РЕГИОНАЛНА КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА МЕДИУМСКА ПИСМЕНОСТ ЕУ-ЗАПАДЕН БАЛКАН: „ГРАДЕЊЕ ОТПОРНОСТ КОН ДЕЗИНФОРМАЦИИТЕ“

На 27 септември во Музејот на современа уметност во Скопје се одржа регионална конференција за медиумска писменост која беше организирана од страна на Македонскиот институт за  медиуми (МИМ) и Делегацијата на ЕУ во земјава. На конференцијата свое обраќање имаа повеќе од 20 говорници, водечки претставници на државните институции, граѓанското општество, академската фела, помеѓу кои претседателот Стево Пендаровски, високиот претставник на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската Комисија Жозеп Борел (видеообраќање) како и евроамбасадорот во земјава, Дејвид Гир. Оваa конференција е втора по ред која се организира со поддршка од ЕУ, по онаа која што се одржа во Сараево и Бања Лука во 2020 година.

Прв се обрати претседателот Пендаровски кој помеѓу другото истакна: „Кампањите за дезинформирање ја поларизираат јавната дебата, негативно влијаат врз политичките процеси, ја нарушуваат довербата на граѓаните во институциите и ја еродираат општествената кохезија. Поради нивниот потенцијал да ги поткопуваат демократските вредности, дезинформациите можат да ја дестабилизираат и самата држава. Токму затоа, многу држави во светот ги препознаваат и ги третираат дезинформациите како една од приоритетните закани за нивната национална безбедност. Во неодамнешниот стратешки извештај за сопствениот капацитет во оваа област и Европската Унија констатира дека кампањите за дезинформирање се една од главните форми на притисок врз демократските модели на владеење.“

Високиот претставник Жозеп Борел преку видеообраќање истакна дека дезинформациите претставуваат закана за демократијата во светот и дека сето тоа беше особено видливо за време на пандемијата со КОВИД-19, кога дезинформациите влијаеја врз граѓаните и предизвикаа поларизација на општествата, а доведоа и до опасност по здравјето на луѓето, поради лажните информации кои беа достапни особено преку социјалните мрежи. Борел исто така потсети дека за неколку дена ќе се одржи клучниот самит ЕУ-Западен Балкан, посочувајќи дека нема сомнение дека Западен Балкан е срцето на Европа и дека Унијата има одговорност за градење мирна, просперитетна и обединета Европа.

Евроамбасадорот Дејвид Гир на конференцијата во своето обраќање помеѓу другото истакна:
„Во последно време и за време на пандемијата, сведоци сме на тоа колкава моќ имаат дезинформациите, и колкава вистинска цена тоа зема на животите на луѓето и нивната добросостојба. Ја видовме нивната огромна моќ да допрат не само до локалната публика, туку исто така и како локалните извори можат да ги амплифицираат малициозните содржини.“ Тој исто така наведе дека отпорноста кон дезинформациите во Западен Балкан е слаба и дека постои голема недоверба во науката.

На оваа конференција свое обраќање на првиот панел од конференцијата имаше и Росана Алексоска, менаџер на програмата за борба против лажните вести и наративи на МОСТ – FN, која презентираше наоди од студија за доминантните наративи и дезинформации во Северна Македонија во 2020 година. Алексоска истакна дека „поларизирачки наративи кои креираат длабоки поделби беа употребени за да се искористат длабоко вкоренетите чувства или (погрешни) верувања со цел да се дискредитираат различни актери, вклучувајќи во некои од случаите западни институции. Овие наративи имаа за цел да поттикнат страв, сомнеж и да внесат забуна кај граѓаните во врска со одредени политички настани, теми, институции или процеси.“

Алексоска исто така ги презентираше и главните наоди и заклучоци произлезени од студијата:

  • Заедничка карактеристика за сите наративи е нивната анти-западна ориентација и подривањето на некои од стратешките цели на државата, како што е евроатлантската интеграција;
  • Се користат различни механизми и техники за дезинформирање на граѓаните;
  • Забележан е константен тренд на дисеминација кој го користи огромниот потенцијал за амплификација на овие наративи на социјалните медиуми;
  • Шемите на амплификација откриваат еко-системи кои се поврзани со некои анти-западни портали на кои се продуцираат или преземаат дезинформации, кои потоа, како што се чини, координирано се дисеминираат.

Националниот координатор за стратегиски комуникации во Владата на Северна Македонија, Марјан Забрчанец, исто така беше говорник на првиот панел, при што го истакна следното:
Јас не мислам дека нашите напори треба примарно да бидат насочени кон директно отстранување на изворите на дезинформации, бидејќи тоа не зависи од нас. Многу е тешко да отстранувате нешто што не сте го создале или за што немате одговорност. Нашите напори треба да бидат насочени кон анализа и имање разбирање, длабинско дефинирање на проблемот и обезбедување пред се контранаративи, односно промоција на она што значи прогресивна демократска приказна.“

 

Конференцијата можете да ја погледнете на следниов линк

Share via
Copy link
Powered by Social Snap