ПРОРОШТВАТА НА НОСТРАДАМУС КОРИСТЕНИ ЗА ПРОПАГАНДА

Мишел де Нотредам (1503-1566), попознат како Нострадамус, бил познат  астролог во Франција во XVI век. Тој бил поддржан од кралицата Кетрин де Медичи, за која напишал бројни стихови што укажувале на падот на нејзиниот ривал, Елизабета Прва од Англија, но ваквите предвидувања никогаш не се оствариле. Неговото најпопуларно дело е „Пророштва“, за прв пат објавено во 1555 година, кое што се печати и до ден денес.[1]

Нострадамус ги пишувал своите пророштва во античка форма на француски јазик, толку двосмислено што може да се толкува онака како што му одговара на читателот. Како резултат на тоа, неговите следбеници успеале да му препишат голем број на предвидувања на широк спектар на несреќи, меѓу кои и големиот пожар во Лондон од 1666 година, подемот на Адолф Хитлер, Иранската револуција од 1979 година и настаните од 11 септември 2001 година. Сепак, наводните предвидувања на Нострадамус се забележани откако настанал несреќниот настан. Никогаш не се случило пример кога се користел стих од Нострадамус за точно да се предвиди некој настан пред да се случи.

Неговите пророштва станаа сеприсутен дел од популарната култура од 20 и 21 век. Па така тие се предмет на стотици книги, филмови, а исто така не стивнува ниту медиумскиот интерес за неговиот живот и пророштва. Сепак, низ историјата неговите пророштва се користеле и за политичка пропаганда, како и во голем број на измами – случаи во кои стихови лажно му се припишувале.

За време на Втората светска војна, министерот за пропаганда Јозеф Гебелс се обидел да ги искористи пророштвата на Нострадамус во служба на нацистичкиот режим. При започнувањето на Втората светска војна, Гебелс ги обновил предвидувањата на Нострадамус на начин што му одговарал на посакуваниот исход, па почнал да ги дистрибуира ваквите обновени пророштва во форма на памфлети низ Германија, предвидувајќи голема победа на Германија и брутално уништување на западните непријатели на Третиот Рајх.

Интересот за пророштвата на Нострадамус нагло се зголемува после уривањето на кулите близначки или настанот  9/11, и тоа благодарение на стихови проследени по електронска пошта, во кои што Нострадамус наводно ја предвидува трагедијата. Сепак, стиховите всушност не биле напишани од него, туку биле дело на анонимен измамник.

Друг популарен напис од пророштвата на Нострадамус во македонските медиуми е забележан во октомври 2018 година. Тој се повикува на наводното пророштво дека: „Во модерното време, Македонија наскоро ќе управува од непринципиелен владетел, кој ќе се обиде да го уништи името на Македонија и Македонците општо, само за да им угодуваме на другите владетели, но во тоа нема да успее затоа што народот односно Македонците овој владетел ќе го симнат од престолот, по доаѓањето на новиот цар во Македонија работите ќе се нормализираат а новиот цар на Македонија ќе биде верен на народот и нема да дозволи никој повеќе да си игра со името на Македонија.“

Во написот се споменува „цар што сака да го смени името на Македонија“ и иако не е напишано името на премиерот Зоран Заев, целосно е провидно дека се работи за него. Во текстот се вели „во модерното време“, но факт е дека Нострадамус никогаш не пишувал конкретно време и неговите стихови можат различно да се толкуваат. Тој, исто така, многу ретко пишувал имиња на земји, а локациите најчесто ги опишувал преку географската местоположба. Нема никаков доказ дека во своите книги тој многупати ја споменува и Македонија. Доколку навистина постои ваков дел за Македонија, нејасно е зошто тој не е во стихови. Неговите пророштва биле пишувани како катрени, односно строфи од четири реда во вид на стихови и загатки. Во написот каде што се тврди дека Нострадамус пишувал за Македонија, текстот што навидум го напишал Нострадамус не е во стихови, туку е прозен текст, што не било случај со творештвото на јасновидецот, пишува  crithink.mk.

Додека пак порталот balkanskapravila.com покрај  текстот има дури и илустрација на слики од Нострадамус и Зоран Заев.

Во Мај 2019 година застрашувачко пророштво на Нострадамус масовно беше реширено низ порталите во Северна Македонија како и во соседна Србија каде што наводно пророкот предвидел дека Папата Франциск ќе биде убиен во Душановиот царски град и дека на тој начин ќе започне Третата светска војна.  „Римски правосвештенику, пази се да не се приближиш во град каде го заплискуваат две реки, бидејќи тука ќе проплукаш крв, во месецот кога цветаат рози„- се вели во оживеаниот препев на починатиот пророк, чие предвидување се дешифрира на порталите: магазин.мксигнал.мк и скопје1.мк. Првично, се верувало дека Нострадамус предвидел трагичниот настан да се случи во Белград, Сепак заговарачите, оваа теорија ја освежуваат со нови податоци, според кои тие упатуваат дека Нострадамус всушност мислел на град Скопје, бидејќи тука течат две реки Вардар и Треска, а во 1346 година, бил крунисан српскиот цар Душан.[2]Папата ја заврши посетата на Република Северна Македонија на 07.05.2019 и повторно наводното пророштво на Нострадамус се покажа како неточно.

Последната злоупотреба на пророштвата на Нострадамус е тоа дека тој ја предвидел пандемијата на КОВИД-19 и спасувачката улога на Кина. Наводно во неговите пророштва тој спомнал „голема чума“ што ќе беснее во „морски град“ и „благородна дама“ која интервенира и  се бори. „Морскиот град“ бил идентификуван со Хонг Конг, тврдејќи дека во иднина ќе биде сериозно засегнат од вирусот, а „Благородната дама“ што ќе го спаси светот од вирусот е или Кина, или некоја женска  фигура во кинеската влада.[3]

Тимот за борба против лажни вести на Европската унија ја проследи приказната за Нострадамус, чии варијации сега се широко распространети на Интернет, до пропагандниот центар, Ukraina.ru, создаден за промовирање на руската позиција за Украина и Крим. Интернет-порталот за вести „Ukraina.ru“ работи од Москва од јуни 2014 година уште од раните денови на конфликтот во Украина. [4]

Според тоа може да се заклучи дека пророштвата на Нострадамус низ историјата претставувале неисцрпна тема за ширење на пропаганда и лажни вести, а се со цел да го убедат читателот да поверува во одредена вест или информација, која директно или постапно ќе го наведе кон одредено однесување или постапување. Пропагандата е развиена вештина за социјално програмирање на однесувањето на масите или на одделни популациски групи, па согласно тоа кај читателот треба да има развиено критичко мислење за да може да разграничи дали информациите кои што му се секојдневно пласирани доаѓаат од проверен и кредибилен извор или пак се работи за дезинформација, пропаганда и ширење на лажни вести.

[1] http://hoaxes.org/archive/permalink/the_prophecies_of_nostradamus

[2]https://f2n2.mk/%d0%b8%d1%81%d1%82%d0%be%d1%80%d0%b8%d1%81%d0%ba%d0%b0%d1%82%d0%b0-%d0%bf%d0%be%d1%81%d0%b5%d1%82%d0%b0-%d0%bd%d0%b0-%d0%bf%d0%b0%d0%bf%d0%b0%d1%82%d0%b0-%d0%b3%d0%be-%d0%be%d0%b6%d0%b8%d0%b2%d0%b5/

[3] https://euvsdisinfo.eu/nostradamus-and-coronavirus/

[4] https://bitterwinter.org/coronavirus-twitter-and-nostradamus-chinese-fake-news/

Share via
Copy link