Во време на кризи со порастот на неизвесноста и непредвидливоста на настаните, расте и стравот. Процесот на вообичаената реалност е прекинат, нашите рутини се нарушени, нашите планови и очекувања се загрозени, се чувствуваме лесно повредливи и преплашени. Медиумите можат многу да го олеснат ширењето на стравот, а особено Интернетот кој денес е најмоќна платформа за циркулација на информации. 

Ширењето на стравот се манифестира во две главни појави, проекција и параноја. Проекцијата е сложена психолошка појава која во суштина е одбранбен механизам. Преку него свеста се брани од поствесните импулси и стравови со тоа што ги негира нив и ги префрла на некого или нешто друго. Еден од најчестите примери на психолошката проекција е лажното обвинување, во кое нешто што ни ја копка грижата на совест го префрламе или предимензионираме кај другите. Јавните личности и политичарите често се обидуваат да ја смират својата совест и лични морални искушенија со тоа што жестоко ги напаѓаат своите противници за одредена неморалност или наводен криминал. Ако не успееме да се справиме со стравот преку проекцијата и слични одбранбени механизми, стравот зема замав и се шири сè повеќе. Губењето контрола врз стравот предизвикува различни форми на морална паника, масовен страв или пак параноја. Паранојата е појава кога поради страв почнуваме да се однесуваме ирационално и почнуваме да чувствуваме одредени заблуди или илузии како реални. Засилената улога на медиумите и интернетот во нашето секојдневие ги забрзува процесите на психолошката проекција и ширењето на паранојата. Низ секојдневната комуникација сведочиме како другите прифаќаат такви идеи (сите така прават!), а нашиот отпор кон нив слабее со што ирационалното се „нормализира“. Токму во овие фази и овие прихолошки вонредни состојби теориите на заговор виреат и се шират. Ирационалното се пробива во реалноста и ја запоседнува нашата комуникација и колективна свест. Стравот се канализира низ нив и циркулира забрзано низ општеството. Како што врескаме кога сме под некаков силен страв, така и теориите на заговор се еден колективен вресок предизвикан од стравот со кој не можеме да се справиме. Споделувањето на стравот со другите во вакви симболички кодирани форми ни олеснува на душичката и поцврсто нè врзува со социјалните групи во кои припаѓаме и каде го бараме спасот за своето беспомошно Јас. Кризите поттикнуваат теории на заговор, тоа е константа низ човековата историја. Една од слабо документираните, но сепак доволно забележана, теорија на заговор во текот на пандемијата на Шпанскиот грип во 1918 и 1919 година е дека радио брановите и радио антените го пренесуваат грипот. Историјата денес се повторува со фамозниот 5G систем и покажува дека човековите стравови често се обидуваме да ги разрешиме низ исти механизми и преку слични форми, а биолошкиот вирус повторно е проследен од сличен комуникациски вирус. Теоријата дека радио брановите го пренесуваат грипот не била единствена теорија на заговор за шпанскиот грип. Пред тој воопшто да стане познат како „шпански“, секоја од поголемите земји каде се појавил вирусот имала термин со кој се обвинувала друга земја за неговото појавување. Во Русија грипот бил нарекуван „кинеска болест“, во Германија „руска куга“, во Јапонија „американска болест“, а Италијанците пак ја ословувале како „германска болест“. Згора на тоа, овој термин и поврзувањето на грипот со Германија во контекст на нејзиниот пораз во Првата светска војна, била прошируван заговорот дека тие го ширеле грипот преку апчињата произведувани од германската компанија Бајер, па луѓето масовно ги избегнувале нивните лекови. Секако, историски гледано, една од најопасните теории на заговор е онаа предизвикана со објавувањето на „Протоколите на Сионските мудреци“. Оваа теорија на заговор од „популарна теорија“ подоцна стана една од главните причини за холокаустот и предизвикување на светска војна. Потписник на главниот преттекст на оваа теорија е Сергеј Нилус, кој за првпат го објавува целокупното издание на овој текст во 1903 година. „Протоколите“ се фабрикуван текст кој бил претставен и ширен како фактографски и за своето време, во таква печатена форма, бил еден вид вирална лажна вест, односно fake news, која била преведена на неколку јазици и многу бргу се проширила низ светот. Во текстот се вклучени преработени делови, односно плагијати, од постари текстови од кои значителен дел не биле антисемитски. Главна тема на текстот, првично објавуван во форма на написи во весникот Знамя, е напишан во форма на записник од состанок, е разоткривање на наводниот заговор за доминација со светот во кој лидерите на еврејскиот народ дебатираат како да го подријат моралниот систем на другите народи преку контрола на економијата и на печатот. Во стил кој помалку наликува на Толстој и Достоевски, со употреба на многу француски зборови, авторот се обидува да ги прикрие изворите, но и каде и кога е напишан текстот. Според истражувачите, првичната