеродром – Омск . Персоналот за итна медицинска помош пристигнал на време и му дал атропин, што, според германските доктори, му го спасило животот.

Сомнително е и патувањето на Тајакин (член од тимот кој останал во Москва), кој одлетал за Горно-Алтајск доцна вечерта на 20-ти август. Истражувачкиот тим не успеал  да утврди што правел Тајакин во Горно-Алтајск – град со 60.000 жители, што е на девет часа возење од Томск и 13 часа возење од Омск. Сепак, тој е во близина на градот Бјиск, каде се наоѓа малиот Институт за проблеми со хемиска енергија.

На 22 август, болницата во Омск, која претходно одбивала да дозволи Навални да биде префрлен во Германија, сепак го одобрила трансферот.

Два дена подоцна, на 24 август, тројцата членови на единицата на ФСБ кои биле во Томск за време на неговото труење – Александров, Осипов и Пањаев – се вратиле од Горно-Алтајск во Москва.

Појавата на Тајакин во Горно-Алтајск – скоро 4.000 км оддалечен од Москва – не била единственото изненадувачки кратко патување што го направил еден член на единицата на ФСБ околу времето на труењето на Навални. Само еден ден подоцна откако тројката Александров, Осипов и Пањаев пристигнала назад во Москва, на 25 август 2020, нивниот колега Кудријавцев – обучен специјалист за хемиско оружје – полетал од Москва за Омск. Тој останал во градот помалку од 10 часа. Возел од аеродромот до центарот на градот и се вратил во Москва подоцна во текот на ноќта.

Во овој момент, Навални веќе го имал напуштено Омск и го започнал своето закрепнување во Берлин. Сепак, неговата облека и лични работи што биле со него во болницата во Омск останале таму, и ако некој од предметите содржи остатоци од отровот со кој бил отруен Навални, тоа би можело да биде доказ за труењето.  До денот на објавата на статијата, Навални и неговото семејство не добиле одговор за тоа каде се наоѓа неговата облека.

 

 

Заклучок

Големиот обем на податоци и неверојатната серија на коинциденции кои ги открива истрагата покажуваат вмешаност на истакнатата руска агенција за безбедност, ФСБ, во следењето на Навални, преку нејзини оперативци обучени за хемиско оружје, хемија и медицина – вештини што не се потребни за вообичаените практики за следење.

Овие оперативци биле во близина на Навални во времето кога бил отруен со воен хемиски отров. Тие исто така биле во близина на Навални најмалку во уште еден наврат кога неговата сопруга почувствувала симптоми на несмртоносна доза од истиот отров. Претходно, тие го следеле на 37 патувања во текот на последните четири години.

Оваа независна истрага, која ќе се прошири во иднина, е особено важна со оглед на тоа што ниту една земја не се понудила да го истражи труењето на Навални. Ваквото премолчено одбивање да се спроведе истрага значи одложување на должноста за спроведување истрага од Русија – држава која не само што е потенцијално вмешана во самото злосторство, туку и која официјално одбила да отвори официјална истрага – се вели во извештајот подготвен од Белингкет.

Share via
Copy link
Powered by Social Snap