На 9-ти февруари 2022 година се одржа панел дискусија на тема „Руско-украинската криза и Северна Македонија“ која беше организирана од страна на ЦИВИЛ – Центар за слобода. На дискусијата учество зедоа амбасадорката на Украина, Н.Е. Наталија Задорожњук, програмскиот менаџер на проектот „Борба против лажни вести и наративи“ – FN, Росана Алексоска, деканката на Правниот факултет на Универзитетот „Визион“ – Гостивар и прва жена доктор на науки на Воената академија, Весна Попоска, како и новинарите и аналитичарите Александар Николиќ Писарев и Љубомир Костовски.

Во нејзиниот настап, меѓу другото, Алексоска ги изнесе следните поенти:

  • Изјавата на министерката за одбрана, Славјанка Петровска, предизвика зголемена активност од проруски агенти на влијание, портали и инфраструктура на социјалните медиуми. Дополнително, ова беше засилено со реакцијата од Руската амбасада, којашто беше амплифицирана на социјалните мрежи во големи размери. Туку би сакала да истакнам дека ние воопшто не сме изненадени од оваа реакција, бидејќи тоа е веќе видена тактика на Москва. Парадоксално е што Руската амбасада реагира “зачудено” во НАТО земја членка, која својата евроатлантска интеграција ја поставила како стратешка цел уште од осамостојувањето, и истата има историски огромна поддршка од граѓаните.

  • Во клучни моменти, или за важни настани техниката која ја користи Москва е да го преплави информацискиот простор за да ја дефокусира јавноста од конструктивна дебата, да го одвлече вниманието од вистината и суштината, во нашиот случај она што го кажува украинската страна, што придонесува луѓето да се збунети и да не знаат во што да веруваат. Секако дека сето ова покренува и емоционална реакција. На пример, во случајот на труењето на Скрипал на британска територија, руските медиуми контролирани од Кремљ, Русија денес („Russia Today“) и Спутник, продуцирале и дистрибуирале 138 засебни и контрадикторни наративи, преку објавување на повеќе од 700 стаии во рок од 4 недели. Втор пример се дезинформациите поврзани со соборувањето на авионот на Малезија Ерлајнс (лет MH17).

  • Ваквите информациски операции имаат неколку цели: (1) да го наметнат светогледот на Русија преку нивните наративи, (2) да ги промовираат руските дезинформации и пропаганда, (3) да ги дискредитираат како домашните институции, така и западните сојузници и (4) да обесхрабрат поддршка, акција или одговор во прилог на Украина, и НАТО, во нашиот случај. Тука би упатила апел до кредибилните и професионални медиуми, како и до нашата Влада, да продолжат недвосмислено со поддршката за Украина и граѓаните на Украина, како и со активностите во рамките на НАТО.

  • Дезинформациите и информациските операции се водат од заблудите, погрешните перцепции и погрешните верувања коишто постојат кај дел од граѓаните и кои во голем дел произлегуваат и од неинформираноста. Тука клучна улога имаат медиумите, бидејќи едноставно не може да се пренесе само тоа што го кажал НАТО и тоа што го кажала Русија. Токму тоа е причината за големата дисторзија во нашиот информациски простор. Она што треба да важи и што е важно во демократските и отворени општества, се вистината и фактите. Потребно е на нашите граѓани да им се пренесат вистината и фактите, а не да се балансира. Од друга страна, ширењето дезинформации и пропаганда придонесува кон засилување на ваквите заблуди, погрешни перцепции и уверувања.

На крајот од своето обраќање Алексоска потенцираше дека:

  • Дебатата и поддршката, односно целата борба за Украина е всушност поддршка за стабилноста и безбедноста на Европа и светот воопшто.

  • Со други зборовина Русија не смее да и се дозволи преку агресија и употреба на сила и уцени, да наметнува сопствени интереси врз суверени и независни држави.

 

Целосната дискусија можете да ја погледнете на следниов линк.

logo

ФИНАНСИРАНО ОД

sponsor

Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД

ПАРТНЕРСТВО

sponsor
© 2022 F2N2.