форма на текстот била пародиска и шеговита, користена главно за забава на припадниците на антисемитските групи во тоа време, но подоцна текстот бил преработен и пречистен за да добие форма на „фактографски записник“. Главните идеи и поенти во текстот се обвиткани со генерализации, труизми и фрази (во текстот нема имиња, датуми, локации, и сл.), кои не даваат специфични информации, нешто што е типично и за денешниот јазик на теориите на заговор. Во Протоколите се преработени и плагијаризирани делови од различни текстови, како што е „Дијалог во пеколот помеѓу Макијавели и Монтескје“, претежно на тема макијавелистички принципи за контрола врз економијата, долговите и печатот. Во него се вклучени голем број попупарни идеи на тема заговори познати уште од периодот на макијавелизмот и језуитството, како што се уништување на верата преку материјализмот, застрашување со пророштвото за еврејскиот месија, контрола на популацијата со економско ропство и задолжување, и редица други идеи присутни и до ден денес во различни форми. „Протоколите“ секако се производ на своето време, а историскиот контекст е порастот на антисемитските сентименти во Русија во текот на втората половина на XIX век. По поделбата на Полско-Литванскиот сојуз кон крајот на XVIII век, Царска Русија презела територии со бројна еврејска популација. Ним постепено им биле делегирани одредени политички права за самоорганизирање во одредени географски подрачја од денешна Полска, кон што имало голем отпор од одредени слоеви на руското општество. По забранувањето на одредени форми на самоорганизација, биле проширувани гласини дека тие продолжувале да функционираат тајно и дека се обидуваат да го поткопаат царството. Политичките превирања придонеле да се засилат овие гласини и шпекулации за еврејски заговор против империјата и креирање на тајна влада и наводна „држава во држава“. Овие теории имале важна улога и во политичкиот живот на царството, особено по атентатот на рускиот цар Александар II. Политичките премрежија и конфликти резултирале во зачестени погроми на еврејската популација во Русија и источна Европа, кои датирале уште од 1821 година. Без да навлегуваме во сите историски детали на оваа тема, јасно е дека „Протоколите“ биле печатена верзија на една теорија на заговор, која не само што произлегла од одреден општествено-политички контекст и историски период, туку и била креирана за да влијае врз политичките процеси и општествената реалност во интерес на одредени групи во борба за моќ. Не се работи само за „теорија“, туку за текстуална предлошка за политички процеси, конфликти, војни за да послужат како „оправдување“ на невидени злосторства и уништување. Зборот „погром“ и во својата етимологија значи „уништување“, како материјално, така и човечко, и довело до огромни човечки трагедии. Опасностите од штетите и негативното влијание на теориите на заговор во модерниот дигитализиран и вмрежен свет беа потценети и на нив главно се гледа како на тривијални рецидиви и преработки на митови и легенди. Нивното потценување одеше до таму што популарните социјални мрежи, како што се YouTube и Facebook, преку своите алгоритми го поттикнуваа нивното ширење само затоа што тие носеа огромен број посети и кликови на нивните платформи. Дури во 2019 година YouTube и Facebook под притисок на професионалните здруженија на новинарите почнаа да отстрануваат голем број содржини кои ги шират теориите на заговор и да ги менуваат алгоритмите кои дотогаш масовно ги препорачуваа содржините со теории на заговор на своите корисници. Како дел од овој потфат беа избришани и каналите „InfoWars“ на американскиот радио-водител Алекс Џонс, еден од главните пропагатори на теориите на заговор. Теориите на заговор имаат свои различни форми и сличности со многу појави во нашата популарна култура, како оние мини-митови за кои сите дебатираме и за кои се расправаме. На пример, дали видео игрите придонесуваат за зголемување на насилството или за сатанистичките сублиминални пораки во хеви-метал музиката. Ова се само некои појави кои се надоврзуваат на проширените идеи и стравови за тајна или сублиминална манипулација со масите денес. Овие стравови и модерни митови мора да се сфатат сериозно и да се разрешуваат рационално, односно треба што повеќе да се стесни просторот за нивна експлоатација за манипулирање со масите преку поттикнување на ирационално размислување и однесување. Најдобри инструменти кои ги имаме за рационално разоткривање, како впрочем и во времето кога Артур Конан Дојл ги запишувал авантурите на Шерлок Холмс против суереверијата и стравот на обичниот човек, сè уште се истите, наука и истражувања базирани на потврдени факти. Тоа е страната која секогаш мора да ја имаме во предвид и каде треба да ги проверуваме своите верувања, стравувања и други модерни нелагодности и дилеми.  Сеад Џигал
logo

ФИНАНСИРАНО ОД

sponsor

Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД

ПАРТНЕРСТВО

sponsor
© 2023 F2N2.