РЕАКЦИЈА НА Ф2Н2 НА ГОВОРОТ НА ОМРАЗА КОН ФОНДАЦИЈАТА МЕТАМОРФОЗИС

Тимот на Ф2Н2 го осудува говорот на омраза што се шири против фондацијата Метаморфозис, по објавувањето на текст во порталот Лидер со наслов „(ФОТО) ова се луѓето кои бришат содржини од Фејсбук во Македонија“. Текстот беше објавен и од други портали и беше споделен на социјалните мрежи, по што предизвика ширење на говор на омраза упатен кон тимот на Метаморфозис. Уште еднаш, најостро го осудуваме секој говор на омраза за кого нема место во едно демократско општество за какво сите ние се залагаме.

Во продолжение следи оригиналната реакција на Метаморфозис.

 

Клевета е дека вработени во Метаморфозис бришат содржини од Фејсбук

На ден 12.11.2020 година на веб-сајтот www.lider.com.mk е објавен текст со наслов „(ФОТО) Ова се луѓето кои бришат содржини од Facebook во Македонија!“ во кој се наведени повеќе невистинити тврдења кои можат да се окарактеризираат како клевети.

Меѓу другото во спорниот текст е објавен колаж од фотографии од дел од вработените во Фондацијата „Метаморфозис“, а во насловот пишува дека тоа се луѓето што бришеле содржини од социјалната мрежа „Фејсбук“. Подолу во текстот се наведени имињата и презимињата на скоро сите вработени.

Поточно во текстот се наведува:

„Во изминатите месеци на facebook може да се забележи дека често се отстрануваат содржини. Ова се случува откако социјалната мрежа лансираше програма за fact checking.

Во Македонија, регистрирани факт чекери се од невладината организација Метаморфозис, кои имаат своја платформа.

Во импресумот на оваа невладина организација стои дека таму работат Бардхил Јашари, Филип Стојановски, Марија Панчевска, Кендреса Сулејмани, Горан Ризов, Елена Стојановска, Владимир Петрески, Зоран Андоновски, Елида Зилбеари, Виолета Глигороска, Мила Јосифовска Даниловска, Филип Нешкоски, Калин Марковиќ, Виолета Јончевска, Анита Милановска, Елена Стојанова, Бојан Блажевски, Гоце Арсовски, Драган Куциров, Мирон Кали, Фросина Ѓоргиева, Валон Абдиу, Марија Василевска, Емилија Ѓорѓиевска, Оливера Војновска, Теофил Блажевски, Сашо Спасоски, Силвана Жежова, Суад Бајрами, Фатбарда Кури и Линдита Бакиу.“

Во интерес на правилно информирање на јавноста, и против наведените злонамерни и клеветнички инсинуации кои претставуваат и притисок врз слободата на говор ве информираме дека:

  • Ниту еден од вработените или надворешните соработници на Фондацијата „Метаморфозис“ не брише туѓи содржини од „Фејсбук“. Такво нешто е невозможно за било кој од вработените во Фондацијата и со тоа овој напис претставува комплетна дезинформација.
  • Фондацијата „Метаморфозис“, односно сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ како потписник на Кодексот на Меѓународната мрежа за проверка на факти, во партнерство со „Фејсбук“ од август годинава започна програма за проверка на факти. Пред почетокот на програмата, јавноста беше информирана за овој дел од борбата против дезинформации, која Фондацијата Метаморфозис ја води во земјата и регионот.
  • Оваа програма воопшто не вклучува опција за отстранување или бришење на каков било начин на содржини од социјалната мрежа. Методологијата на програмата (Facebook’s Third-Party Fact-Checking Program) е јавно објавена и е јасно објаснето дека опфаќа означување на содржини и додавање линк до написи со проверка на факти, а партнерите воопшто немаат можност да отстрануваат содржини.
  • Сите оние што имаат профили на социјалната мрежа „Фејсбук“ како и свои Фејсбук-страници, при нивната регистрација се согласуваат на правилата за користење. Санкционирањето на непридржувањето до овие правила на користење не е дел од партнерството на „Фејсбук“ со „Метаморфозис“.
  • „Фејсбук“ од 2016 година е членка на Кодексот на ЕУ за спротивставување на нелегален говор на омраза онлајн и отстранувањето на содржини по тој основ го врши директно платформата, а не партнерите. Така на пример „Фејсбук“ во јули објави дека има над 35.000 вработени кои работаат на безбедноста и дека само во првото тромесечие на 2020 г. отстаниле над 9,6 милиони содржини. Периодичниот мониторинг на ЕУ го потврди напредокот на платформата во борбата против говор на омраза преку информирање на корисниците, овозможување да се пријават злоупотреби и отстранување содржини кои ги кршат правилата кои се обврзни за сите корисници. Овие механизми не се дел од партнерството на Фејсбук со организациите за проверка на факти.
  • Објавувањето на фотографии на вработените во Фондацијата „Метаморфозис“, кои патем не се ниту поврзани со програмата за проверка на факти на „Фејсбук“, како и испишувањето на имињата и презимињата на скоро сите вработени, го сметаме за исклучително злонамерно неновинарско однесување, кое претставува повик на јавен линч и тоа најостро го осудуваме.
  • Дополнителна штета се прави со објавување на имиња на лица кои одамна не се дел од тимот на „Метаморфозис“, што преставува уште една груба манипулација и дезинформација.
  • Спротивно на новинарската етика, ниту еден од медиумите што ги имаат објавено клеветничките написи нема побарано коментар од „Метаморфозис“ ниту од било која друга засегната страна, што е во директна спротивност на Кодексот на новинари на Македонија.

Жално е што, наместо транспарентноста на Фондацијата „Метаморфозис“ да служи за пример, таа се злоупотребува за заплашување, повикување на јавен линч и ширење на дезинформации.

Тоа е всушност токму она против што Фондацијата „Метаморфозис“ се залага во својата работа.

Со објавувањето на ваквите невистинити тврдења се нанесува голема штета на угледот на Фондацијата „Метаморфозис“ и на сите вработени. Воедно, се загрозува безбедноста на вработените преку повик за јавен линч.

Написи што водат до овој напис беа споделени и на веб-сајтовите kurir.mk, netpress.com.mk, bregalnicki.mk, и times.com.mk. Воедно, написот беше споделен на социјалните мрежи најмалку 20 пати, меѓу другото и од страна на Фејсбук страници на две политички партии. Во голем дел од случаите коментарите на споделениот напис содржат говор на омраза и повици на линч, што вклучува повици вработените на Метаморфозис да „висат на бандера“, да им се однесат посмртни венци, да се разболат од корона вирус, да бидат плукани и сл.

Оттука, согласно член 16 на Уставот на РепубликаСеверна Македонија и  член 14 од Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда, како и според членот 3 од Кодексот на новинари, бараме во целост да го објавите овој демант на текстот со наслов „(ФОТО) Ова се луѓето кои бришат содржини од Facebook во Македонија!“ објавен на 12.11.2020 година. Бараме демантот да се објави веднаш и на истото место и на ист начин како што е објавен текстот со наведените клевети.

 

Share via
Copy link
Powered by Social Snap