ПОУКИ ОД ВАКЦИНАТА ПРОТИВ КОРОНАВИРУСOT ВО РУСИЈА

Вакцината “Спутник V” не ги исполни надежите на оние кои ја создадоа, но сепак е можно таа да се спаси од агресивната кампања на Русија.

Пред една година Русија прогласи победа во трката за производство на вакцина против КОВИД-19, но сè уште чека на славата. Само околу една четвртина од популацијата во Русија е целосно вакцинирана и темпото на вакцинација забави, дури и кога бројките на смртни случаи се движат блиску до дневните рекорди. Прекинот на производството ги оневозможува испораките во земји како што е Аргентина. Постојат низа прашања поврзани со целокупната организација на процесот.

Се уште има време Москва да постигне некаков успех и да му помогне на светот гладен за вакцини, кој дополнително страда и од мутации на вирусот. Секоја вакцина е потребна, но прво Кремљ треба да ги препознае придобивките од транспарентноста во врска со вакцинацијата.

Уште од самиот почеток, Москва го гледаше развивањето на вакцина против КОВИД-19 како шанса да ја зајакне меѓународната позиција на Русија, да ги забошоти другите проблеми и да ја афирмира својата наука. Првата успешна вакцина ја нарече „Спутник V“, по сателитот кој го шокираше светот и го натера да ги признае советските достигнувања, а исто така лансираше и повеќејазичен веб-сајт и Твитер-профил. Скептиците за вакцините беа игнорирани или замолчени, но сепак несигурноста се зголемуваше. Руските државни медиуми го придонесоа кон проблемот преку искажување сомнежи за западните алтернативи.

 

Автократските режими, а особено рускиот претседател Владимир Путин, не си дозволуваат да признаат грешка. Процесот на создавање на Спутник (користење на два различни аденовирусни вектори во две дози) е во ред, гледано од научен аспект, но грешките ги засенија напорите. Во април, бразилскиот регулатор укажа на недостиг од податоци и грешки во сите фази од клиничките испитувања и изрази загриженост во врска со безбедноста на вакцината. Кога регулаторот одби да го одобри увозот на вакцини, Русија изјави дека одлуката е политички мотивирана. Оттогаш Бразил дозволи ограничени набавки.

Москва исто така се соочува со проблем при испораката. Рускиот национален фонд, кој ја спроведува програмата, вели дека ги зголемува залихите, но на пример Виетнам, кој страда од застрашувачки бран на случаи и на кого му беа ветени милиони дози, доби помалку од милион – само дел од она што другите добавувачи го обезбедија.

 

Придобивки од кампањата

Придонесот на Русија во однос на дозите на вакцините е поскромен за разлика од нејзината пропагандна машина и амбициозните договори. Донациите сочинуваат мал дел.

Извор: Airfinity

 

За да се поправи штетата и за да добие дел од заслугите на кои се надеваше, Москва треба да започне од почеток – со објавување на сите достапни податоци за Спутник, и објаснување за останатите проблеми. Регулаторите во Европа сè уште чекаат податоци кои се сметаат за стандарден услов за одобрување на вакцина. Без дополнителни информации, тврдењето дека ефикасноста на вакцината изнесува 91,6%, споредено со западните алтернативи, не може да се прифати како веродостојно. Светот исто така има потреба од поточни информации за тоа колку вакцини се произведени и колку се испорачани. Досега има само проценки, но нема официјална пресметка. (Кина, соочувајќи се со многу прашања околу податоците и транспарентноста, произведува и извезува значително повеќе од Русија.)

На Русите и понатаму им е потребна руската вакцина, како што им е потребна и на милиони други во светот. Се уште не е предоцна за руската вакцина да направи промена.

 

Извор: bloomberg.com

Share via
Copy link
Powered by Social Snap